19 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

СЦЕНАРИЈА 2023

Единствен сојузник за предвремени избори ВМРО-ДПМНЕ има само кај Левица. Оваа партија е третиот предизвик за Мицковски, кој е еден вид на сублимат на првите две. Коалицијата со Левица истовремено носи проблеми и со партиите на етничките Албанци, и со меѓународниот фактор.

Пишува: Џелал Незири

Најголемата опозициска партија во земјата ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време бара предвремени избори. Водејќи се од последните анкети, оваа партија е уверена дека на тие можни парламентарни избори, кои би се случиле во 2023 година, та би издвојувале победа која би ја водела кон преземање на власта. На овој начин, партијата би се вратила на власт по речиси шест години делување како опозиција.

ВМРО-ДПМНЕ предводена од нејзиниот бивш претседател Никола Груевски беше на власт од 2006 па се до 2016 година. Во оваа декада на владеење партијата беше во трка за добивање на поголема моќ, користејќи ги притоа сите можни политички средства. Како резултат на оваа политика на македонската десница, која се засноваше на расположението на гласачите измерено преку редовните анкети, во овој период земјата одржа дури четири предвремени парламентарни изборни циклуси. Или, граѓаните избираа пратеници на секои две и пол години. По секои избори ВМРО-ДПМНЕ добиваше поголема моќ, со исклучок на тие одржани во декември 2016. На изборите во 2014 ВМРО-ДПМНЕ доби дури 61 пратеник, парламентарно мнозинство кое и овозможи да формира власт без притоа да коалицира со друга партија. Груевски, сепак, реши да коалицира со ДУИ, која доби 19 места во Собранието. Но бројката од 61 пратеник му даде силни преговарачки позиции.

Од декември 2017 година ВМРО-ДПМНЕ има нов лидер – универзитетскиот професор Христијан Мицковски. Тој ја презеде лидерската палка во партијата по изборниот дебакл на локалните избори во октомври 2017, кога партијата победи во само пет општини. Во мај истата година, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада иако ги доби парламентарните избори со две пратеници разлика во однос на СДСМ. Причина беше слабиот коалиционен капацитет со партиите на етничките Албанци, но и лошите односи со меѓународниот фактор кои Мицковски ги наследи од неговиот претходник.

Во последните јавни настапи и Мицковски бара 61 пратеник. Неговиот став кон Преспанскиот договор со Грција, т.е. новото уставно име на државата, и кон Договорот за добрососедство со Бугарија останува речиси ист како на неговиот претходник. По влошувањето на односите со Алијанса за Албанците, Мицковски се соочува и со немање на доволен коалиционен капацитет.

Реалноста на нашата политичка сцена е таква што секоја партија, која има намера да биде дел од власта, мора да гради коалиционен капацитет во однос на партиите од, условно кажано, партиите од другиот етнички блок. Тоа значи дека мора да има коректна програма, коректни партнерства и секако коректен јавен дискурс за клучните теми. ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците се обидоа да создаваат една природна идеолошка соработка, која ќе биде инклузивна во однос на сите гласачи со десничарски светоглед, независно дали се тоа етнички Македонци или Албанци. Но, не успееја да создадат заедничка мобилизирачка идеја која ќе ги обедини во нивното партнерство. Соработките кои се само од прагматичен аспект, без некоја идеја или идеал, се краткотрајни и завршуваат со објавување на изборните резултати. Алијансата на крај сфати дека не може да чека цел век ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, особено кога се во прашање односите кон клучните теми, како што се односите со Бугарија и Грција, од кои зависат евроинтеграциите. Од друга страна, БЕСА како политичка партија нема капацитет да го покрие целиот опозициски терен.

Освен односот со партиите на Албанците, во 2023 година ВМРО-ДПМНЕ ќе го има вториот, најголем предизвик: односите со меѓународниот фактор во случај да остане на нејзините позиции во однос на Францускиот предлог. Имено, ако ВМРО-ДПМНЕ оневозможи уставни измени за да се опфатат и етничките Бугари, тогаш ќе имаме две опции: или влада на национално единство, или предвремени избори заедно со претседателските. Опцијата предвремени избори би била победа за ВМРО-ДПМНЕ, која упорно ги бара повеќе од една година, но би значела замрзнување на преговорите со ЕУ и губење на најмалку една година во процесот на пристапување.

Згора на се, предвремените избори засега не одат во прилог на ниту една политичка партија кои се дел од власта. Најмалку на СДСМ која, барем според анкетите, нема поддршка која може да и носи изборна победа. ДУИ на Али Ахмети има добар рејтинг, но и одговара позицијата на „кинг мејкер“, или на одлучувач за парламентарното мнозинство. На Алијанса за Албанците и треба повеќе време за да се окрупнува, а истото важи и за БЕСА.

Единствен сојузник за предвремени избори ВМРО-ДПМНЕ има само кај Левица. Оваа партија е третиот предизвик за Мицковски, кој е еден вид на сублимат на првите две. Коалицијата со Левица истовремено носи проблеми и со партиите на етничките Албанци, и со меѓународниот фактор. Со ваква геостратешка ориентација, Левица тешко дека може да биде дел од некоја власт. Ако формирањето на идната влада би зависело од Левица, таа никогаш нема да се формира. Ако некоја од партиите на етничките Албанци се обиде да склучи било каква соработка со Левица, тогаш ќе треба да биде подготвена да плати дебела политичка сметка.

Левица е партија на екстремната левица, која се служи со популистички алатки за да добие што поголема поддршка. Таа зборува тоа што оценува дека поголемиот дел од публиката сака да го чујат од политичарите. Во активноста на овие политички партии нема рационалност, визија, далековидост или државност. Нивниот подем, сепак, има праг. И овој тип на партии се еден вид тест за демократскиот капацитет на општеството. Иако демократијата се соочува со некој вид на криза, сепак таа е имуна од ваквите напади. Кај нас постои доволна демократска зрелост да ги држи маргинални ваквите екстремни политички појави.

 

Related posts

ЕВРОПСКА УНИЈА ЗА ПОДОБАР СТАНДАРД И ОТВАРАЊЕ НА НОВИ ПЕРСПЕКТИВИ

admin

Политички булинг

admin

МЛАДИТЕ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

admin

Бродот што тоне

admin

Недостигот од идеолошко профилирање промовира клиентелистички односи партија-гласач

admin

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

admin