17.8 C
Скопје
27 февруари, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

УЧЕСТВОТО НА МЛАДИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ И ЈАВНИОТ ЖИВОТ САМО ДЕКЛАРАТИВНО

Со цел подобрување на ваквата слика по однос на политичкото учество на младите потребно е дополнително образование на младите за карактеристиките на демократските политички системи и улогата на граѓаните во нив, односно можностите за политичка партиципација и непосредно влијание врз одлуките кои ги засегаат. Потребно е да се вклучат младите во процесите на донесување одлуки, особено на локално ниво и за теми кои се од нивни интерес, преку зајакнување на постоечките институционални можности за партиципација на младите во политиката, особено преку употреба на современите медиуми и информатичко-технолошките алатки

Пушува: Катерина Топалова

Учеството на младите во општествениот и политичкиот живот е процес во кој младите, како активни граѓани, учествуваат, изразуваат мислења и имаат моќ во донесувањето одлуки за прашања што ги засегаат нив. Оттука неминовно се поставува прашањето – колку учеството на младите вклучува „простор“, каде што младите можат да ги искажат своите ставови и мислења, но исто така и можност за донесувачите на одлуки да ги слушаат тие ставови и мислења и да ги земат предвид? Каков е тој процес и колку учеството на младите е важно и за индивидуалните млади луѓе кога се донесуваат одлуки за еден аспект на животот на младото лице? Од бројните истражувања, публикации, студии и објави поврзани со животниот стандард на младите луѓе во С. Македонија, интегрално поврзан и со нивниот општествен статус, може да се увиди дека состојбата е генерално лоша и незадоволителна.

Огромен е процентот на млади луѓе кои се иселуваат од државата, како поради финасиски причини, а најмногу поради неефикасност на системот. Последната студија на Вестминстер фондацијата спроведени истражувања за животот и работата на младите луѓе во Македонија, дава поразителни бројки за учеството и разбирањето на политичкиот живот во државата, давајќи му предност на конзервативниот начин на разбирање и поимање на политичкиот и јавниот живот, водени од истите сфаќања, фаворизирајќи ја нивната поддршка и учество во авторитарно управување и владеење со државата, проследено со примери на ксенофобија, хомофобија и мизогинија. Истражуважето вели дека 59% од младите испитаниците сметаат дека припадниците на ЛГБТ заедницата не треба да имаат место во политиката. Забележително е дека ваквите ригидни ставови често се намалуваат и ублажуваат се до моментот на стапување на јавна функција или било каква јавно промоција или изнесен јавен став.

НИСКО УЧЕСТВО ВО ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Голем дел од младите луѓе кои ќе се решат да останат во државата, ваквата состојба на апатија и разочарување ја гледаат првенствено кон активно учество во јавниот живот преку политичко дејствување. Многу е мал процентот на млади луѓе кои се решаваат да учествуваат во јавниот живот, притоа заобиколувајќи го политичкиот. Следствено на истражувањето, повеќе од 90% од младите признаваат дека никогаш не биле дел од граѓанска или невладинина организација во земјата. Студијата дава информација дека 7% од младите луѓе потврдиле дека се членови на политичка партија, а 20% проценти дека симпатизери. Се разбира овие бројки се далеку поголеми имајќи ја во предвид деликатноста и сепаратизмот кои прозлегува од јавната политичката обоеност, која не се секогаш може точно да се искалкулира.

Најголемата разочараност е рефлектирана во причината зошто младите би се вклучиле активно во јавниот, општествениот и политичкиот живот? 29% од нив би се ангажирале општествено или политички поради невработеност и сиромаштија, а 17% би го сториле тоа борејќи се за правда. Најмал е бројот 2,8% кои би се вклучиле од патриотски причини. Ваквата процентуална застапеност е нормална имајќи го во предвид високиот процент од скоро 60% од младите кои би си заминале од државата, во најголем дел оние на возраст од 25 до 29 години, со ниски семејни примања и кои не изразуваат припадност кон ниту една партија. Сето ова е резултат на немањето институционална пред се, а помалку граѓанска, општествена корозија поттикната од лошите економски и социјални политики. Со тоа се намалува правото, средствата, просторот, можностите како и поддршка да младите учествуваат во донесувањето одлуки и креирањето политики. Не е доволно само да се каже дали младите учествуваат или не.

Постојат различни степени до кои младите можат да се вклучат или да преземат одговорност, во зависност од локалната ситуација, ресурсите, потребите и степенот на искуство. Токму вакви се препораките на голем број од прирачниците и анализите од истражувањата за младински политики, учество и застапување, изработени со поддршка од Европската Унија и Советот на Европа, кои имаат за цел зголемен поттик и учество на младите во јавниот и политичкиот живот. Но реалната слика е сосема поинаква.

Согласно истражувањта политичката привлечност предничи пред граѓанската/јавната. А јавниот ангажман е поширок концепт од какво било друго учество. Граѓанскиот ангажман се смета за процес, а учеството се однесува на физичката активност на младите луѓе. Во анализата на граѓанскиот ангажман и на граѓанското учество, важно е да се земе предвид дека граѓанскиот ангажман е поширок конструкт отколку политичкиот. Политичкиот ангажман е еден од деловите на граѓанскиот ангажман. Па така во поширока смисла, учеството значи процес што ќе обезбеди да се поттикнува политичкото учество на младите луѓе и да им обезбеди средства и начини да станат чинители на нивниот живот и на нивната свет, состојба која е на прилично ниско ниво и по однос на јавно/граѓанско или пак политичко учество, кај нас.

НАМАЛУВАЊЕ НА ИНТЕРЕСОТ ЗА ПОЛИТИКАТА

Студијата на Вестминстер фондацијата вели дека 63% од младите сметаат дека сите политички партии се исти, 35% од младите се информираат за политичките случувања на социјалните мрежи, а нешто помалку од 33% од телевизија, а преку весник се информираат 0,5%, а преку радио 0,1% од анкетираните млади луѓе. Ваквата декаденција ја потврдува и Студијата за млади во Северна Македонија на фондацијата Фридрих Еберт која пак ни ги дава следниве резултати од своите истражувања: Интересот за политика меѓу младите и разговарањето за политички теми е опаднат, односно двојно е помал во споредба со претходната студија.

Само 20,9 % од младите сметаат дека нивните интереси се добро или многу добро претставени во националната политика. 61 % од младите сметаат дека политичарите не се грижат за нивните мислења, додека 73 % сметаат дека треба да имаат повеќе можности за да го кренат својот глас во политиката. 71,3 % од младите сметаат дека „треба да имаме лидер што ќе ја води С. Македонија со цврста рака во интерес на јавното добро“, како и дека „силна партија која ќе го претставува обичниот народ, генерално, е она што ни е потребно во С. Македонија во моментот“ (68,5 %), кои се типични показатели за авторитарност и во пононо време, за приемчивост на популизмот.

Младите имаат високи и загрижувачки скорови на скалите кои го мерат фашизмот и национализмот. Околу 40 % од младите имаат позитивен став кон неформалната политичката партиципација Поголемиот дел од младите кои имаат позитивни ставови веќе учествувале во разни облици на партиципација. Околу 40 % од младите имаат позитивен став кон политичката партиципација кога станува збор за потпишување петиции, учество на протести и учество во активности на волонтерски или граѓански организации. Поголемиот дел од младите кои имаат позитивни ставови, тоа веќе го направиле. Дополнителни 30% од младите учествувале или би учествувале во политички активности онлајн или на социјалните мрежи.

Како препорака со цел подобрување на ваквата слика по однос на политичкото учество на младите потребно е дополнително образование на младите за карактеристиките на демократските политички системи и улогата на граѓаните во нив, односно можностите за политичка партиципација и непосредно влијание врз одлуките кои ги засегаат. Потребно е да се вклучат младите во процесите на донесување одлуки, особено на локално ниво и за теми кои се од нивни интерес, преку зајакнување на постоечките институционални можности за партиципација на младите во политиката, особено преку употреба на современите медиуми и информатичко-технолошките алатки. Потребно е зајакнување на партиските подмладоци во рамките на партиите и зајакнување на демократските принципи на дејствување и носење одлуки во самите партии.

 

КОРИСТЕНИ ИЗВОРИ И ЛИТЕРАТУРА:

  1. Прирачник за младински политики, учество и застапување. Проект финансиран од ЕУ.
  2. Socio – Political Participation of Youth in North Macedonia: Apathy, Optimism or Disappointment? Study 2019. Westminster Foundation for Democracy, North Macedonia.
  3. Студија за млади во Северна Македонија 2018/19, Фондација Фридрих Еберт.
  4. Национална стратегија за млади 2016 – 2025, Агенција за млади и спорт.

5. Акционен план за имплементација на националната стратегија за млади на Република Македонија, Агенција за млади и спорт.

Related posts

Вториот руски фронт во Европа

admin

„Триумфот“ на Русија на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје

admin

ЕВРОПСКА УНИЈА ЗА ПОДОБАР СТАНДАРД И ОТВАРАЊЕ НА НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ

admin

НАРОДНИТЕ ПРЕГОВОРКИ ШТО ГИ КАЛАТ СОВРЕМЕНИТЕ КАЧАЦИ

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin

Осигурителната полиса на НАТО не важи за луѓето што решиле самите да си ја запалат куќата

admin