14.8 C
Скопје
4 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

СРБИЈА ПРОТИВ ШВАЈЦАРИЈА: ВОЈНА ИЛИ СПОРТ?

Двоглав орел, националистичко знаме, провокации: дуелот на Србија и Швајцарија на СП во Катар има длабока политичка заднина, потсетува печатот на германски јазик. Швајцарските медиуми ги бараат причините.

„Решавачки меч со политички динамит“, гласи насловот во Берлинер Цајтунг пред дуелот меѓу Србија и Швајцарија на Светското првенство. На Србија за пласман во осминафиналето и одговара само победа, на Швајцарија и е доволен и бод- обете под услов Камерунците да не направат чудо против Бразил.

„Среде ноќ југословенската полиција го разбуди Рагип Џака од сон, со лисици на рацете го одведе во ќелија од четири на два метри во Приштина“. Текстот во берлинскиот весник почнува со опис на случувањата во семејството на Гранит Џака, денешниот капитен на Швајцарија. Шест месеци затвор, измачувања. „Тоа што мојот татко таму го доживеа, не му посакувам никому“, раскажува Гранит Џака. Семејството подоцна емигрира во Швајцарија. Весникот потсетува дека кај Џака и Ѓердан Шаќири емоции „зовреа“ во текот на дуелот пред четири години, кога Швајцарија ја победи Србија со 2:1, а тие двајцата постигнаа по еден гол.
„Обајцата при прославата со рацете направија крила и ги испреплетоа палците: двоглав орел. Албанскиот грб беше јасна политичка порака и провокација за Србија, која до денес не го признава Косово, населено со Албанци. Двајцата добија парични казни. Што ќе биде овојпат?“, се прашува Берлинер Цајтунг.

Гранит Џака Србија СП 2018
Гранит Џака го прославува голот против Србија на СП 2018 со „двоглав орел“Фотографија: Laurent Gillieron/Keystone/dpa/picture alliance

Во расцеп меѓу две нации 

Пред новиот дуел на Светското првенство во Катар, на истата предисторија потсетува и Зидојче цајтунг, наведувајќи дека швајцарските фудбалери со албански корени се под двоен притисок: „Најпрво притисокот можеби ќе дојде до српските навивачи на стадионот, а тука е и притисокот дома, каде публиката не одобрува кога играчите на нивниот „Нати“ (национална репрезентација, н.з.) ставаат други држави во прв план пред Швајцарија“.
„Дали во таква состојба рацете ќе останат мирни при прославата, доколку воопшто има причина за славје? Тоа ќе го дознаеме во петок навечер“, додава весникот.
Франкфуртер алгемајне цајтунг потсетува на тоа дека гестот со двоглавиот орел не ги изнервира само Србите, туку и Швајцарците: „Бурата беше толкава што весниците на тематизираа во воведници, а уследија и политички дебати“, наведува весникот и потсетува дека била дури разгледувана и идејата да им се забрани на луѓе со двојно државјанство да настапуваат за Швајцарија.
„Импулсот од фудбалскиот стадион доведе до прашања кои претходно речиси воопшто не ги интересираа Швајцарците. Доколку веќе фудбалерите се интимно расцепени меѓу две нации, што е со оние луѓе кои работат на чувствителни места: дипломати, граничари, разузнавачи“, пишува ФАЦ.
„Други гласови, пак, укажуваа дека успесите на националниот тим ќе беа невозможни без „секондосите“- така во Швајцарија се нарекуваа децата на имигрантите. И дека токму овој тим многу придонесе за чувството на заедништво на нацијата која е поделена и во однос на мајчините јазици. Беше пишувано дека таа позитивна сила не треба да ослабне“.

Драган Стојковиќ
Селекторот на Србија, Драган СтојковиќФотографија: Francisco Seco/AP/dpa/picture alliance

„Да се спушти топката“ 

Швајцарскиот таблоид Блик објави интервју со поранешниот српски репрезентативец Здравко Кузмановиќ, кој вели дека секогаш навива за Швајцарија, каде и натаму живее, освен кога игра против Србија. Вели дека посакува Србија во 96 минута да даде гол за победа.
Тој добро го познава Шаќири, со кого играше во Интер. „Од време на време се гледаме во близина на Базел и разговараме. Немаме никаков проблем. Затоа, молам да се спушти топката. Приказната треба да заврши, најдобро за сите е да се раздвојат фудбалот и политиката“.
На прашањето дали може да се заборави 2018, Кузмановиќ вели: „Веројатно не. Покажувањето на двоглавиот орел е срам, ниеден Србин тоа не го заборава. Но, се случи и тоа не може веќе да се поништи“.
Запрашан за истакнувањето на српското знаме кое го прикажува Косово во српските бои со натпис „Нема предавање“ во српската соблекувална пред мечот со Бразил, Кузмановиќ вели: „Соблекувалната била празна и не се знае кој фотографирал. Ниту еден играч тоа не го објави. Секако дека тоа не беше добар потег, но дуелот со Швајцарија е доволно интересен и од спортски аспект. Да разговараме за тоа. Нема веќе изговори. Сѐ или ништо. Еден тим оди понатаму, а другиот лета дома“.

Здравко Кузмановиќ
Поранешниот српски репрезентативец Здравко Кузмановиќ во дресот на Штутгарт

Related posts

Мишел: ЕУ мора да биде подготвена за ново проширување

admin

„Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

admin

ВМРО-ДПМЕ должи над 2 милиони евра, намален е за 6 милиони

admin

Американците не сакаат повеќе да се борат за својата земја

admin

Ковачевски побогат од Џафери, вториот најбогат министер разрешен

admin

Учебната година пред крај, дел од учебниците уште ги нема

admin