-3.2 C
Скопје
14 декември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Ќе дојде ли ред да се дише чист воздух?

Секоја грејна сезона ја отвора старата болна тема-загаден воздух. Во овој период од годината, македонските градови со години се на светската листа на места со најлош квалитет на амбиенталниот воздух. Граѓанскиот инспекциски совет одржа јавната дебата „Како да се намали загадувањето на воздухот?“

Пишува: Катерина Топалова

Независни советници од иницијативите „Независните од Карпош“, „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Подобро за Тетово“, Стига е“, „Поинаку“укажаа на низа проблемите во своите општини со аерозагадувањето. Побараа мониторинг без кој е невозможно какво било планирање и креирање стратегија за мерки, инспекции, нивна опременост, анализи и долгорочни политики за да се намалат загадувачките трендови.

Независниот советник од иницијативата „Шанса за Центар“, Јане Димески смета дека  повеќе од 10 години се зборува што и како треба да се направи, темата стигна во политичкиот мејнстрим, но чувствува дека нема помрднување од тоа декларативно ниво.

„ Зборуваме 10 години колку ни е загаден воздухот, а особено последните години имаме невидена експанзија на градење. Општина Центар го губи целиот простор кој може да се користи, евентуално да се апсорбира аерозагадувањето. Кога ќе ми текне кои зелени површини ги загубивме, ‘Бристол’, Дом на АРМ, зеленилото кај УКИМ, по булеварот ‘Климент Охридски’, ‘Гологанов’… Изгубивме огромни зелени површини и сето тоа е ‘послано’ со асфалт за паркинзи или е со станбени згради“, забележа тој.

Татјана Стојановска од „Независните од Карпош“ истакна дека не престанува да се алармира за надминати вредности на ПМ10 честици, но оти причинителите не се познати. Недостатокот од локални инспектори претставува сериозен проблем, а локалните власти постојано велат дека прават се` за да им овозможат почист воздух на граѓаните.

„Како загадувањето ќе се реши со еден инспектор за екологија? Со немање градежен инспектор во рамките на општината? Ние во Карпош се соочуваме со горење кабли на кејот (на Вардар), а досегашната реакција е најчесто задоцнета, не може да се открие сторителот, или пак ако се открие не се санкционира и се повторува делото. Лично сметам дека се работи за ранливи категории и потребно е субвенционирање на луѓето и да им се овозможи друг начин да остваруваат финансиски придобивки“, нагласи советничката од Каршош.

Зборувајќи за преземените мерки како што се одредени субвенции за велосипеди, е-тротинети, Стојановска се сложува дека иако се мали сепак треба да се реализираат.

Воздухот не стои, се движи и пренесува од една од друга општина. Притисокот, пред се’, треба да биде кон институциите. За санкционирање на загадувачите во реално време, се сложија на дискусијата.

Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“, кој влезе во Советот на Град Скопје, се осврна на т.н. нискобуџетни мерни станици или т.н. периметарен мониторинг. Амандманот на нивната иницијатива беше прифатен, со цел да почнат да градат хипер-мрежа на станици, за кои вели дека ќе дадат индикативни показатели и ќе бидат во корист на инспекторите на терен.

 

„Поминувањето на амандманот не значи дека ќе биде 100% остварен. Многу амандмани и претходно биле ставени, но неисполнети. Ние како советници мора да буткаме овие ветувања да бидат исполнети“, нагласи тој.

Според него, периметарниот мониторинг би значел поставување на мерни станици околу индустриските објекти, околу самиот комплекс на фабриката да се постави мерна станица и во средината да се постави мерна станица која го следи струењето воздухот. Доколку со закон се постават на сите загадувачи – ќе се знае колкав е нивниот удело и релативно лесно, според правецот на загадување ќе покажат од каде доаѓа.

Посочи дека Град Скопје има надлежност на над 40 оператори со Б-интегрирани дозволи, па сензорите би помогнале против аерозагадувањето.

„Ние можеме да правиме мерки за аерозагадувањето, за бесплатен јавен превоз, пар-непар за возила, забрана за индустрија, но, ако немаме податоци, не можеме да процениме како тие мерки дејствуваат врз намалување на загадувањето“, нагласи креаторот на „МојВоздух“.

Елмедина Абдулаи, советничка од иницијативата „Подобро за Тетово“, спомена дека Тетово во 2015 година со „Југохром“ бил најзагаден град во Европа. Станале рекордери и во светот со 14 пати повисоки вредности на ПМ10 од дозволеното.

„Никој не веруваше дека ќе успееме, но еве Тетово денес има 60% помалку загаден воздух. Тоа покажува дека ако има добра организација меѓу граѓаните, соработка, ако има политичка волја – може да се реши“, посочи Абдулаи.

Со енергетската криза, смета таа, ќе биде тешко да се решава загадувањето од домаќинствата, а полесно од индустријата и јавните објекти.

„Во Тетово уште пред 5 години го направивме тоа што Горјан го предложува за Скопје. Навистина тие мерни станици се евтини, порано политичарите ги викаа ‘од Али експрес’. Но, ги поставивме и си знаеме кога и кој дел од градот е позагаден. Пример, во индустрискиот дел на Тетово има мали фабрики со Б-интегрирани дозволи, таму навечер е најмногу загадено. Што, покажува дека нешто се случува кога сите спијат или инспекторите не работат. Таму каде загадувањето е повеќе од куќите, тогаш е поконцентрирано наутро“, посочи таа.

„Бараме инспекторите да работат 24/7. Ако има загадување во 1 часот навечер, тогаш инспекторите треба веднаш да реагираат. Побаравме и после секоја посета на инсталацијата да се репортира, да знаат граѓаните што е направено. Друг проблем е што имаме 44.000 коли, процентуално најмногу во Македонија. Со законите се дозволи да ги увеземе сите стари коли од Европа, без еколошки стандарди“, нагласи Абдулаи.

Интересна е ситуацијата во Струмица. За проблемите во овој град зборуваше Ѓорѓи Танушев од иницијативата „Стига е“. Иако оваа општина има гасоводна мрежа од 43 километри, сепак, вели дека Струмица е рекордер во загадување.

„Мерките и сите средства не даваат резултат, туку станува се’ полошо. Гледам дека голем дел од луѓето имаат проблем со решение за огрев. Но, навистина, во град каде има две фабрики со А-интегрирана еколошка дозвола, имаме 100-ина со Б, тогаш останува прашање кој ја загадува Струмица? Еден дел од решението е да се активираат општинските инспектори, кои, за жал – ги нема на терен. Тие се неекипирани. Не постојат мерни инструменти со кои би располагале. Нема сертифицирана опрема, ниту тренинг за таа работа“, реагираше Танушев.

Нагласи дека индустријата во Струмица е составена од голем број помали инсталации, кои, пред се’, имаат дрвна индустрија, продажна на текстил и процеси кои не би требало да загадуваат, посебно со достапноста до гасоводна мрежа.

„Мораме да идентификувам кој ја загадува Струмица, можеби треба да се направи мрежа од индикативни мерни станици? Голем проблем е и што раноградинарските оранжерии за затоплување користат 300 кубни метри дрво за една сезона, по оранжерија. Тоа загадува. Но, во исто време, тоа не е единствено што загадува“, рече тој.

Советничката Габриела Илиевска од иницијатива „Поинаку“, смета дека за разлика од сите други градови, Битола има „проблеми помножени со 10“.

„Битола ја има РЕК, болна точката за која никој не сака да зборува. Кај нас скоро нема место каде не е загадено. Дури и кај моликата на Пелистер, дури и таму има загадени делови. Треба системско решение и да се вклучи и државата со поширока стратегија за загадувањето. Како град имаме проблем со енергетскиот комбинат, бидејќи во 70% ја снабдува државата“, рече таа.

Како општина, покрај тензичните Совети, спомена дека имале промена во програмата за животна средина, од 3 на 10,5 милиони денари. Но, најголем проблем е недостатокот на стручен кадар.

„Понатаму, беа доделени 2.500 клими, но ниту едаш не добивме анализа, потврда дали е намалено загадувањето со тие клими? Субвенционираме и велосипеди, но, треба анализа и за нивните бенефити. Немаме ниту една велосипедска патека, а сакаме битолчани да се качат на велосипед?! Плус, имаме само еден инспектор за животна средина. Имаме пријави, но кој ќе ги реализира тие пријави?“, праша Илиевска, додавајќи дека како независни советници и иницијативи може треба да се размислува за некоја поширока мрежа на делување.

По дискусијата на ГИС, присутните собраа листа на конкретни барања до институциите. За локалната самоуправа, меѓу другото, да се носат и спроведуваат Планови за квалитет на амбиенталниот воздух, да се забрани греењето на домаќинствата со нафта и јаглен и да се изработи Регистар на загадувачи на локално ниво. ДУП-овите да се усвојуваат на транспарентен начин, да се обезбедат средства за акредитирани лаборатории, а инспекторатите јавно да ги објавуваат извештаите.

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) беше побарано да има координација на локалните инспектори. ДИЖС да се екипира и со стручен кадар, опрема и да има пристап до акредитирани лаборатории. Понатаму, да се променат стандардните оперативни процедури и листи за проверка при инспекцискиот надзор, да се зголемат вондредните надзори, но да се овозможи правна помош при спроведување на инспекциските пријави.

На дебатата учествуваа и претставници од локалните самоуправи.

Во декември 2021 година, Скопје ги забележал историски најниските вредности на загадување во воздухот, а од О2 иницијатива рекоа дека тоа не се должи само на климатските проблеми. Ја прашаа градоначалничката, Данела Арсовска, кои мерки ќе ги преземе за да го задржи овој тренд?

Градоначалничката вели дека за околу еден месец успеале да исчистат 120 диви депонии кои исто така влијаат на квалитетот на воздухот, а во следните 10 дена ќе се формира „еко совет“ кој ќе носи мерки поврзани со подобрување на аерозагадувањето.

„Овој систем на мерки да биде комплементарен, да се надополнуваат сите меѓусебно, и да можеме во некој сериозен период од шест месеци до една година сите активно да бидат применети како би можеле да направиме нешто посериозно за следната грејна сезона да ја дочекаме без надминување на овие граници коишто ги гледаме“, вели Арсовска.

За ресорното министерство, пак, присутните побараа да се оспособи Централната лабораторија и да се воведе редовно мерење на концентрации на тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди, бензен, прекурсорски супстанци на озонот и хемискиот состав на ПМ2,5. Исто така, редовно да се одржуваат мерните станици, да се донесе Законот за инспекциски надзор во животната средина, Законот за контрола на индустриски емисии, Правилник за квалитет на горива, а тука е и изработката Регистар на загадувачи со А и Б-интегрирани дозволи.

Од Министерството за животна средина со став-имаме 20 мониторинг станици кои само и единствено можат да дадат официјални и правилни податоци, истакна Каја Шукова, претставник од министерството.

„Не можеме да очекуваме дека намалување на загадувањето на воздухот ќе се случи за година, две или три. Мора да се преземат многу мерки. Искуствата на големите метрополи во Европа и во светот покажуваат дека тоа е процес кој што трае 10, 15 па дури и до 20 години“, истакна Шукова.

Од претставниците на НВО секторот и независните советници, имаше барања и до Владата. Бараат да се акредитира државна лабораторија за квалитетот на горивата на Институтот за хемија при ПМФ, ако се знае дека во моментов сите мерења ги вршат две приватни компании кои се и снабдувачи со горива. Исто така, да се обезбедат реални средства за справување со аерозагадувањето, да се усогласат законите поврзани со судски постапки за инспекциските надзори и да се изрекуваат санкции, а притоа да се вршат и обуки за правните служби, судии и обвинители за еколошки проблематики.

Related posts

Како ВМРО-ДПМНЕ (ќе) ги радикализира барањата на партиите на Албанците

admin

Зошто власта и опозицијата не можат да договорат изборни датуми?

admin

Парите се европски не унгарски

admin

Владини фелери и опозициски блефери

admin

ВМРО-ВЛЕН: Ловеа сомови, загризаа китови

admin

Да беше Хичкок жив…

admin