13.8 C
Скопје
2 октомври, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Член 3: човекот во средиштето на здравствениот систем

Од циклусот „Кон здравствен устав“

Пишува: проф. д-р Драган Даниловски

Преку циклусoт „Кон здравствен устав“ се обидувам да ги поставам принципите врз кои би требало долгорочно да почива нашиот здравствен систем. Тоа се принципи кои мора да ги надживеат владините мандати и здравствените политики.

По Преамбулата и првите два члена, стигнавме до можеби најважниот, трет принцип: местото на човекот во здравствениот систем.

„Здравствен устав“ не е исто што и „Стратегија за здравство“! Тие треба да бидат два одвоени, но комплементарни документи.

„Здравствениот устав“ треба да ги утврди трајните принципи и вредности на здравствениот систем.

,,Стратегијата”, пак, би кажувала како тие принципи ќе се претворат во конкретни цели, приоритети, мерки и рокови во одреден (најчесто десетгодишен) период.

(Линковите до претходните текстови од овој циклус се наоѓаат на крајот на овој текст.)

ЧЛЕН 3. ЧОВЕКОТ Е СРЕДИШТЕ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ.

ПРЕД ЧОВЕКОТ ДА СТАНЕ ПАЦИЕНТ

Вистината е дека најчесто човек го забележува здравствениот систем дури тогаш кога ќе му затреба. Значи, кога ќе се појави некаква болка или немир, кога му е потребен лекар, преглед, дијагноза или лекување. Во тој миг, во очите на системот, човекот станува – пациент!

Но, вистинската грижа за здравјето на еден човек мора да започне многу, многу порано.

Таа не смее да чека болеста да се појави. Грижата почнува уште додека човек е здрав – преку чување и унапредување на тоа здравје, преку спречување на ризиците и превенција секогаш кога е тоа можно. Ако болеста сепак се појави, грижата продолжува преку рана дијагноза, лекување и рехабилитација. Таа продолжува и ако настане хронична болест, со потребата од долготрајна поддршка, а тогаш кога целосно излекување веќе не е можно, грижата се состои во ублажување на страдањето, палијативна нега и, над сè, во зачувување на човечкото достоинство.

Медицината лекува кога ќе се појави болеста. Но, грижата започнува многу порано и трае многу подолго!

Низ различните животни фази, потребите на човекот се менуваат, но во суштина, тој останува истиот.

Да се биде фокусиран на пациентот, т.н. пациентоцентричност, е суштината на добрата клиничка медицина. Но, здравствениот систем има многу поширока, „посвета“ одговорност. Таа одговорност започнува уште пред човек да стане пациент и треба да го следи низ целиот живот.

Во средиштето на еден таков систем, пред сè и над сè, се наоѓа човекот!

КОГА ПАТОТ НИЗ СИСТЕМОТ СТАНУВА ТЕЖОК

Овој принцип престанува да биде само теорија и добива сосема конкретно, човечко значење во моментот кога човек ќе ја отвори вратата на здравствениот систем.

Тој пат најчесто започнува во амбулантата на матичниот лекар, па продолжува со „бркање“ упати и термини, чекање пред лаборатории и дијагностички лавиринти, за потоа патот да одведе до друг специјалист, друга болница или на сосема друго ниво на заштита. Секој од овие чекори може да има своја медицинска оправданост. Но, за човекот кој се бори со мака, најважно е сите тие чекори да имаат смисла, да бидат поврзани и разбирливи.

Вистинската тешкотија настанува кога човекот е оставен сам да ги поврзува.

Тогаш тој станува курир на сопствената мака: носи резултати од една установа во друга, пребарува која е следната инстанца каде што треба да се обрати, одново и одново ја раскажува својата болна историја, бара слободен термин како игла во стог сено, а понекогаш е принуден и да повторува испитувања само затоа што некој претходен резултат заглавил некаде низ системските фиоки.

Дури и за човек што лесно се снаоѓа во системот, ова ќе биде заморно. Но, за оној кој е болен, исплашен, повозрасен, осамен, за луѓето со попреченост или за оние со ограничена здравствена и дигитална писменост, истиот пат може да стане сериозна пречка до потребната помош.

Тогаш лошиот менаџмент и организациската фрагментираност стануваат товар директно врз грбот на човекот.

Но, сложеноста на еден систем никогаш не смее да биде казна за човекот!

Системот е тој што мора да ја преземе одговорноста за управување со сопствената сложеност. Информациите треба да го следат човекот, а не тој нив. Болниците и амбулантите мора да комуницираат меѓу себе, а секој следен чекор во лекувањето мора да биде кристално јасен. Патот низ здравствената заштита мора да има континуитет.

Дури тогаш институциите престануваат да бидат ладни, отуѓени острови и стануваат делови од една поврзана целина – организирана околу човекот и неговите потреби.

ГРИЖАТА Е ПОВЕЌЕ ОД ОБИЧНА УСЛУГА

Тука зборот „грижа“ го добива своето вистинско значење.

Здравствената услуга има свој почеток и крај. Завршува прегледот, завршува интервенцијата, завршува болничкиот престој и со тоа приказната за администрацијата е затворена. Но, потребите на човекот не завршуваат со потпишувањето на отпусното писмо. Тие продолжуваат и потоа.

Некој треба да знае што тој човек го чека утре. Резултатот од испитувањата мора сам да стигне таму каде што е потребен. Терапијата мора да продолжи без прекини, контролниот преглед треба да биде однапред организиран, а по болничкото лекување мора да следуваат рехабилитација, следење и долготрајна поддршка секогаш кога тоа е потребно.

Само така, поединечните здравствени услуги престануваат да бидат изолирани настани и стануваат дел од еден поврзан процес.

Секако, грижата има и свое препознатливо човечко лице. Ја гледаме во искреното внимание на лекарот, во трпението и благиот збор на медицинската сестра, во начинот на кој некој со разбирање ќе ни објасни што се случува со нашето здравје и ќе го сослуша нашиот страв.

Но, здравствениот систем е недозволиво да се потпира исклучиво на личната посветеност на поединците кои работат во него.

И најсовесниот лекар, со најголемо срце, може совршено да си ја заврши својата стручна работа, а човекот по излегувањето од неговата ординација сепак да остане изгубен во меѓупросторот помеѓу две ладни институции.

Затоа, грижата мора да биде вградена во самата организација – во дигиталниот проток на информациите, во беспрекорната координација меѓу болниците, во сигурноста по отпуштањето од болница, во постојаната достапност на помошта и во јасната одговорност за секој следен чекор.

Грижата треба да биде организациска особина на здравствениот систем!

Дури тогаш личната пожртвуваност на нашите здравствени работници ќе добие силен системски ветар во грб, а секој од нас ќе го добие потребниот континуитет на грижата.

ЧОВЕКОТ ВО ЦЕЛИНАТА НА СВОЈОТ ЖИВОТ

Кога човек ќе влезе во здравствениот систем, тој носи со себе многу повеќе од својата дијагноза.

Ја носи со себе целата своја животна приказна: своето семејство кое трепери за него, својата работа, своите длабоки стравови, надежи и вредности. Секој од нас има свој начин на кој ја доживува болеста, свои приоритети и, пред сè, свето право да знае што точно се случува со неговото здравје.

Токму затоа, искрениот и разбирлив збор од лекарот не е луксуз, туку е темел на добрата здравствена заштита. Исто како што се и правото на приватност, доверливоста и безрезервното почитување на човечкото достоинство. Кога постојат повеќе медицински оправдани можности, човекот мора јасно да ги разбере ризиците и придобивките од секоја од нив, за да може да каже што му вели срцето, а што разумот.

Тогаш, онаа сувопарна правна фраза „информирана согласност“ оживува и се претвора во процес на разбирање и одлучување. Одлуката тогаш се носи заедно со човекот, а не во негово име зад затворени врати. Тоа е вистинскиот израз на почит кон неговата волја.

А вистинскиот живот на човекот, сепак, продолжува и надвор од ординацијата.

Неговото здравје се крои во средината каде што се родил, каде што растел, учел, каде што работи и старее. Врз него влијаат наследството, животните навики, домот, семејството, образованието, приходите, работната и животната средина, социјалните односи и ризиците на кои е изложен.

Во тој поширок простор започнува грижата за зачувување на здравјето.

Вакцинацијата, здравствената едукација уште од мали нозе, намалувањето на изложеноста на штетни фактори, безбедната вода и храна и здравата животна средина се различни начини да се заштити здравјето пред да се појави болеста.

Тоа е точката каде што се среќаваат индивидуалната медицина и јавното здравје.

И тука станува јасно зошто човекот, а не само пациентот, треба да биде средиште на здравствениот систем.

КАКО ИЗГЛЕДА СИСТЕМОТ ОД ПЕРСПЕКТИВА НА ЧОВЕКОТ?

Од овој принцип природно произлегува едно многу едноставно, но непогрешливо мерило за секоја промена во здравството.

Секогаш кога се воведува некој нов начин на закажување прегледи, нова дигитална платформа, административна процедура, нов организациски модел или кога се најавува голема здравствена реформа, вреди да го поставиме следното прашање:

Дали ова му го олеснува патот на човекот низ здравствениот систем или дополнително му го усложнува?

Дури потоа може да следат поконкретни прашања како што се:

Дали здравствената заштита навистина станува подостапна за секого? Дали се намалува непотребното чекање? Дали медицинските информации сами го следат човекот или тој сè уште ,,трча” по нив? Дали е зачуван континуитетот (на информациите)? Дали решението останува достапно и за оние што потешко се снаоѓаат во системот?

Одговорите на овие прашања ни покажуваат како здравствениот систем навистина изгледа од перспектива на обичниот човек.

А токму низ тие очи – низ очите на човекот – мора да се мери вредноста на секоја реформа!

ХОМОЦЕНТРИЧЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ: СОЗДАДЕН ЗА ЧОВЕКОТ

Сега можеме да му дадеме име на принципот што се провлекува низ целиот текст.

Тоа е хомоцентричен здравствен систем.

Што значи тоа?

Тоа значи дека таков систем го гледа човекот во неговата целост, низ целиот негов животен пат, разбирајќи дека неговото здравје е нераскинливо поврзано со животот што го живее. Тој се грижи да го зачува неговото здравје, прави сè за да спречи болест пред таа да се појави, а ако тоа се случи, му обезбедува навремено дијагностицирање и лекување. Но, тој не го напушта ниту потоа – тој останува континуирано до него низ рехабилитацијата, низ соочувањето со хроничните дијагнози, низ достоинственото стареење и во тек на палијативната грижа.

Овој систем безрезервно ги почитува достоинството и слободната волја на секој поединец, овозможувајќи му да учествува во секоја одлука што се однесува на неговото здравје.

Во еден таков свет, болниците, медицинските професии, врвната наука и најмодерната технологија престануваат да бидат ладни алатки. Тие конечно се поврзуваат во една заедничка цел: човекот да ја добива грижата што му е потребна, тогаш кога му е потребна, во текот на целиот живот!

Нивната смисла, на крајот, се мери преку здравјето, достоинството и потребите на човекот.

Затоа што:
Човекот не постои заради здравствениот систем. Здравствениот систем постои заради човекот.

(Продолжува)
_____________
Претходни текстови од циклусот „Кон здравствен устав“:

– ЧЛЕН 2: ПРАВИЧНОСТ ВО ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА, текст објавен на 15 септември 2026 година, достапен е овде: https://www.facebook.com/share/p/151gnBfLtWa/

– „ЧЛЕН 1: ЗДРАВЈЕТО КАКО НАЦИОНАЛЕН СТРАТЕШКИ ИНТЕРЕС“, текст објавен на 1 септември 2026 година, достапен е овде: https://www.facebook.com/share/p/19eXgajCQN/

– „Преамбула“ од циклусот „Кон здравствен устав“, текст објавен на 14 јули 2026 година, е достапен овде: https://www.facebook.com/share/p/1LYiSWiqoE/

– „ВРЕМЕ Е ЗА ‘ЗДРАВСТВЕН УСТАВ’“, текст што ѝ претходеше на „Преамбулата“, објавен на 30 јуни 2026 година, е достапен овде:
https://www.facebook.com/share/p/1FBoZhiaHd/

Related posts

Поддршка за градење бренд во македонската економија

admin

Зошто политиката кај нас е најпрофитабилна професија (бизнис)

admin

БАЛКАНОТ КАКО ПОЛЕ НА АБСУРДНОСТА

admin

Индекс на политички интегритет: Случај – Именувања во управни и надзорни одбори

admin

Кампањата не го почека распишувањето на изборите

admin

Универзитетската автономија и границите на реформата во високото образование

admin