Пишува: Ристе Костовски
Кога зборуваме за развојот на една држава, најчесто погледот е насочен кон големите градови, индустријата, инвестициите и инфраструктурата. Но, вистинскиот потенцијал на една земја често се крие надвор од градските центри – во селата, природата, земјоделството и традицијата. Токму тука се среќаваат две области кои можат значително да придонесат за економскиот развој: земјоделството и руралниот туризам.
Основната економска логика е едноставна: ресурсите се ограничени и затоа мора рационално да се користат. Македонија располага со природни, земјоделски и културни ресурси кои можат да претставуваат сериозна конкурентска предност. Прашањето не е дали ги имаме ресурсите, туку дали знаеме правилно да ги претвориме во економска вредност.
Руралниот туризам може да биде еден од одговорите.
Наместо селото да се гледа само како простор за земјоделско производство, треба да се гледа како комплексна туристичка дестинација. Земјоделското производство, локалната храна, традиционалните обичаи, природните убавини, пешачењето, велосипедизмот, винските и овоштарските региони, културно-историските места – сето тоа може да стане дел од една целосна туристичка понуда.
Искуствата од други земји покажуваат дека ова не е само теоретска можност. Финска, на пример, го развива руралниот туризам како дел од пошироката политика на рурален развој, поврзувајќи ги економските, културните и еколошките аспекти. Таму руралниот туризам се темели врз природните капацитети и ресурси, но и врз создавањето квалитетен туристички производ, обука на луѓето и поврзување на локалните актери.
Ова е важна лекција и за Македонија: не е доволно да имаме убаво село, планина, езеро или традиционална храна. Од тоа мора да создадеме производ.
А токму тука се појавува еден од најголемите проблеми – недостигот од координација и континуитет. Во документите за развој на туризмот во Северна Македонија се предвидувале мерки за зголемување на туристичката атрактивност на земјата, како и финансиска поддршка за инвестиции во руралните средини. Во 2013 година било најавено и финансирање на 50 проценти од туристичките инвестиции во рурални области, села и градови со помалку од 30.000 жители.
Тоа покажува дека идејата постоела. Но, како и многупати досега, проблемот не бил само во поставувањето на целите, туку во нивната реализација.
Руралниот развој не може да биде проект кој ќе трае една или две години. Тој бара долгорочна стратегија, институционална координација и континуирана поддршка. Ако една стратегија се менува секогаш кога ќе се смени политичкиот или институционалниот контекст, тогаш тешко може да се очекуваат сериозни резултати.
Особено важно е земјоделството да не се одвојува од туризмот. Земјоделецот може да биде и туристички понудувач. Фармата може да стане туристичка атракција. Винаријата може да биде дел од туристичка рута. Овоштарникот може да понуди искуство за посетителите. Традиционалната храна може да стане причина туристот да остане подолго и да потроши повеќе.
На тој начин, еден производ може да создаде повеќе приходи – за земјоделецот, угостителот, локалниот превозник, производителот на храна, занаетчијата и целата локална заедница.
И тука доаѓаме до суштината на регионалниот развој.
Прекумерната концентрација на економската активност во главниот град создава нерамномерен развој. Малите и руралните средини остануваат со помалку можности, младите се иселуваат, а локалните ресурси остануваат неискористени. Наместо развојот да се концентрира само во неколку урбани центри, потребно е да се препознае потенцијалот на регионите и руралните центри.
Но, за тоа е потребно нешто повеќе од државна субвенција.
Потребни се патишта, дигитална поврзаност, туристичка инфраструктура, обучени кадри, квалитетно сместување, промоција и јасно дефинирани туристички производи. Потребна е и соработка меѓу државата, општините, земјоделците, туристичките работници и локалното население.
Токму институционалната поставеност е еден од клучните предуслови. На државно ниво во развојот на туризмот и руралниот развој се вклучени повеќе институции, додека на регионално ниво постојат осум плански региони. Тоа е добра основа, но бројот на институции сам по себе не значи успех. Вистинското прашање е: дали тие институции работат заедно и дали имаат заедничка, мерлива цел?
Ако нема координација, тогаш и најдобрите стратегии остануваат само документи.
Затоа руралниот туризам треба да престане да се третира како маргинална туристичка гранка. Тој може да биде инструмент за економско оживување на руралните средини. Може да создава нови работни места, да го зголеми пласманот на земјоделските производи, да го зачува културното наследство и да им даде причина на младите да останат или да се вратат во своите места.

