10.8 C
Скопје
12 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Десни, подесни, и крајно десни

Пишува: Мирјана Малеска

Панче Жежовски, во печатот е претставен како “постариот господин од Велес”, кој e убиен заради долг од 500 евра. Во некои текстови,  во согласност со локалната култура на “ејџизам”-да се потцени човек заради годините-го нарекуваат, “старецот Панче”. Ми требаше малку време да се заинтересирам кој е Панче Жежовски.

Побарав на интернет без некои посебни очекувања. Се појави фотографија на повозрасен господин, со пријатна физиономија, наочари, модерен аутфит и енергичен настап зад микрофонот.  Во позадината, на црвено знаме со жолти лавчиња се гледа сонцето од Вергина и името на некоја партија. Тоа е Панче, претседател на ветераните на “Единствена Македонија”.

Да не беше овој случај, не ќе бев сосема убедена дека кај нас постојат регистрирани, крајно десни, проруски партии со своја идеологија, структура и приврзеници.

Од десни до крајно десни…

Каде,  на спектарот од крајна десница, до крајна левица, ќе се смести една политичка партија зависи не само од нејзината идеолошка програма и изјавите на нејзините челници туку и од нејзиното долгогодишно политичко дејствување. Зашто, историјата познава ситуации кога комунистички и социјалистички партии воведоа капитализам и повеќепартиски систем, како во Источна Европа во деведесетите години, додека конзервативни партии, знаат да национализираат приватни компании, доколку  оценат дека е тоа од интерес за земјата. Познат е и феноменот дека пред избори партиите “ловат” гласови и од “десно” и од “лево” да ги привлечат неопределените. После, кога ќе дојдат на власт се соочуваат со реалноста, дека политиката не е празен лист хартија и дека гласачите не се толку наивни,  но тоа е веќе друга тема.

Крајната десница во Македонија е релативно нов и засега маргинален феномен.  Да се каже каква политика, евентуално би водела таква партија, дококолку некогаш стапне во  претствничкото тело, останува внимателно да се погледне нејзината идеолошка програма и да се сослушаат изјавите на челниците на партијата. Не е за отфрлање ни теоријата на Павле Трајанов, која е дадена во контекст на двојните убиствa,  дека партијата “Десна” и слични партии се “инсталација” на некои тајни служби за безбедност, со намера да и се “откинат” гласови на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Нешто слично кажаа поранешниот и сегашниот претседател на партијата,  Љупчо Ѓеоргиевски и Христијан Мицковски, но и тоа мора да се земе со резерва.

Идеологијата на “Единствена Македонија” на Панче Жежовски, на пример, е крајно десничарска и анти-демократска на едно клучно рамниште: партијата  експлицитно го забранува политичкиот плурализам и правото на граѓаните на политичко здружување и слобода на мислење. Другите десни партии, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ не одат во таква крајност, прифаќајќи ги, барем формално,   “демократските правила на игра”.

“Во нашите политики е организирање на Уставотворно собрание за донесување на нов Устав заснован на погоре споменатите принципи; забрана на партии, организации и здруженија кои ја негираат тримилениумската македонска историја, идентитет, јазик и култура”, пишува на веб страницата на партијата. Ќе затворале, покрај криминалци, уште и квислинзи и национални предавници…

Ова е илустративен пример, за тоа што е крајна десница: забрана или фрлање во затвор на секој што политички мисли и дејствува спротивно на идеологијата на оваа партија, макар засега на хартија!  За жал, обично се почнува со хартија а патот од  вербално насилство до физички пресеметки е краток. Особено во општество како нашето, каде национализмот не е резервиран за некоја маргинална десна партија, туку е  автентично чувство на едно прилично големо мнозинството. Не е случајно што националистичката, десно од центарот, партија ВМРО-ДПМНЕ е триесетина години во Собранието а половина од тоа, на власт.

Сите десни партии кај нас се  прогласуваат сами себе за автентични бранители на македонскиот “националниот интерес”, кој го разбираат како доминација на македонскиот народ над останатите. Тие, без исклучок, ветуваат дека кога ќе дојдат на власт, ќе ја вратат состојбата во државата каква што била пред Охридскиот рамковен договор. Нивната цел е Македонија одново да се дефинира како национална држава на македонскиот народ со права за малцинствата. Додека “Единствена Македонија” и “Десна” целосно го отфрлаат Охридскиот рамковен договор, партијата ВМРО-ДПМНЕ, како потписник на договорот и мандатар на долгогодишна коалициска влада со ДУИ, настапува повнимателно. Сепак, неговите челници, пратениците, новинари, некои членови на МАНУ и други интелектуалци блиски до партијата,  не пропуштаат прилика да испратат порака до јавноста, дека,секако е потребна ревизија, бидејќи едно етничко малцинство доминира над мнозинството.

Ова може да биде проблем во мултиетнички држави, но не е точно, бидејќи владата е коалиција на една партија која го претставува мнозинството и една партија која ја претставува помалата етничка заедница. Намерата да се проблематизираат решенијата од ОРД, како споделување на власта, праведната застапеност на помалите заедници и правото на вето, особено е нагласена за време на избори и е убаво “спакувана” како наивно барање  Македонија, наместо држава на демоси да станела граѓанска држава. Последната идеа од овој ревизионистички “пакет”, доаѓа од МАНУ и гласи: ние не сме мултиетничко општество, туку мултикултурно. Оние што повеќе ги разбираат работите знаат дека зад оваа фраза се крие отфрлање на сегашното државно уредување на земјата и реставрирање на доминација на мнозинството, што веќе сме го имале од 1991 до 2001 и што доведе до вооружен конфликт.

Јасно е дека промена на сегашниот уставен поредок, евентуално може да се оствари во состојба на  општ хаос и затоа, намерно и упорно се поттикнува демонизирање на сограѓаните Албанци. Особено од моментот кога ДУИ му даде целосна подршка на својот коалициски партнер во власта, СДСМ, да ги реши отворените прашања со Грција и Бугарија. Примери  на албанофобија има безброј. Последниот испад доаѓа од претседателот на “Единствена Македонија”, кој, ден пред почнување на самитот на ОБСЕ во Скопје, излегува со изјава:

“Како не им е страм на овие министри за надворешни работи, што утре ќе се соберат во оваа сала, да дебатираат за безбедност, кога со нив ќе претседава лицето Бујар Османи, човек кој доаѓа од терористичка организација”. Чиниш војната од 2001 не завршила.

Македонизам(македонштина)

Во главите на овие десничари, постои само еден  национален интерес на земјата: да се биде македонист, односно националист. Македонизмот или македонштината е идеологија и политичка акција која бара совпеѓање на државните граници со замислените етнички граници, кои ги гледаме на картите на Голема Македонија. Ако не во буквална смисла, што соседите секако нема да ни дозволат,  тогаш во некоја духовна и културна смисла.  Десницата не може  да се помири со политиката на немешање во работите на друга држава, ниту сака да разбере дека прекуграничната соработка ќе биде успешна само ако изградиме добри соседски односи со Бугарија. Да не говорам дека членството во ЕУ ќе ги релативизира границите, но изгледа тоа никогу не го интересира.

Битна составка на македонизмот е и тврдењето дека нацијата има од милениумска до три милениумска автохтона историја, што значи дека ние, современите Македонци водиме најдиректно потекло од Александар Македонски и со право имаме претензии спрема етничка Македонија, од нашите глави. Иако политиката на антиквизација доживеа тотален неуспех, македонистите не се откажуваат од милениуската автохтоност на македонската нација, бидејќи тоа, меѓу останатото, не ослободува од обврската да разговараме за “заедничка историја” со Бугарија.

Сосема очекувано, сите десни, националистички партии се жестоки опоненти на политиката на СДСМ  за решавање на споровите со Грција и Бугарија на преговарачка маса, со медијација на дипломатијата на САД и ЕУ: договори, во кои медиаторите и додадоа политичка тежина на нашата позиција, наспроти обвинувањата,  дека целосно застанале зад Грција или Бугарија.  “Единствена Македонија”, на пример, бара “одземање на важноста” на договорите со Бугарија и Грција а “Десна” собра 150 000 потписи за иницијативата за задолжителен референдум, со прашање дали сте за или против договорот до Бугарија и ја достави до Собранието. Од своја страна, ВМРО-ДПМНЕ, иако ја подржува интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ и на таа основа доби подршка од граѓаните,  го бојкотираше ратификувањето на договорот од Преспа и во  секоја прилика дава до знаење дека, ако победи на избори, најмалку што ќе стори е да го ревидира.  Во меѓувреме и нанесе огромна политичка и финансиска штета на државата, блокирајќи го  продолжувањето на преговорите со ЕУ и што е најлошо, ја отепа надежта кај граѓаните.

Затоа е невкусно, исти ликови, кои не се симнуваа од телевизиските екрани и дебатни емисии, отфрлајќи ги уставните измени како диктат, сега да бидат бесни на ЕУ и нејзините “двојни стандарди”. Дрскоста оди до таму што се добива впечаток дека спорот, чиј е Гоце Делчев има иста тежина како руската агресија врз Украина.

Мастер-план

На крајот на октомври во  хотелот Континентал е промовирана книгата на Јанко Бачев, “Договорите со Бугарија од 2017 и 1947 година и планот за обединување на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија”. Рецензенти и промотори на книгата биле Игор Јанев, Јове Кекеновски и Ристо Никовски, со став дека договорите од 1947 година требало да станат преговарачка позиција на Македонија во сегашните македонско-бугарски односи, односно Македонија да се врати на позициите со договорите од 1947 година, меѓу Тито и Ѓорѓи Димитров.

Се сомневам декa амбасадорот Никовски и двајцата професори не знаат во кое време живеат и дека одамна ги нема Тито и Ѓорѓи Димитров. Тие имаат  “мастер-план” кој се надеваат дека  ќе биде испорачан доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на претстојните избори, за што сесрдно се залагаат: да не се попушти пред “атлантистите” и сите “белосветски битанги”, како неодамна беа наречени министрите на земјите на ОБСЕ и Македонија да се сврти кон Русија и Кина, зачленувајќи се во БРИКС, каде ништо не се бара од нас.

Панче  и татковците

Национализмот е најбрзиот и најисплатливиот начин за политичка промоција денес и има многу “претприемачи” кои профитираат од оваа идеологија. Но верувам дека еден дел од членовите на десните партии се луѓе кои се искрени патриоти. Некои од нив, сигурно го немаат потребно образование да разберат како функционира меѓународниот поредок и која политика е во најдобар интерес на земјата. Можеби  мислат, дека нема друг начин да се одбрани државата и нацијата освен да се сруши оваа власт. Жално е што добар дел од нив се синови или внуци на партизанската генерација која ја создаде македонската држава.  Случајно забележав фотографија на која,  група демонстранти од десницата,  во нивните педесети или шеесети години, со знамиња и транспаренти, се сликале покрај споменикот на АСНОМ и запишале: “со нашите татковци”.

Можеби е наивно да се суди за луѓето само по ставовите што ги изнесуваат во јавните гласила и  на социјалните мережи, особено кога сеуште се води истрага за убиство. Сепак верувам дека Панче Жежовски бил искрен кога напишал дека не зборува нешто лошо и недозволено:  “Нашето место е со тие што светот го освојуваат со Љубов. Со тие што Градат а не со тие што Убиваат Рушат и Крадат. Прости им Господе не знаат што прават”.

Епилог

Трагичниот крај на Панче ме потсети на документарниот филм “Обични луѓе”. Тоа се припадниците на казнените СС одреди кои вршеле масовни убиства на Евреите а се регрутирани од средната класа на нацистичка Германија, меѓу работниците, службениците,  интелектуалците…Тоа не се, вели историчарот од серијата како што ги прикажуваат американските филмови , некои необразовани, долни, примитивни психопати(иако имало и такви) туку се обични луѓе. Можеле, но не морале, бидејќи не следувале санкции, да учествуваат во масовните стрелања на Евреите. Некои ги напуштиле казнените СС одреди, но добар дел од нив доброволно останале.

Без намера да споредувам, оти нема споредба, сепак ќе кажам дека секој има можност, со полна одговорност,  да избере што ќе застапува. Но во моментот, политиката е далеку од “демократска игра” и заличува на бојно поле. Нешто што сега на мнозина изгледа како патриотизам и преголема љубов кон нацијата и државата, без оглед дали се чувствата  искрени или не,  ќе ни се скрши од глава. И почна да ни се крши.

Related posts

МЕНГЕМЕ НА “ТОЛПАТА“ НА ГУСТАВ ЛЕ БОН

admin

„Вирусот“ на поделби кај албанските партии

admin

ЗИГЗАГ: ОМРАЗАТА КАКО АДУТ ЗА ПОБЕДА НА ИЗБОРИ

admin

Непринципиелни коалиции во албанскиот блок

admin

2022 КРИЗНА – НО И ГОДИНА НА ЗНАЧАЈНИ РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ

admin

ШТО (КОЈ) СТОИ ЗАД ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ „ЦАР БОРИС“?

admin