7.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНА

Гарсија: Во преговарачкиот процес пречки може да има и од други земји

Ја поддржуваме Северна Македонија во нејзиното барање и определба да биде полноправна членка на Европската Унија, уверува шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија во неделното интервју за РСЕ. Тој не ја исклучува можноста дека во процесот на преговори може да се отворат и други барања од други земји членки, дури и доколку бидат усвоени уставните измени, од кои зависи одржувањето на Втората меѓувладина конференција.

Амбасадоре, преостануваат уште неколку дена од претседавањето на Шпанија со Унијата, по што оваа функција и ја предавате на Белгија. Дали Шпанија ги исполни приоритетите на своето претседателство со Европската Унија и што би му порачале на следниот претседател?

Па за следниот претседавач, тешко е да кажеме, што може да се каже, што треба да се направи. Имам почит кон следниот претседавач, кон нашите пријатели во Белгија, можам само да им кажам дека може да сметаат на нашата поддршка и дека може да го поделиме нашето искуство, но не можам да одам понатаму и да давам совети, значи само нашата јасна поддршка. Што се однесува до нашите постигнувања во однос на приоритетите за време на нашето претседателство. Можам да кажам дека секогаш има работи кои може да се направат. Еве да ви дадам неколку бројки и факти. Имаше 24 неформални министерски состаноци, за транспорт, за енергија и многу други. Имаше исто така 24 формални состаноци, можеби испуштам некои бидејќи бројките треба да се ажурираат во меѓувреме, но тука некаде се. Имаше 6 самити и како дополнување на тоа имаше формален и неформален Совет на министрите, оној во Гранада. Најважниот, пак ќе се вратиме на него и декларацијата од овој состанок. Значи, многу состаноци, многу идеи, иницијативи и мислам дека тоа е тоа што го налага претседавањето. Ова е петто претседавање на Шпанија со Унијата и ние ќе продолжиме да бидеме проевропски ориентирани како што бевме со години и ќе ја зачуваме Европската Унија како врвен приоритет, како дел од нашиот секојдневен живот.

Какви се вашите очекувања за идното проширување на Унијата? Дали Унијата е подготвена за нови членки до 2030 година (како што најави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел)?

Интересно е како го поставивте прашањето. Не е дали земјите се подготвени, туку дали е Европа подготвена? Тука можеби има два пристапа, но на крајот двете работи одат заедно „рака под рака“. Ќе се осврнам прецизно на декларацијата од самитот во Гранада. Во оваа декларација од крајот на октомври имаше цел параграф во кој се зборуваше за проширувањето и се истакнуваше потребата од кандидатите земји да направат дополнителен напор во однос на реформите, но и повик до нас членките на ЕУ, да направиме исто така напор, бидејќи имаме потреба да бидеме заедно во тоа. Ќе треба да работиме повеќе на тоа.

За опозицијата и критичката јавност оценките во последниот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија се реални. Власта тврди дека извештајот не е лош и дека нема отстапување. Која е вашата порака до надлежните во однос на забелешките на Комисијата?

Подоцна ќе зборувам за статистиката и извештаите, за тоа како сакате да го читате извештајот. Дали чашата е полуполна или полупразна, зависи дали си власт или опозиција. Логично е и мора да сме свесни за тоа. Мојата порака велите… мојата порака би била не само за власта, туку и за опозицијата, генерално за сите. Шпанија моментално има улога на претседавач, тоа е поистакната улога, но досега пораката која ја испраќаме од мојот премиер, од министерот Алварез, од сите институции од Брисел е поддршката на Шпанија за Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. Ние продолжуваме во таа насока. Ја поддржуваме Северна Македонија во нејзиното барање и определба да биде полноправна членка на Европската Унија и подготвени сме да ја поддржиме.

Во меѓувреме, Македонија ја очекуваат избори, техничка влада и распуштање на парламентот.Она што е факт е дека нема консензус за промена на македонскиот Устав. Дали очекувате консензус од следното парламентарно мнозинство за ова прашање и она што е уште поважно, дали уставните измени за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав се гаранција дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови за блокирање на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија?

Назад во јули 2022 година, заклучоците беа усвоени врз основа на Договорот за пријателство и ова е дел од процес. А тој процес можам да кажам со задоволство дека преговорите беа отворени во јули 2022 година. За да продолжат постои јасен услов, а тоа е промена на Уставот и има потреба од тоа. Дали тоа ќе значи крај на пречките? Не сакам да пратам песимистичка порака, напротив. Она што ние го кажуваме, но и другите ЕУ инстанци, од земјите членки е дека кога сте во процесот, за да се свика Втората меѓувладина конференција, треба да го исполните тој услов, односно да се усвојат уставните измени и тогаш работите ќе добијат друга насока. Можеби ќе има други услови и барања од други земји, но на крајот работите ќе добијат друга димензија и важност. Што ќе значи ова? Дали ова ќе биде последна пречка? Можеби ќе има многу други пречки.

Во овој контекст какви се шансите на Северна Македонија да ги отвори преговорите за членство за време на белгиското претседателство?

Преговорите се веќе отворени. Уште од јули 2022 година со одржувањето на Првата меѓувладина конференција. Сега зборуваме за продолжување на истите. Важно е да кажам дека скрининг процесот заврши прилично успешно. Нема да ги цитирам локалните изјави, туку пристапот на Брисел. Подготовките за да станете полноправна членка се високо оценети. Нема да дебатирам за тоа, бидејќи Европската Комисија ги има деталите. Значи, состојбата е јасна. Втората меѓувладина конференција ќе се одржи, веднаш откако ќе се донесат уставните измени.

Кои реформи, според Вас, се нашите „слаби точки“ кои не оддалечуваат од ЕУ?

Да, така е. Толку многу години. Кога дојдов тука можам да кажам дека почувствував чувство на фрустрација кај луѓето, кои велат ние работевме и направивме толку многу, како и да е. И јас викам, ве молам …ќе се случи и тоа.

Слабите точки?

Слабите точки, да тоа ми беше поентата. Ајде да ги видиме поинаку, слабите точки. Новата методологија во однос на преговорите е Втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Со новата методологија многу важен кластер е она што се нарекува „основи“ (фундаменталс). Тоа е основа на целиот процес, тоа е владеење на правото, правосудството, борба против корупцијата и всушност тоа е првиот кластер кој се отвара и последниот што ќе се затвори. Затоа да не зборуваме за слаби точки, туку за дополнителни напори кои секоја земја кандидат треба да ги направи. И тоа е најкомплицирана област за која било земја. Прва се отвара, последна се затвора. Јас така гледам на тоа.

Каков е вашиот коментар за последните измени на Кривичниот законик со кои значително се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба и овластување?

Во однос на ова, се обидувам да се сетам на прецизната изјава која беше дадена ден потоа, не се сеќавам дали беше од портпарол или некој еврокомесар во Брисел. Всушност поентата беше дека има потреба од следење на ова прашање. Јас би кажал дека во таа изјава имаше чувство на загриженост и во исто време и потреба да се внимава на ова прашање и како ќе се развива натаму. Јас би останал на тоа. Законот е усвоен, се работи за национално законодавство и не би одел натаму со коментарите туку ќе се задржам на она што го кажа еврокомесарот кои се добро информирани, зошто како што видовме и во извештајот за напредокот каде имаше посебен дел и параграфи кои се однесуваат точно на ова прашање. И јас ќе се задржам на нив.

Дали гледате политичка волја на македонските власти во борбата против корупцијата? Извештаите од релевантни организации, коментарите на дипломати од меѓународната заедница укажуваат на лоши резултати во оваа област?

Преземени се мерки од оваа влада, да, но има потреба од зајакнување до кој степен ќе ја покажете политичката волја. Комплексно е. Што е реалната волјата и до кој степен ја покажувате таа волја. Тоа не е прашање кое ќе се реши за еден ден. Мора да преземете мерки и да продолжите да применувате мерки, тоа како што реков не се решава веднаш. Би кажал дека постојат сигнали и обврски, во ист време има потреба од резултати и Меѓународната заедница внимава на тоа. Европската Комисија исто така во извештајот се осврнува на ова прашање. Треба да се работи. И затоа нема да кажам дали гледам политичка волја или не. Да зборуваме за фактите, работите кои се направени, дополнителни чекори треба да бидат преземени, ете така би се изјаснил, за ова, многу практично.

Амбасадоре, вие сте повеќе од две години тука. Како би ги оцениле билатералните односи меѓу Шпанија и Северна Македонија?

Следната година ќе одбележиме 30 годишнина од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји. Ние сме на некој начин среќни, благодарение и на моите претходници за тоа. Минатата година имавме прва посета на наш премиер во земјава, премиерот Санчез дојде, неколку дена по отворањето на преговарачкиот процес и во април исто така не посети министерот Алварез. Подоцна во рамки на нашето претседавање со Унијата, нашите министри за правда и внатрешни работи учествуваа на министерските состаноци за правда и внатрешни работи. Значи, имаме се почеста институционална присутност тука. Тоа е важно. Да бидеме на јасно. И обратно. Можам да кажам дека Северна Македонија исто така беше љубезна и возврати на посетите во Шпанија на неколку наврати на неколку локации. Не се сеќавам точно на периодот на посетите. Како и да е, институционалните односи зајакнуваат и се развиваат на едно корисно ниво, и не само како земји пријатели, туку и се надевам дека скоро ќе бидеме и заедно како земји-членки во ЕУ.

Во врска со билатералните односи исто така може да се направи повеќе за економијата, има интерес за тоа. Зошто не гледаме многу шпански компании тука? Јас би рекол, полека, полека… Имаме добри искуства на меѓународно ниво, во делот на инженерските компании, но имам чувство дека има интерес за повеќе знаење во некои области, има на пример уште многу работи кои може да се направат на пример во делот на менаџирањето со водата, отстранување на отпадот, инфраструктурата, возовите…Знам дека има и други земји кои имаат знаење и капацитети за ова, но мислам дека и ние имаме предност. Можам да кажам дека во јули имаше физибилити студија која ја изработи шпанска фирма и која се однесува на третманот на водата во Охрид, знам за сложеноста на проблемот, знам дека не е прв пат, но мислам дека шпанската фирма ќе му даде една дополнителна вредност за решавање на проблемот и тоа е една од задачите на оваа амбасада.

Related posts

Дали Ескобар ќе го „омекне“ Мицкоски?

admin

Тешки борби избија околу болницата во северна Газа

admin

Март изгор поскап од февруари- 1.000 евра месечно за храна

admin

ЕВРОПА ПРЕД НАЈГОЛЕМИОТ ВОЕН СУДИР ОД 1945 ГОДИНА, ВЕЛИ БРИТАНСКИ ГЕНЕРАЛ

ninja

Бајден вели дека помошта може да влезе во Газа во петок

admin

Украина ги интензивира нападите долж граничните линии

admin