Бришењето на Фејсбук-објавата за Ратко Младиќ не може да го избрише сознанието дека во Владата постојат струи кои го величаат Младиќ, што е само по себе скандал.
Пишува Соња Крамарска
Повеќето влади во светот се најчесто збир од повеќе политички ставови, но секоја влада внимава разликите да не ја преминат црвената линија. Во Северна Македонијакованицата „црвена линија“ пречесто се употребува, но речиси никогаш во вистинската смисла на нејзиното значење. Никој од сегашната Влада, на пример, не рече дека величањето на Ратко Младиќ од страна на владиниот функционер Далибор Китановиќ ја преминало црвената линија на идеолошко-моралниот кодекс на нејзината политичка архитектура. А се случи токму тоа.
Како никој да не отиде подлабоко од површинскиот поглед на тој неморален испад да види дека под површината на една порака која ја става под лупа целата морална димензија на нашата држава се крие уште поголем скандал. А тој скандал е дека во Владата постојат струи за кои Младиќ е морален компас и херој на постјугословенското време. А тоа е прилично сериозен проблем за една држава која себеси се претставува како проевропска, пацифистичка и особено држава која во своите граници негува повеќе етнички заедници.
Но, ете и тоа го дочекавме. Жуборкањето на овие Младиќеви сили не може да се избрише како што беше избришана Фејсбук-објавата на Китановиќ. Треба да се нотира и дека Китановиќ не го избриша постот поради морално или политичко покајание, туку за да ја спаси својата фотелја. Овој непримерен испад заврши со оставка само за да не се загуби функцијата. Значи од лукративни, а не од морални или политички причини.
Никој не ѝ се извини на Сребреница
Притоа не слушнавме ниту извинување до жртвите на Ратко Младиќ. На Сребреница,како глобален синоним за бестијалноста на еден човечки ум кога ќе добие в раце оружје и кога пред себе ќе види беспомошни невооружени луѓе, не ѝ е важно некој си таму директор во Скопје да се извини. Тоа е повеќе важно за македонскиот народ, за сите заедници што живеат во Северна Македонија и конечно за регионалниот, па и меѓународниот углед на државата на кој никој не помисли. Граѓаните на оваа држава треба да бидат сигурни дека во Владата и нејзината орбита не шета духот на еден докажан злосторник кој не запре убиствен поход ниту пред погледите на невините деца и нивните мајки.
Дури ни од премиерот Мицкоски немаше извинување до жртвите од Сребреница, со што ќе демонстрираше човечка и политичка дистанца од славењето на Младиќ. Тоа значи дека самата тежина на чинот што го направи функционерот на Демократската партија на Србите во Македонија, е потценета таму каде што не смееше да биде потценета – во Владата. Добрососедството е една работа, а толерирањето на политичари кои не признаваат дела како геноцид, е друга работа, и нашата Влада не смее да ги меша тие две нешта. Ако една таква сериозна тема е квалификувана како индивидуален чин и соло настап на Китановиќ, а така вели премиерот, тогаш заклучокот е дека државата ја предводи Влада во која секоја партија си води своја политика. Влада во која секој си го гледа својот интерес на сметка на заедничкиот и интересот на државата.
Оттука, истапот на Китановиќ е коалициски удар токму врз Владата и нејзиниот углед. Премиерот требаше прв да го забележи тој удар и да реагира наместо со денови мирно да ја набљудува полемиката во јавноста и да чека медиумите да го прашаат за став. Тоа не е проактивен однос кон проблемите, туку обид тие да се заташкаат за да не се наруши коалицискиот мир.
Српскиот облак над С.Македонија
Инаку неодамна во јавноста имаше интервју на некогашниот министер за одбрана во кое тој раскажа за односот на српската војска при договорите со македонскиот државен врв за повлекување на ЈНА од наша територија. Од интервјуто јавноста првпат дозна дека тогашниот претседател Киро Глигоров бил физички и вербално напаѓан од воените јастреби на генералот на ЈНА, Аџиќ. Односот кон претседателот и министерот за одбрана на тогашна Македонија доволно говори за тоа како српскиот генерал гледал на територијалното и политичко осамостојување на нашата држава.
Но, ако тогаш сѐ уште над Македонија бил надвиснат југословенскиот и српскиот облак, па заради повисока цел скандалот бил премолчен, денес, по 35 години, белки заслужуваме на српската хегемонија да гледаме со поголема зрелост, самостојност и свест за посебноста на нашата држава, наместо со кукавичлук сѐ уште да се додворуваме на Белград. Тоа не важи само за поклониците на Ратко Младиќ, туку и за целата Влада, бидејќи не смогна сили да разреши еден функционер од втор ешалон кој прави херој од убиец. Само со негово разрешување Владата ќе покажеше дека има цврсти морални и етички начела и дека ја разбира во целост позицијата на демократскиот свет кој препозна во Младиќ воен злосторник и архитект на геноцидот во Сребреница. (DW)

