12.8 C
Скопје
7 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ПИШМАН АЏИЈА

На 9 ноември Ковачевски јавно му честиташе на Абази што бил избран за прв човек на ОЈО ОГКК. На 21 ноември јавно изјави дека е збунет од изборот на Абази и дека во судството се потребни уште реформи. 12 дена му требаа на премиерот да сфати што кажал и да го смени мислењето.

Пишува: Катерина Топалова

Еволуцијата на сопствените мислења е дел од растењето на една личност. Сосема е нормално ако сте имале едно мислење, а подоцна, врз база на докази, факти, разговори и дебати, сфатите дека всушност не сте во право и го промените своето мислење. Така растат и луѓето и општествата.

Но дали е тоа важи и за челници кои водат држави?

Дали е нормално ако премиерот за помалку од две седмици го промени своето мислење без притоа да и објасни на јавноста како дошол до променет став, кој го разубедил, на што се темели промената па дури и да и се извини на јавноста ако преку неговото погрешно мислење ги довел во заблуда граѓаните.

Да се биде премиер не значи само да се има одредени привилегии. Тоа е функција со сериозна одговорност и така Ковачевски мора да се однесува. Премиерот не смее да си дозволи немо да следи одреден избор, уште полесно да излезе пред камери и да упатува честитки, а веќе за 12 дена да каже дека нему изборот му е сомнителен.

Како тоа господине премиеру? Зошто ви е сомнително? Ова е сериозна навреда за Абази и за луѓето кои го избрале, но уште посериозна навреда е за граѓаните на кои им служите.

Колку советници имате околу вас? Зарем 12 дена им требаше да следат, да истражат и да заклучат дека премиерот би требало да се сомнева во изборот и квалитетите на Абази? Кој ве пушти премиеру низ вода за пред цела јавност да се избламирате со честитка, или пак да се избламирате со изјавата дека ви е сомнителен изборот?

Јасно е дека македонските граѓани си имаат секојдневни маки како да го поминат денот и дека неконзистентноста на изјавите на премиерот за една важна тема не можат да ја стават на прво место на грижите и да реагираат бурно. Кога тоа би се случило во модерно и развиено општество вие би имале уште посериозен проблем да објасните на што се должи промената на вашите мислења.

Ама за изборот на Абази се истрчаа и да честитаат и да го бранат не само премиерот, туку и многу интелектуалци, познати чинители во општеството, почитувани имиња, кои сомнежот на поголемиот дел од јавноста за изборот на Абази го дефинираа како хистерија оти бил Албанец, оти бил од исто село со Ахмети и не убедуваа дека треба да му се даде шанса.

Сите колумни и статуси стивнаа по кусата изјава на новата амбасадорка на САД. Со две реченици ги замолчи сите гласни интелектуалци кои се обидуваа изборот на Абази да го сместат под чадорот на национализмот.

Ова е уште еден показател кога треба да се запрашаме и да бидеме чесни пред себе каква држава сакаме да изградиме? Што всушност ни треба и против што се бориме?!

 

 

 

 

Related posts

Балканските фрустрации за „европските брзини“

admin

Тонеме длабоко за срамот да нема од каде да избие

admin

ЕУ на гранка и НАТО во рака

admin

Докторски дуел за претседател

admin

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ ПО 8 МАЈ?

admin

ИСТОРИСКО РЕМЕК-ДЕЛО

admin