Руската агресијата врз Украина на виделина извади и некои инфраструктурни слабости во земјите членки, па се планира подобрување на патната и железничка инфраструктура. Прашање е дали земјава ќе може да искористи дел од тие пари.
Македонскиот придонес во НАТО главно е политички и дипломатски. Македонија е мала и сиромашна земја со скромни воени капацитети и, како најнова членка на западната воена алијанса, учествува и во воени мисии, согласно нејзините можности.
Руската агресија врз Украина донесе и нови предизвици за НАТО. Алијансата ја осуди руската агресија, го поддржа територијалниот интегритет на Украина, воведе жестоки економски санкции против Русија и испраќа воена помош за украинските сили да може да ѝ се спротивстават на силите на Москва. Македонија се приклучи на сите овие активности и се најде на руската листа „непријателски земји“.
Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија Исмет Рамадани вели дека НАТО е гарант на безбедноста на земјава од надворешна агресија. Македонија соработува во задржување на сајбербезбедноста и борбата против лажните вести.
„Ние како земја, без разлика што сме мали, сепак во креирање на политиките и дипломатијата на НАТО доста придонесуваме. Фактот што ја зазедовме вистинската страна во војната во Украина, и нормално, согласно нашите капацитети понудивме и дадовме помош, и тоа многу се цени во НАТО“, вели Рамадани.
Пензионираниот полковник во АРМ и претседател на Балканскиот форум за безбедност Благоја Марковски вели дека Македонија многу добива од членството во НАТО на безбедносен план. Со учеството во активностите на НАТО пак го гради својот имиџ на доверлив партнер.
„Македонија зазеде јасен став во смисла на поддршка на територијалниот интегритет на Украина и таа се вклопува во политиките на НАТО, па и на ЕУ. Ние досега во три наврати дадовме средства и опрема за одбраната на Украина. Со тоа доби многу на својот авторитет, вклучувајќи се во севкупната политика. Македонија доби во смисла на потврдување на својата стратешка определба за мир во светот и од друга страна доби како авторитетна земја која навистина се залага за сета структурална политика која ја водат и НАТО и ЕУ“, вели Марковски.
Европа се буди со нова потреба да се брани од Русија
Руската агресија врз Украина донесе и нови предизвици за НАТО. Територијата на НАТО во Европа драстично се зголеми, што значи дека има многу подолга граница за заштита, многу повеќе простор за можни руски напади и подолги растојанија за воено засилување. Но, НАТО алијансата не е подготвена, велат некои воени експерти.
Доколку силите на НАТО сакаат да ги транспортираат своите тенкови, камиони и залихи со железница за да ја зајакнат активната линија на источниот фронт, се соочуваат со нивните први големи логистички предизвици, вели Бен Хоџис кој командуваше со армијата на САД во Европа до 2018 година.
Според него, кога одите од Полска во Литванија, сепак треба да се смените на друг колосек бидејќи Литванија, Латвија и Естонија сè уште се на старата руска шина, како и Украина и Грузија.
„Она што го научивме од војната на Русија против Украина е дека всушност нè потсетија дека војната е тест на волјата и тоа е тест на логистиката. Немаме доволно транспортен капацитет или инфраструктура што овозможува брзо движење на силите на НАТО низ Европа. Дојче бан, од кој сите ние зависиме, конкретно товарниот дел од германските железници има доволно железнички вагони за да се движат една и пол оклопни бригади истовремено во исто време, тоа е тоа“, вели тој.
По 25 години борби со воени конфликти во странство, Хоџис вели дека НАТО одеднаш треба да покаже дека може да одговори на закана насекаде по нејзините граници. Патиштата со дупки на источните членки на блокот би можеле да претставуваат уште една пречка за брзото распоредување. Автопатите сочинуваат само 5 отсто од мрежата на Романија, а 28 проценти од нејзините патишта се само чакал и нечистотија.
„Мостовите не можат да ги издржат модерните Абрамс или Леопард тенкови или британските Челинџери. Многу мостови не можат да издржат таква тежина“, вели Хоџис.
ЕУ одвои 1,6 милијарди евра за проекти за воена мобилност до 2027 година.
Хоџис таа сума ја нарекува „несоодветна“.
Македонија да не очекува многу од тие пари
Марковски, сепак, вели дека Македонија не треба многу да очекува од овие пари што ЕУ го одделува за развој на инфраструктурата која може да се користи за воени цели. Приоритетите на НАТО сега се во Источна Европа, во близина на границите со Русија.
„Македонија не треба многу да смета на една ваква поддршка од страна на ЕУ или на НАТО, со оглед на тоа што тие се строго наменски определени средства и за строги потреби кои директно ќе влијаат врз безбедноста и одбраната на членките на НАТО или ЕУ“, вели Марковски.
Тој потсетува дека кога во 1999 година, НАТО силите ја користеа македонската територија за нападите врз Србија, Алијансата ги санираше патиштата и мостовите за да овозможи движење на тешка механизација. НАТО може да помогне во осовременување на некои воени објекти, како што беше со полигонот за воена обука Криволак, вели тој.
„Во таа смисла може да се очекува поддршка од членките на НАТО и од членките на ЕУ, но треба да бидеме свесни дека ЕУ нема директно да се вложи во создавање на какви било инфраструктурни нови објекти во нашата земјата“, вели Марковски.
Од друга страна, Рамадани вели дека земјава може да искористи дел од фондовите на НАТО за развој на инфраструктурата.
„Ако тие ценат дека нашата инфраструктура не одговара на НАТО стандарди и потреби, веројатно ќе бараат проекти, и ако ние конкурираме со добар проект, можеме од овој фонд да извлечеме финансиска помош, да ја подобриме инфраструктурата и понатаму, но се разбира само за патишта коишто одат кон членките на НАТО, значи кон Албанија, Грција и Бугарија во овој случај“, вели Рамадани.
Македонија со соседните земји кои се членки на Алијансата, добро инфраструктурно е поврзана само со Грција, односно има и железница и автопат, додека кон Бугарија и Албанија нема ниту пруга, ниту автопат.
Македонија ги донира тенковите за Украина
Земјава во три наврати испрати помош за Украина. Министерката за одбрана Славјанка Петровска кон крајот на октомври изјави дека се подготвува и четврта одлука за испраќање помош.