11.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

СОЛЗА ЗА ЖИВОТ

Знаете ли колку тежи солзата на младите што молат државата да им обезбеди лек за да продолжат да постојат?

Пишува: Катерина Топалова

Која е вашата новогодишна желба?

Веројатно на сите ни недостига нешто, сите бараме нешто, сите имаме некаква цел која потајно ја посакуваме од Дедо Мраз, од космосот и од животот за да ни се исполни во годината што следи. Но голема е веројатноста сите писма да завршуваат со желбата за лично и здравје на најблиските.

Позната е поговорката дека здравиот човек има илјада желби, а болниот само една- да оздрави!

Минатата недела десетина млади луѓе се собраа и ги повикаа медиумите за гласно да побараат од властите да им го обезбедат потребниот лек за нивната ретка болест за да можат да живеат! Болните од цистична фиброза бараат редовна терапија и набавка на новиот лек, од кој зависи нивниот живот. Пациентите, освен со болеста и нејзините последици, мора да се борат и со системот. Од министерот само добиле ветување, дека за проблемот ќе се разговара во Влада.

Девојката што ја испраќаше пораката заплака пред камера! Ништо поболно нема од тоа човек да моли за сопствениот живот, да не може да направи ништо и да чека некој да се смилува да го набави лекот што за нив значи жиот!

Во земјава со оваа болест живеат околу 130 лица. Сите се главно деца и млади, бидејќи како прогресира болеста низ годините, така расте и смртноста. Лек има од новата генерација на т.н. модуларна терапија, ама таа е скапа, па државата не го набавува. И така додека Европа и регионот веќе обезбедуваат вакви лекови за своите граѓани, кај нас се дава главно постара терапија која само ги ублажува симптомите, но не ја лекува болеста.

За да биде проблемот уште поголем, пациентите велат дека и со оваа терапија има проблем, па честопати мора меѓусебно да си помагаа и да делат од својата доза, во надеж дека надлежните ќе обезбедат каков-таков лек.

Овие граѓани плаќаат здравствено осигурување, овие граѓани плаќаат даноци, овие граѓани се родиле и останале да живеат во оваа држава зашто е исто толку нивна како и на мене, како и на кој било политичар што носи одлуки како ќе ги потроши заедничките пари.

Не може да се прават скапи прес конференции и коктели на кои ќе се презентира како државата ќе гради стратегија за млади! Не може сите политичари од уста да не ги вадат младите кога зборуваат за плановите, за иднината, а во исто време да им ја скратуваат не обезбедувајќи им го основниот лек без кој не можат да живеат.

Пропаѓа онаа држава што ги остава младите да плачат пред камера! Пропаѓа онаа држава што им купува билет на младите во еден правец! Пропаѓа онаа држава што во младите гледа гласачко тело, но не и партнери за градење на иднината! Пропаѓа онаа држава што им ги сече крилјата на децата што останале да живеат во неа!

Нема извинување за овие луѓе! Нема бркање вештерки и вперување прст! Виновни се сите оние и власт и опозиција што дозволиле кој било да заплаче и да моли за живот!

Кога ќе помислам дека е срамота, ми текнува дека срамот одамна не постои кај луѓето кои одлучуваат да бидат некакви челници во државата! Не може млад човек да моли за живот! Тоа не смее да се случи!

 

Related posts

Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

admin

Европска бајка

admin

КУЛТУРА НА СТРАВ

admin

Како и зошто стигнавме на оваа дереџе?

admin

Бродот што тоне

admin

„ОГНЕНИТЕ“ ЈА ДОБИЈА БИТКАТА, ДАЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ И ВОЈНАТА?

admin