Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, поднесе кривична пријава против претседателот и членовите на Советот на јавни обвинители, откако беше дисквалификуван од трката за државен јавен обвинител поради, како што соопшти Советот, неисполнување на условот за работен стаж.
Панчевски соопшти дека до Министерството за внатрешни работи и до Јавното обвинителство поднел пријава против претседателот на Советот, Башким Бесими, и други членови на телото, обвинувајќи ги за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Советот на јавни обвинители претходно одлучи дека Панчевски не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за јавно обвинителство, наведувајќи дека кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж во областа, услов кој, според нивната интерпретација, тој не го исполнува поради прекин во стажот.
Панчевски, пак, тврди дека ги исполнува сите законски критериуми и објави документ за кој вели дека е издаден од Основниот кривичен суд Скопје, а со кој, според него, се потврдува дека има повеќе од 12 години работен стаж релевантен за функцијата државен јавен обвинител.
„Советот при очи сите нè направи слепи“, напиша Панчевски во објава на социјалните мрежи, додавајќи дека ќе бара правна заштита.
Советот на јавни обвинители не одговори веднаш на барањето за коментар за поднесената кривична пријава.
Во меѓувреме, Советот даде позитивно мислење за в.д. државната јавна обвинителка Топалова-Исајловска како кандидат во постапката за избор на нов државен јавен обвинител.
Панчевски со години е контроверзна фигура во правосудството.
Тој стана пошироко познат во 2016 година по конфликт со тогашниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски, поврзан со изградба на објект во центарот на Скопје. Објектот, според општината, бил изграден надвор од одобрението, по што дивоградбата беше урната.
Тој беше споменуван и во објавени прислушувани разговори од тогашната опозиција СДСМ, во периодот на политичката криза, што тој ги негираше, тврдејќи дека е цел на политички напади. Дел од правните експерти, пак, јавно го критикуваа неговото работење.
Во одделен случај, против него беше поведена постапка за наводно нестручно и несовесно вршење на судската функција, поврзана со распределба на предмети преку АКМИС системот. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог во врска со овој случај.

