14.8 C
Скопје
11 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

„Отворен Балкан“ ќе поттикне економски раст, рече Ескобар по средбата со македонска владина делегација во Вашингтон

Иницијативата „Отворен Балкан“ има потенцијал да создаде огромен просперитет за Западен Балкан и ќе поттикне економски раст за сегашните и идните генерации да имаат подобра иднина, изјави за Гласот на Америка Габриел Ескобар, специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, по вчерашната средба со владина делегација на Северна Македонија во Вашингтон.

„Бев многу задоволен што се приклучив на денешниот состанок за Отворен Балкан заедно со претставници од Албанија, Северна Македонија и Србија. Оваа иницијатива има потенцијал да генерира огромен просперитет на Западен Балкан и ќе поттикне економски раст за сегашните и идните генерации да имаат подобра иднина. Ја поддржуваме иницијативата и подготвени сме да ја дадеме нашата поддршка“, изјави Ескобар.

Трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“ во декември минатата година во Тирана потпишаа пет договори, кои ќе треба да овозможат единствен пазар на труд за граѓаните од регионот, и со кои чекањето на границите ќе биде сведено на минимум.

Македонската влада вчера соопшти дека националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска Старова, како и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми, имале средба со Ескобар, во рамки на „студиска посета на САД на регионалната координативна група на иницијативата Отворен Балкан“.

Оттаму соопштија дека тема на разговор била важноста на регионалното поврзување и на слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги, а било истакнато и дека Западен Балкан има недвосмислена европска иднина, како и оти земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок.

„Тие уште еднаш ја потврдија отвореноста на иницијативата за приклучување на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во иднина“, се вели во владиното соопштение, во кое се додава дека „претставниците на Стејт департментот изразија силна и недвосмислена поддршка за европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан и особено за регионалната економска и политичка соработка како што е Отворен Балкан. Иницијативата Oтворен Балкан беше оценета како соработка која дава конкретни резултати, која е препознаена од граѓаните, компаниите и институциите и која е на линија со европските политики и регулативи“.

Во рамки на студиската посета која е во организација на Атлантскиот совет од САД, претставниците на „Отворен Балкан“ од Северна Македонија, Албанија и Србија имале средби и со претставници на Американскиот сенат, како и со претставници на меѓународните организации НЕД, НДИ и ИРИ.

Премиерот на Албанија Еди Рама лани во јули, на прес-конференција за иницијативата „Отворен Балкан“, рече дека до 2023 година регионот ќе биде како зона на Европската Унија.

„Нула минути ќе чекаат граѓаните на границите, исто толку и камионите со стоки. Кој сака нека дојде, добредојдени се сите“, рече тогаш Рама.

Related posts

Ситуацијата на Блискиот Исток не е закана за Македонија

admin

Една четвртина од Собранието на апанажа

admin

Наскоро процесирање на лицата од црната листа на САД?

admin

Полициска акција во Тетово, приведени две лица

admin

Харадинај до косовската опозиција: Зошто се плашите да ме подржите да го рушиме Курти

admin

Камала Харис со зголемено водство пред Трамп, покажа нова анкета

admin