Американскиот претседател Доналд Трамп му даде 48-часовен рок на Иран повторно целосно да го отвори Ормутскиот теснец за поморски сообраќај, заканувајќи се дека во спротивно ќе ги „уништи“ енергетските капацитети на земјата, во најнова ескалација на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Техеран возврати дека ќе ги таргетира американските енергетски, информатички и постројки за десалинизација доколку бидат нападнати неговите објекти, сигнализирајќи можност за понатамошно ширење на конфликтот во регионот.
Во меѓувреме, околу 100 лица беа повредени во саботата кога ирански балистички ракети ги погодија јужните израелски градови Арад и Димона, соопштија службите за итни случаи. Израелската армија соопшти дека истражува зошто противвоздушната одбрана не успеала да пресретне дел од проектилите.
Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека нема индикации за оштетување на нуклеарниот истражувачки центар во Негев, во близина на Димона.
Во раните утрински часови во неделата, израелската војска соопшти дека изведува напади врз цели во Техеран. Во исто време, неколку експлозии беа слушнати во централен Израел по предупредувања за нови ракетни напади.
Регионалните тензии се проширија и во Персискиот Залив. Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала една од три ракети лансирани кон Ријад, додека две паднале во ненаселени области. Напад со дрон беше пријавен и врз воена база во близина на аеродромот во Багдад, според иранските државни медиуми.
Израелската војска соопшти дека Иран за првпат користел ракети со долг дострел, лансирајќи два проектила кон американско-британската база Диего Гарсија во Индискиот Океан.
Конфликтот веќе има значајни економски последици. Ормутскиот теснец, низ кој поминува околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас, е речиси затворен, што предизвика нагло зголемување на цените на енергенсите и нарушувања во глобалните синџири на снабдување.
Цените на нафтата достигнаа највисоко ниво во речиси четири години, додека европските цени на гасот скокнаа за околу 35% минатата недела. Неколку азиски земји веќе воведуваат мерки за штедење енергија, вклучително и работа од дома и скратени работни недели.
Шри Ланка ги зголеми цените на горивата за 25% по вторпат за две недели, повикувајќи се на глобалните потреси предизвикани од војната. Во Австралија, властите соопштија дека се откажани или одложени шест испораки на нафта.
Според податоци на агенцијата Асошиетед прес, бројот на жртви надмина 1.500 во Иран и повеќе од 1.000 во Либан, додека во Израел загинале најмалку 16 лица. Загинале и 13 припадници на американската војска, како и цивили во регионот на Заливот. Милиони луѓе се раселени.

