10.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДИМОВСКИ: ГО НАЈДОВМЕ ВИНОВНИКОТ, ЈАС НЕ ЧУВСТВУВАМ ОДГОВОРНОСТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВОТО ЗА ОНИШЧЕНКО

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски не чувствува одговорност за случајот Онишченко, но вели нема намера да бега од државата. По денешното сослушување во Собранието, тој посочи дека знае кој го ставил потписот, но се утврдува дали е пропуст, намера или лукративен интерес

Лоцирано е едно лице во Агенцијата за национална безбедност , кое без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дало согласност дека за украинскиот државјанин Олексндр Онишченко нема безбедносен ризик , изјави директорот на Агенцијата , Виктор Димовски по сослушувањето во Комисијата за надзор на работата на АНБ во Собранието.

„Останува да утврдиме дали се работи за пропуст, намера или лукративен интерес. Ништо од ова не е исклучено. Сакаме, и мој прв и најголем интерес е ова да го откриеме. Ќе го откриеме, нема да застанеме“, рече Димовски пред новинарите.

Тој вели ќе се истражи што направило посоченото лице и како ќе одговара, дали ќе добие дисциплинска, кривична или каква било одговорност. Димовски не откри за кое лице се работи, но истакна дека се работи за искусен оперативец во Агенцијата.

Околу неговата одговорност за безбедносните пропусти Димовски изјави дека не лично не се чувствува одговорен, но додаде дека нема намера да бега, алудирајќи на поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија и поранешните разузнавачи кои побегнаа во Грција по избувнување на аферата со прислушувањето во 2015 година.

„Не сметам дека имам лична одговорност, меѓутоа ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас ви кажав дека да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам жителство, ниту да одам во Грција како што некои отидоа. Останувам тука и подготвен сум да се соочам со се, ако се цени дека треба да сносам одговорност“, изјави Димовски.

Димовски кој инаку треба да замине како македонски амбасадор во Франција вели дека други институции ќе одлучуваат дали овој случај ќе влијае на неговата дипломатска кариера.

Безбедносен пропуст – Дали јавно се слушаше тајниот распит на Димовски?

Инаку безбедносен пропуст се случи на на самата денешна седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност. Седницата која се одвиваше зад затворени врати, беше прекината поради тоа што тонот од расправата, на која сведочеше Димовски, се слушнал во позадина на јутуб-преносот од пленарната седница на Собранието која беше во исто време. Пратеникот Павле Трајанов од говорниоцата на собраниската пленарна сала побара да се испита состојбата и да се утврди дали е точно.

„Крајно неодговорно е да држиме затворена седница за исклучително битни прашања, а преку стримингот наводно некои од новинарите ги слушале тие информации“, рече Трајанов.

Претседателот на Собранието Талат Џафери нервозно одговори дека не е коректно работа која не е испитана да се изнесува во јавност.

„Пред да дојдете вие овде да кажете што било, преземено е сè што требало да преземам како претседател на Собранието. Тоа е истрага, а знаете дека во истрага не може да оди во јавност постапката што се спроведува. Барем вие Павле треба да го знаете тоа“, рече Џафери.

Седницата потоа беше одложена, а преносот од Собранието е исклучен.

Димовски вели дека ако имало пренос во живо тоа не е во негова надлежност, бидејќи е гостин во Собранието, но ги повика собраниски служби да си ја завршат работата.

„Ја почитуваме независноста на парламентарниот дом. Одговорноста за безбедноста тука си ја носат структурите на оваа куќа и веќе се преземени мерки согласно мои информации да се види што и како тоа се случило и евентуално да се утврди одредена одговорност. Ќе оставиме Собранието да си ја заврши работата, рече Димовски.

Токму на барање на Димовски, собраниската седница на Комисија за надзор на работата на безбедносните служби, на која се утврдува како добил македонско државјанство украинскиот граѓанин Олександар Онишченко, кој е на американската црна листа, беше затворена за јавност поради, како што рече, класифицираните информации што ќе ги изнесе. На седницата присуствуваа само пратениците кои имаат безбедносен сертификат.

Димовски на почетокот најави дека на седницата под точката „Разно“ ќе се произнесе и по обвинувања дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата. Тој посочи дека ќе инсистира на собраниската Комисија да се разговара и за тоа дека случајот Онишченко, се појави во исто време и со обвинувањата дека Агенцијата го користи средствата за следење на политичката опозиција.

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на Соединетите Држави поради неговите врски со руските власти, добил македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции, меѓу кои и Агенцијата за нациконална безбедност.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно најави дека упатил барање до институциите кои дале позитивни мислења за државјанството на Онишченко, да поднесат извештај за тоа дали и како е спроведена процедурата. Вчера и претседателот Стево Пендаровски изјави дека случајот со Онишченко претставува сериозен удар врз кредибилитетот на АНБ и на државата, како членка на НАТО.

Во интервју за „Слободен печат“ објавено на 15 ноември Онишченко вели дека до 2010 имал американско државјанство. Во интервјуто тој вели дека САД го ставиле на црна листа во 2021, оти, како што вели, Трамп му е пријател и зборувал за син му на Бајден.

Онишченко, за кого во јавноста се зборува во последните денови, оти добил македонско државјанство и покрај тоа што е на црна листа на САД, вели дека против него не се води ниту еден судски случај во светот, ниту во Украина.

„Во Македонија бев регистриран во куќа на кошаркар и го знам многу добро него. И државјанството го вадев две години. Многу време поминав во Скопје и целата процедура ја спроведов легално“, вели Онишченко.

Кој е Онишченко?

Она што останува нејасно за јавноста е како ниту една од овие институции не проверила барем на Интернет кој е украинскиот репрезентативец со руски пасош, каде што има бројни информации за него.

Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.

Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.

Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко. Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина. Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.

Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.

Related posts

Холандија, Грција, Австрија и Ирска со највисока смртност во ЕУ

admin

Казнети 30 превозници на ученици

admin

По бунтот на Вагнер, Кремљ во офанзива за одбрана на имиџот на Путин

admin

Русија тврди дека германски и француски авиони се обидувале да навлезат во нејзин воздушен простор

admin

Груевски: Очигледно Мицковски би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта

admin

САД остануваат отворени за пронаоѓање на дипломатско решение со Русија

ninja