Повеќе од 21.000 евра непријавена готовина биле откриени при четиридневна меѓународна операција на аеродромот „Адолфо Суарез Мадрид-Барахас“, насочена кон спречување нелегално изнесување пари од Европската Унија, соопшти во средата Фронтекс.
Во операцијата „Aerial Cash Routes“, предводена од Шпанија и Грција и поддржана од Фронтекс, учествувале царински и полициски службеници од седум земји.
Акцијата била насочена кон патници кои од ЕУ кон трети земји пренесуваат готовина над 10.000 евра без да ја пријават. Според Фронтекс, ваквиот начин на пренесување пари често се користи за движење на приходи стекнати од криминални активности.
Во текот на операцијата биле откриени вкупно 21.285 евра непријавена готовина.
Во еден од случаите, службениците запреле лице кое патувало за Кина со малолетно лице и имало пријавено три големи куфери.
При контролата била пронајдена готовина скриена во еден од куферите, а дополнителни пари биле сокриени во пакувања со храна за детето и меѓу неговите лични предмети. Парите биле запленети и била поведена царинска постапка.
Фронтекс соопшти дека неговите експерти им помагале на националните служби со искуството стекнато при откривање различни методи за прикривање готовина на надворешните граници на ЕУ.
„Готовината останува еден од главните начини на кои криминалните мрежи пренесуваат вредност преку границите. Таа е анонимна и лесна за пренесување“, соопшти агенцијата.
Според Фронтекс, откривањето и запленувањето на ваквите средства при нивното изнесување од ЕУ може да ги погоди приходите поврзани со трговијата со дрога и други форми на сериозен криминал.
Во операцијата учествувале Белгија, Германија, Грција, Ирска, Португалија и Шпанија, како и Норвешка како партнерска земја. Во акцијата учествувал и Европол.
Операцијата е дел од европската платформа ЕМПАКТ за борба против сериозниот и организираниот криминал и од приоритетот „Tracking Dirty Money“, насочен кон следење на начините на кои криминалните мрежи ги пренесуваат и перат своите приходи.

