17.8 C
Скопје
27 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДОСТОИНСТВОТО НА СТУДЕНТИТЕ ПОМАЛКУ ВРЕДНО ВО БУЏЕТОТ ЗА 2023

Во предлог буџетот за 2023 година предвидено е да се крати на реновирање на студентските домови и студентскиот стандард. Студентите не добија повисока сума за студентски оброк и покрај протестите. Владата низ работна група допрва ќе расправа за решавање на студентските проблеми.

Со жолт картон како опомена, а леб и зденка како илустрација за појадокот кој го добиваат, студентите уште еднаш и порачаа на Владата дека им се потребни повеќе пари за студентски оброк, подобри услови во домовите, поголеми стипендии, како и квалитетно образование. Но, наместо со прослава, меѓународниот Ден на студентите, не само што помина со протест, туку и со „студен туш“ за идните членови на академската заедница.

Пратениците на собраниската Комисија за финансирање и буџет не ги прифатија двата амандмани од опозицијата со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари на ден и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.

Мерки за штедење и услови во студентските домови

Енергетската криза го зема својот данок и врз студентскиот грб, па така Владата најави и намалување на трошоците за реновирање на студентските домови, а управите на студентските домови најавија мерки за штедење.

„Ние сме иднина на ова општество, но некој можеби не гледа на друг начин. Некој не гледа како средство за манипулација, како средство за гласови“, рече Јован Јанев од Студентски отпор, во обраќањето синоќа пред Министерството за образование.

Иако сите треба да примениме мерки за штедење и обврска на Владата е да креира некакви механизми, тие треба да бидат логични согласно условите, вели професорката Маја Стевановиќ од Факултетот за драмски уметности и член на Независниот академски синдикат во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в недела.

„Не можете да забраните користење греалки во студентски дом во кој не функционира парното греење или фури од сите страни. Не можете да исклучите лифт во студентски дом каде што студентите треба на 10-ти кат да се качуваат. Но, тоа не значи дека не можете да ги исклучите до трети, или четврти кат. Кога се креираат мерките за штедење треба да е здраворазумски и да се разговара со оние на кои тие мерки се однесуваат“, вели Стевановиќ.

Да, факт е дека некои од студентските домови се реновирани, но сликите кои ги видовме во студентскиот дом „Стив Наумов“, како што додава професорката Стевановиќ, газат по достоинството на студентите.

Независниот академски синдикат е единствениот од академската заедница што излезе со соопштение за поддршка на студентите.

Во одбрана на студентите застана и претседателот Стево Пендаровски кој рече дека неговиот син е втора година на факултет во Скопје, но доколку бил од друг град не би го пуштил да живее во условите во студентите домови низ земјава.

„Условите во студентскиот дом „Стив Наумов” ги знам бидејќи 25 години живеам до тој дом. Беа грозни и одвратни уште тогаш, не гледам дека нешто суштински се променило“, рече Пендаровски.

Помалку пари во Буџетот

Студентите во меѓувреме научија да читаат буџети, вели професорката Стевановиќ. Во ставката студентски стандард за следната година, како што посочува професорката, има намалување од 15 проценти, а за реновирање на студентски домови има намалување од 34 отсто.

„Постигнатото за овие изминати години веќе почнува да се губи, односно да се враќа на она старо време на протести. Дали тоа ќе биде така зависи од сите нас. Во случајот на студентите мене ме радува што многу брзо гласно и јасно реагираа и што не отстапуваат од своите барања. Тоа е единствениот начин“, додава Стевановиќ.

Честитка за Меѓународниот ден на студентите стигна и од премиерот Димитар Ковачевски кој порача дека студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови, предлози и да бидат вклучени во креирањето на политиките што ги засегаат нив, но и општеството.

„Наша должност од друга страна е да ги почитуваме нивните ставови, да разговараме и да носиме мерки за подобрување на студентскиот стандард. Оваа Влада е сојузник на студентите, на иста маса отворено разговараме за сите проблеми и предлози, заеднички носиме решенија за секој предизвик“, напиша Ковачевски на неговиот профил на Фејсбук.

Но, бројките го тврдат спротивното. Во предлог Буџетот за 2023 година за изградба и реконструкција на студентски домови предвидени се речиси 281 илјада евра или за 215 илјади евра помалку од минатата година. Додека пак за студентски стандард се предвидени 16,4 милиони евра за разлика од 2020 година кога во Буџетот за оваа ставка имало речиси 4 милиони повеќе.

За време на првиот протест на 14 ноември на средбата во Собранието на која учествуваа студентите од државните и приватните универзитети на едната страна, како и пратениците, министри и премиерот Ковачевски на другата страна беше договорено дека студентскиот оброк до 15 март ќе се исплаќа според старите правила. За тоа време, како што беше најавено, низ работни ќе се бара системско решение за надминување на проблемот.

Министерот за образование и наука Јетон Шакири пак изјави дека заедно со Министерството за економија ќе ги разгледуваат условите во студентските домови, па ако увидат проблем, постои можност одредени домови да се исклучат од мерките за штедење.

Related posts

Невидливиот обвинител – Една година од мандатот на Ислам Абази

admin

ОТВОРЕНА ВРАТА ЗА АА, ДИФЕРЕНЦИРАЊЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ И ЛЕВИЦА

ninja

Зголемена просечната плата

admin

Националистичка иконографија во трка по гласови

admin

ОДНОСОТ НА БУГАРИЈА КОН СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е НЕНАМЕРНА ПОСЛЕДИЦА ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, ВЕЛИ ГРЧКИОТ ПРАТЕНИК КЕРИДИС

ninja

Временска прогноза за наредната недела

admin