12.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

МОЖНИ ЛИ СЕ ПРЕГОВОРИ ЗА СТАВАЊЕ КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА?

Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Русија се обидува да ја „заврши војната“ во Украина и не одбива преговори со Киев, но американските власти го тврдат спротивното, односно дека Путин не покажал склоност за разговори.

Рускиот претседател Владимир Путин, вчера, еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Вашингтон и зборуваше на заедничката седница на Конгресот, рече дека бара брзо решавање на војната.

Но, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби вели дека дејствијата на Путин биле „сосема во спротивен правец“.

„Американскиот претседател Џо Бајден е отворен за разговори со Путин, но само откако Путин ќе покаже сериозност за преговорите и по консултации со Украина и сојузниците на САД“, рече Кирби.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен исто така изјави дека Русија не покажала вистински интерес за значајна дипломатија за да се стави крај на оваа војна.

Тој изјави дека Русија може веднаш да ја заврши војната со повлекување на војниците, но „во отсуство на тоа, мора да видиме некои значајни докази дека Русија е подготвена да преговара за праведен и одржлив мир“.

Блинкен додаде дека разговарал со министрите за надворешни работи на индустријализираните демократии на Г7 за идеите за мир предложени од Зеленски за време на неговата посета на Вашингтон.

Идеите на Зеленски се „добар почеток“, рече Блинкен, а мирот треба да биде „праведен и издржлив“. Тој повтори дека САД нема да наметнуваат свои решенија на Украина.

„Врз основа на сите разговори со Украина, вклучително и оние на 21 декември, јасно е дека имаме исти цели: слободна и независна, просперитетна, демократска Украина која покажува дека се почитуваат принципите на Повелбата на ОН, вклучително и територијалниот интегритет. суверенитет и независност“, додаде Блинкен.

Путин претходно рече дека се надева оти конфликтот ќе заврши „колку побрзо, толку подобро“. „Нашата цел не е да го вртиме замаецот на воениот конфликт, туку, напротив, да ставиме крај на оваа војна“, рече Путин.

Тој оцени дека Украина „сама си забранила да преговара“. „Сепак, порано или подоцна, се разбира, сите страни кои се во состојба на конфликт ќе седнат на маса и ќе постигнат договор. Колку побрзо ова сознание дојде до оние кои ни се противат, толку подобро. Никогаш не сме се откажале од ова“, рече Путин.

Русија вели дека е отворена за преговори, но Украина и нејзините сојузници се сомневаат дека изјавите се трик за да се купи време за да се прегрупираат на бојното поле.

Киев наведе дека Русија мора да ги запре нападите и да се откаже од целата територија што ја зазеде пред да започнат преговорите.

Висок руски дипломат сепак ја негираше можноста за преговори се додека, како што рече, инструкторите и „платениците“ на НАТО се во Украина и додека продолжуваат испораките на оружје од Запад во таа земја.

Во интервју за руската државна новинска агенција ТАСС, Александар Дарчиев, шеф на одделот за Северна Америка на руското Министерство за надворешни работи, рече дека разговорите ќе бидат избразни „додека не престане поплавата од оружје и финансирањето на режимот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и не бидат повлечени војниците, платениците, и инструкторите на НАТО“.

Русија вообичаено ги нарекува странските доброволци кои се борат со украинската армија како „платеници“.

Руски официјални лица се повеќе ја нагласуваат својата отвореност за разговори за Украина во последните неколку недели, иако нагласија дека не веруваат оти Зеленски е заинтересиран за мирно решение.

Дарчиев повтори дека на разговорите ќе треба да им претходи и „признавање на реалноста што ја дефиниравме на терен“, очигледно повикувајќи се на руската контрола на делови од источна и јужна Украина.

Кремљ никогаш не изразил намера да ги повлече војниците од делумно окупираните украински територии, анектирани од Русија наесен по псевдореферендумите организирани од Москва.

Инаку, Путин во својот говор се осврна и врз најавата дека последната рунда американска воена помош за Украина вклучува батерии за наведувани ракети земја-воздух Патриот.

Тој рече дека системот Патриот е „прилично стар“ и не функционира како рускиот систем С-300.

Украина побара од Вашингтон да ги испорача системите, велејќи дека ѝ се потребни за да ја одбрани критичната инфраструктура, како што се електричните централи, кои руските бомбардирања ги удираат.

Системот Патриот за прв пат беше распореден во 1980-тите и може да цели на авиони, крстаречки ракети и балистички ракети со помал дострел.

Експертите за одбрана велат дека тоа е еден од најсигурните и најдокажаните системи за противракетна одбрана и може да помогне во одбраната на Украина од балистички ракети што ги испорачува Иран.

Путин изјави дека Русија ќе ги „пробие“ системите „Патриот“ штом ќе бидат распоредени./slobodnaevropa

Related posts

Организациските директори скапо го „организираат“ здравството

admin

Како ќе се определи Алијанса – за промени или како досега?

admin

Никола Димитров: Царот е гол!

admin

ОСМАНИ УВЕРУВА – ЌЕ ДОМИНИРААТ АРГУМЕНТИТЕ „ЗА“ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

ninja

Вучиќ бара помош од Запад: Грижете се за Косово

admin

ВИДЕО | Автоматски воздушно такси веќе на продажба

admin