Прогнозите дека ќе следува едена од најтешките зими на енергетски план во Европа, ја натера Владата во Северна Македонија, како и останатите влади во регионот да креираат мерки за штедење. Војната помеѓу Русија и Украина секој ден ја прави неизвесноста поголема, како на енергетски така и на економски план. Честото вртоглаво зголемување на енергенсите на светските берзи ја прават ситуацијата уште покомплексна. За таа цел многу држави однапред започнаа со складирање на државни залихи за гас или други деравати, но истовремено започнаа со мерки и препораки за штедење на струја.
Пишува:Драган Поповски
Уште во март Владата на Р.С. Македонија донесе низа на антикризни мерки за штедење, кои опфаќаат забрана на купување на мебел и возила, намалување на расходи за стоки и услуги за 10 % за буџетските корисници, како и намалување за 50 % на расходи за репрезентација, спонзорства и реклами, намалување на број на службени патувања и сл. Сепак главната цел за штедење на Владата во Р.С Македонија беше да се постигне 15 % да се намали потрошувачката на електрична енергија споредбено со потрошувачката во изминатата година, и овие мерки ќе бидат на сила од 1 септември 2022 до 31 март 2023 година. За таа цел сите државни и јавни институции добија задолженија да го исклучат декоративното осветлување на фасадите, уредите за греење да не бидат подесени над 20 степени, замена на осветлување со штедливи светилики, во спротивно највени беа и казни за институциите. Според анализата на Министерството за економија токму преку ваквите мерки институциите заштедиле дури 20 % на електрична енергија за месец септември 2022 г. споредбено со истиот период лани.
Доколку се направи компарација на институциите за месец септември, најголема заштеда на електрична енергија направило Министерството за култура од 40 %, и Министерството за труд и социјална политика со 36 %, додека најмлаку заштедиле административната зграда на Министерството за култура од само 2 %, и Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана со 8 %. Единствена отстапка има Министерството за локална самоуправа која наспроти мерките за штедење има зголемување за електрична енергија од дури 81%. Покрај државните институции и единиците на локалната самоуправа покажале исклучителни резултати, па од 81 општина, само 25 општини не успеале да постигнат заштеда од 15%, додека останатите 56 општини направиле заштеда поголема од 15%.
ПРВИЧНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ЗА ЗАШТЕДА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Според последните податоци од 29 ноември, Министерството за финансии забележала заштеда на електрична енергија за месец октомври од дури 44%, односно дополнителни 12% за само еден месец, оваа заштеда не е само во централниот објект на Министерството за финансии, туку и во 34 подрачни одделенија и 17 трезорски канцеларии низ целата држава. Покрај мерките за заштеда на електрична енергија кај институциите, во изминатиот период се покажаа и првичните резултати за заштеда на електричната енергија и кај домаќинствата 16.32%. Имено според анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, воведените 4 блок тарифи од 1 јули 2022, ги дадоа првичните резултати за рационално користење на електричната енергија. Од графиконот може да се забележи дека 244 kWh изнесувала просечната
потрошувачка на електрична енергија од 1 јули заклучно со 31 октомври во висока тарифа, што е за 16,32% помалку во споредба со истиот период од минатата година кога просечната потрошувачка изнесувала 281 kWh.
Графикон 1. Квартален преглед ефекти од воведени блок тарифи
Меѓутоа и покрај постигнатите резултати мерките за штедење за престојната зима се од особено значење бидејќи само тие остануваат како алтернатива, увозот на електрична енергија за 1 мWh достигна и до 400 евра на берзата. Поради овие состојби неопходно е Владата уште од 2023 година да започнат со имплементирање на мерки за зелена енергија односно да го зголеми производство на електрична енергија од соларни панели и од ветерници, додека остатокот од потрербите за производство на електрична енергија да се постигне со гасификација па така загадувањето од РЕК Битола и Осломеј да започне етапно да се намалува за наредните 5-7 години. Бидејќи целиот процес е многу комплексен, Владата на Р.С Македонија на 31 октомври започна со Национална развојна стратегија 2021-2041 во која беа опфатени повеќегодишни стратегии и проекции, во делот на Програмата за реализација на Стратегијата за енергетски развој 2020-2025 предвидени се 4735 милиони евра.
СРБИЈА- НАМАЛУВАЊЕ НА ПОТРОШУВАЧКАТА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Слично како и во Северна Македонија, Владата на Република Србија донела заклучок со кој се препорачува да се одобри попуст од 15 до 30% на месечната сметка за домаќинствата кои ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 31 март 2023 година. Домаќинствата кои ќе ја намалат потрошувачката на струја за 5 до 20 % во однос на истиот месец лани ќе добијат попуст од 15 %. За заштеда на електрична енергија од 20 до 30% намалувањето ќе изнесува 20%, а за заштеда поголема од 30 % ќе се пресметува попуст од 30 %.
Според објавените предлог препораки на Министерството за рударство и енергетика на Р. Србија, за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за државната администрација, и единиците на локалната самоуправа опфатено е и јавното осветлување, и наведено е локалните самоуправи да пристапуваат кон намалување на јавното осветлување поставено на улици, плоштади и други објекти (за 33%). Од објавениот табеларен приказ на добиените повратни информации од страна на локалната самоуправа, може да се забележи дека од вкупно 127 општини кои доставиле податоци очекувани заштеди врз основа на проекциите биле 8,34%.
АЛБАНИЈА – ОГРАНИЧУВАЊЕ ЗА ПОТРОШУВАЧКА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА
Владата во Албанија во септември воведе мерки за заштеда на енергија, кои вклучуваат ограничување од 800 киловат-часови (Kwh) месечно за семејствата кои сакаат да избегнат да плаќаат повисока цена за електрична енергија. Оние кои користат 800 Kwh месечно или помалку, ќе видат дека нивните сметки остануваат исти со ниска, субвенционирана стапка, но цената ќе се зголеми четирикратно за секој вати над лимитот. Месечната потрошувачка од 800 KwH е еквивалентна на 9120 леки или 77,50 евра, при што околу 90% од населението троши под тоа во моментов. Штом ќе се достигне таа граница, цената од 11,4 леки по KwH (0,097 евра) ќе се зголеми четирикратно на 35 леки по KwH (0,30 евра) плус 7-лек такса за пренос и дистрибуција. За да се ограничи јавната потрошувачка за енергија, уличното осветлување уште пред летото се исклучува после 22 часот. Бидејќи енергетската криза е непредвидлива и континуирано се влошува, албанската министерката за енергетика Белинда Балуку истакнала дека новите мерки ќе бидат во сила до декември 2023 година, со што се заштедува околу 100 милиони евра за Албанците. Проблемите кои ги предизвика енергетската криза ги натера Владите во регионот да соработуваат уште поинтензивно, па така на одржаната меѓувладина седница на 14 ноември 2022 г., меѓу Владата на Р.С.Македонија и Албанија, покрај повеќето меморандуми за соработка беше потпишан и Меморандум за соработка во енергетскиот сектор помеѓу Министерството за инфраструктура и енергетика на Република Албанија и Министерството за економија на Република Северна Македонија. Како дополнителна мерка со која би се остварил приход во буџетот, за 2023 година во предлог-буџетот е предвиден вонреден данок за производителите на електрична енергија што извезуваат, Се предвидува производителите да бидат оданочени за овие дополнителни профити со стапка од 33 отсто. Врз основа на ова очекуваните приходи во буџетот се проценуваат на 71 милион евра.
КОСОВО- СЛИЧНИ МЕРКИ ЗА ШТЕДЕЊЕ
Слични мерки за заштеда на енергија на институциите на централно и локално ниво, како и на јавните претпријатија донела и Владата во Косово, на предлог на Министерството за економија, на 96- та седница во септември 2022 година, дел од мерките опфаќаат: замена на стандардни со ЛЕД светилки, исклучување на секој билборд или рекламен простор што користи струја, исклучување на декоративно осветлување во сите згради, како и украсно осветлување на јавните места, температурата на греењето на просторот да не е поголема од 19 степени, во јавните установи да се исклучат сите светла и електрични уреди после 16:00 часот. Една од мерките на Владата на Република Косово е забраната за извоз на пелети и други горива на база на дрво. Енергетската криза и понатаму ќе се продлабочува особено со растот на цената електричната енергија на берзите, како еклатантен пример може да се наведе драстичниот раст на цените, имено во април 2021 година, просечната цена по мегават час (MWh) на HupX надмина 200 евра, во споредба со 55 евра од истата недела минатата година. Колку за компарација во одредени денови цената за мегават час (MWh) на берзите достигнува и 400 евра.