Не е вистина дека преговараме за влез во Владата, тврди првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. БЕСА повика на соработка со која било опозициска партија со цел за да се смени ДУИ. Политичките аналитичари пак не очекуваат окрупување на веќе поделената албанска опозиција
Арбен Таравари, новиот в.д претседател на Алијанса за Албанците ги отфрла како шпекулации сите информации во медиумите дека неговата партија преговара за влез во Владата. Во интервјуто за радио Слободна Европа што ќе го емитуваме во недела Таравари вели дека овие информации ги наметнува владејачката ДУИ со цел да го сврти вниманието на јавноста од внатрешните проблеми со кои се соочува таа партија.
„Ниту преговараме ниту сме се виделе со некого. Јас мислам дека во ДУИ има настани коишто се многу интересни и полека ствараат внатрешен хаос кај нив и мој впечаток е дека тие го наметнуваат тоа дека Алијанса ќе влезе во Владата. Нема ниту преговори, ниту сум се видел со господинот Али Ахмети од 2017 година не сум го сретнал, еве јавно го кажувам тоа. Со господинот Ковачевски не сум се видел сѐ до пред неколку дена кога еден младинец од Тетово ме викна на отворање на еден младински центар во Тетово. Да имаше преговори, ќе ви кажев, меѓутоа нема таква работа“, вели Таравари во интервјуто.
Сепак тој не ја исклучува можноста дека Алијанса за Албанците е подготвена да разговара на ова прашање, но истакнува дека одлуката за евентуално влегување или невлегување во Влада би го донеле партиските тела на АА.
„Видете за среќа нашата партија не е како другите партии. Одлуката не ја носи в.д претседателот. И кога би имало такво нешто, а нема, ако има, јас сум задолжен како в.д.претседател да разговарам со телата во партијата и да одлучиме. Тоа е многу сериозна работа. Треба сериозно да се разговара за тоа, да се размисли и да се види „кост бенефитот“, што можеме да помогнеме и на крај да видиме дали со тоа би и наштетиле на партијата“, вели Таравари.
Во јавноста пак, се сѐ погласни информациите дека Алијанса се подготвува да влезе во влада, со што би се надминале проблемите со „кревкото парламентарно мнозинство“.
Во интервју за телевизија Алсат, лидерот на Алтернатива Африм Гаши изјави дека Алијанса е таа што ги дала првите сигнали дека е подготвена да влезе во владата и тоа, посочи, е интересно затоа што кога тие реши да влезе во владата биле критикувани дека се предавници и дека ја спасуваат ДУИ, а денес Алијанса сфатила дека не е така.
Во коментар за евентуално сценарио во кое СДСМ би се договорил АА да влезе во Владата и со тоа да ја „откачи“ Алтернатива бидејќи повеќе нема да ѝ бидат потребни нејзините пратеници за да има мнозинство во парламентот, Гаши вели дека тој и неговата партија не се оптоваруваат со тоа кој влегува и излегува односно дали се дел од мнозинството и опозицијата.
Пред точно еден месец пак, министерот за локална самоуправа Горан Милевски од Либералнато-демократската партија ја напушти позицијата, со што се отвори прашањето за тоа колку е стабилно парламентарното мнозинство. Милевски на 20 септември поднесе оставка до Владата, како што наведе, од лични причини, а неговата оставка во јавноста се поврзуваше со неговиот став за Францускиот предлог, различен од оној што го имаше владејачката коалиција, чиј член е и ЛДП.
Спикерот Талат Џафери постојано повторуваше дека владиното мнозинство е стабилно, но набргу потоа внатрешните превирања во ДУИ и појавата на таканаречената „Огнена група“ која бараше промени во раководните структури на партијата ги разниша таквите уверувања во јавноста.
Од друга страна пак предлогот Ристо Пенов да биде избран за наследник на Милевски се уште не е поминат во Собрание, иако претходните стравувања дека „огнените“ пратеници од ДУИ би можеле да не го поддржат Пенов ако не бидат исполнети нивните барања во ДУИ повеќе не се пречка, бидејќи на Централниот одбор на партијата, скопското крило на ДУИ познато како „Огнена Група“ ги доби новите потпретседателски позиции во хиерархијата на ДУИ.
Можно ли е окрупнување на албанската опозицја?
И покрај внатрешните недоразбирања во владејачката ДУИ кои завршија со измени во партиското раководство, политичките аналитичари не очекуваат зајакнување на албанската опозиција за која како што велат е се повеќе фрагментирана.
„Јас мислам дека внатрешните немири во ДУИ можат да придонесат кон проширување на владиното мнозинство, особено кога се има предвид дека таканаречената Огнена група контролира 4 пратеници, доволно за да го загрози актуелното мнозинство. Имајќи го тоа предвид, но и фактот дека идната година треба да се гласаат уставните измени за имплементација на францускиот предлог, проширувањето на владиното мнозинство со АА изгледа многу возможна опција,“ вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.
Други пак сметаат дека ДУИ би можела да замине во опозиција само со обединување на БЕСА, Алтернатива и Алијанса за Албанците со заеднички пратенички листи, ама дека тоа е тешко оставраливо имајќи ги предвид досегашните соработки меѓу овие партии.
Незири вели дека неодамнешните најави на движењето БЕСА дека е отворено за соработка со која било опозициска партија само со цел да се направи ротација на власта во албанскиот блок, нема да променат ништо на актуелната сцена, оти досегашните коалиции на опозицијата не се покажале како успешни.
„Не дека ДУИ е премногу силна политичка партија тиуку имаме ситуација на премногу фрагментирана опозиција која никако не може да се обедини за да ги добие изборите во однос на ДУИ. И во последно време имам впечаток дека не се слуша гласот на опозицијата кога е во прашање работата на Владата, повеќе има опозиција од Огнената група отколку во фактичката опозиција кај Албанците“, вели Незири.
Таравари пак уверува дека Алијанса за Албанците е партија која има најголем капацитет за коалиција со која било македонска или албанска партија и дека тоа го покажала на неколку изборни циклуси досега./RCE