21.8 C
Скопје
11 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ВО МАКЕДОНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ТЕЧЕ-НИШТО НЕ СЕ МЕНУВА

Јохан Волфганг Гете вели: Младоста е недостаток што брзо поминува.

Во Македонија не е така! Во Македонија младоста е вечен недостаток оти не постои! Нашите млади никој не ги слуша, никој не ги прашува! Младите се иднината за една држава, но држава која не гледа своја иднина, нема што да се грижи за младината.

Пишува: Катерина Топалова

Грижата за младината се гледа најмногу во образованието! Ова е сектор што претставува најголемо огледало на безидејната држава!

Реформи од кои редовно никој не е задоволен

Постојано менување – никакви промени. Наместо најпостојан, образованието е сектор кој во земјава е најчесто подложен на промени. Лошите резултати на меѓународните тестирања на учениците се најчест мотив, но ниту една реформа не била до крај изведена, ниту пак се направила по терк на широка дебата и слух на сите инволвирани.

Сериозен пристап, целосна анализа на состојбата и професионална перцепција што треба да се постигне како крајна цел е единствениот исправен пат до суштинските реформи во образованието.

Македонското искуството покажа дека парцијалните пристапи, без издржани анализи, придонесоа само за уназадување на образовниот процес.

Најпресни се негодувањата околу големите образовни реформи најавени од Мила Царовска. Според неа, клучните сегменти на промените стартуваа во прво и во четврто одделение. Најавената палета на промени во концептот наидоа на широко незадоволство, но и покрај јавните негодувања, Царовска не отстапуваше во идеите.

Дали силните реакции што ги има по секоја спомената реформа во образованието се случуваат поради судир на идеолошки концепти, политика, незнаење или нешто сосема друго?

На почетокот од сè има еден заеднички именител, а тоа е дека сите се согласни дека на македонскиот образовен систем му се потребни итни реформи.

Политиката – вечен образовен реформатор

Во македонското образование, политиката е исклучително влијателна и присутна бидејќи долги години најмногу интересите и мотивите на политиката го креирале нивото на целиот воспитно-образовен систем. Сега самата политика гледа што креирала. Без разлика во кое време и во кој период. Последиците се исти.

Во уште еден невидлив дел спаѓаат интересите, верувањата, мотивите, предрасудите, стереотипите, стравовите на луѓето кои се вклучени во образованието директно и/или индиректно, вклучувајќи ги и родителите, медиумите и други фактори. Тука се случуваат неочекувани судири.

Во фокусот на секоја реформа мора да бидат интересите и потребите на учениците. Наставниците, училиштата, родителите, локалната самоуправа и сите други образовни институции треба да бидат во функција на промовирање и заштита на најдобриот интерес на детето и остварување на правото за квалитетно образование во согласност со Конвенцијата за правата на детето. Поаѓајќи од тоа, Концепцијата повикува на реформа која е ориентирана кон учениците и бара образованиот процес да се организира така што ќе им ја демонстрира на учениците корисноста и релевантноста од учењето, ќе ги испочитува нивните потреби и интереси и ќе овозможи развој на потенцијалите на секој ученик.

Нам ни е потребно заедничко разбирање и колективна свест за промени за да се изгради капацитет и да се создаде вистинска општествена клима.

Креаторите на образованието 20 години почнуваат од почеток

До денес, сите креатори на таканаречените реформи ни нудат „големи“ концепти, но без никаква општествена заснованост или вредности. За да понудите некоја голема промена, потребно ви е познавање и на образованието, и на педагогијата, и на општеството, и на филозофијата, како и на сето тоа во контекст на современата техника и технологија.

Но македонското образование најчесто го „реформирале“ млади министри со вечерна партиска обука да бидат „големи“ реформатори. Премиерите на двете „големи“ партии истрошија дваесетина министри за образование без големи промени на подобро, бидејќи секој почнуваше од почеток.

Од „големите“ реформи, секогаш останала само галамата, оти во имплементацијата, тие секогаш брзо губеле здив.

Македонскиот проблем е од моќта на политичките партии да одлучуваат и за финансии, и за кадровска политика, како и за сè друго во општеството, без никаква идеологија. Образованието е паднато на најниски гранки, затоа најчесто младите, добрите, амбициозните си заминуваат.

Според квалитетот на образованието, ние сме 20-30 години зад државите од регионот. Искуството вели дека кај нас сè е форма, и оти досега немало идеја која ќе зборува за поинаква филозофија на образованието.

Нашите деца и со книги и со таблети повторно добиваат потпросечно, слабо и безидејно образование. Кога ќе почне некој да работи со луѓето, тогаш ќе почнат да се менуваат работите, а за тоа не ви се потребни „големи“ стратегии.

Најменувани се министрите за образование

Актуелниот министер за образование е Јетон Шаќири. Тој е 19-ти функционер што го водел овој ресор. Доаѓа од редовите на ДУИ. Најголемата новина што ја соопшти за време на неговиот мандат е дека планира учебната година да почне од први септември, но секоја следна да почне од 10 септември и да трае до 20 јуни, наместо како досега до 10 јуни.

Досега ниту еден министер не ја поминал магичната бројка од три години на првото столче во школството, па така, иако се води дебата по социјалните медиуми на оваа тема, загриженост нема оти праксата покажува дека секој министер доаѓа со идеи кои речиси никој никогаш не ги реализира. Зачестените информации од последниве години за драматично слабите резултати од меѓународните тестирања за писменоста на населението, посебно на младите, не беа пречка да продолжи традицијата во која Министерството за образование меѓу првите се става на пазарот.

Шаќири е еден од повеќето министри кој не успеа навреме да обезбеди свидетилства за учениците, а кога најави дека ги обезбедил, отвори тема за размислување кој и како го добил тендерот за листовите на кои се испишува успехот од учебната година на учениците.

Можеби најголемиот пропуст досега на овој министер е тоа што најави дека учебната година ќе започне без учебници, оти се доцни со нивно печатење. И така кревкиот квалитет на македонското образование ќе се снаоѓа со скрипти, фотокопии, книшки и рачно пишувани ливчиња.

Шаќири, позицијата ја наследи од Мила Царовска, која си замина со стаж од година и четири месеци и со недовршена реформа за дигитализација.

Најдолго во министерското столче во образование се задржала Софија Тодорова уште во 1990-тите, две години и осум месеци. Царовска и уште 13 нејзини претходници не стигнале ниту до две години. Освен за политички поткусурувања, ресорот образование често се користел и за да му се даде шанса на млад и неискусен партиски член, како Пиштар Љутфиу од ДУИ во 2016. Понекогаш се случува и министерството да му се предаде на нов министер, ако постојниот е потребен во друг ресор, што, исто така, покажува колкав приоритет било образованието во генералните политики на владите. Така, Никола Тодоров, во 2011 се префрли во здравството и му го отстапи местото на Панче Кралев, а Рената Дескоска во 2018 му го предаде ресорот на Арбер Адеми и стана министерка за правда.

 

 

Related posts

Милошевиќ ја минира конференцијата за Југославија

admin

Непринципиелни коалиции во албанскиот блок

admin

ЧЕТИРИ ПРИОРИТЕТИ ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

ВО ПРЕСРЕТ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

admin

Дете уби дете

admin

МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ ВО ЕРА НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА: ВАЖНОСТА НА ПАРАДИПЛОМАТИЈАТА

admin