14.8 C
Скопје
11 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДЕМНЕЊЕ СТАНА КРИВИЧНО ДЕЛО, ЗАТВОР ЗА НАПАЃАЧИ НА НОВИНАРИ, ЛЕКАРИ И АДВОКАТИ

Демнење и сексуално вознемирување станаа кривични дела, напад врз адвокати, здравствени и медиумски работници ќе се казнува со затвор. Ќе се казнува и економско насилство. Ова се дел од измените на кривичниот законик кој по две години во собраниска процедура, вчера тивко помина на пленарна седница.

Напади и закани врз адвокати, здравствени и медиумски работници од сега ќе се третираат како напади врз службени лица, се предвидува во измените на Кривичниот законик ,кој по две години во собраниските фиоки, пратениците вчера го изгласаа.

Ова значи дека за закани по живот кон оваа група на луѓе ќе се одговара со парична казна или со затворска до 6 месеци. Доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност казната може да достигне и до една година затвор. Ако веќе станува збор за насилство сторено врз оваа група на луѓе затворската казна изнесува од три месеци до три години.

„ Со казната на овој член ќе се казни тој што делото ќе го стори спрема службено лице во вршењето на службата, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи кои ги презема во рамките на своите овластувања или спрема повеќе лица“, пишува во измените на законот.

Во кривичниот законик предвидени се казни и за јавно искажани закани за кривични дела на интернет кои се поттикнати од каков било вид на дискриминација.

Но, правдата за заканите искажани кон адвокатите, новинарите, снимателите, лекарите и медицинските сестри ќе треба да ја бараат со приватна тужба, а нема да им следува по службена должност.

Додека новинарите и медиумските работници веќе пет години ги чекаат измените на Кривичниот законик за поголема безбедност додека работат, со тоа што нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице, минатата година порасна бројот на инциденти кон нив споредено со минатата 2021 година. Минатата година заврши со вкупно седум посериозни напади според регистарот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Беа регистрирани физички и вербални напади врз новинари, како и задржување против нивна волја при извршување работа на терен.

Демнење и сексуално вознемирување станаа кривични дела

За прв пат во кривичниот законик се вметнуваат кривични дела како демнење и сексуално вознемирување. Со новите измени на законот се предвидува дека со парична казна или затворска до три години ќе се казни човекот за кој судот ќе утврди дека ве следи, прогонува, психички ве вознемирува, злоставува или застрашува, лично или преку пишана комуникација, како и ви ги злоупотребува личните податоци.

Казната е поголема ако ова дело го стори близок човек, односно сегашен или поранешен интимен партнер, како и доколку делото е сторено кон дете, тогаш казната може да достигне и до пет години затвор.

Низ пекол поминуваа многу жени, кога во 2020 година во јавноста за првпат се дозна за „Јавна соба“, каде во затворена група на апликацијата Телеграм се споделуваа слики и видеа од девојки – некои пратени во доверба, други преземени од социјалните мрежи, дополнувани со Фотошоп, со недолични коментари, но и контакти од девојките. Меѓу нив имаше и малолетни девојчиња.

Измени на Кривичниот законик беа најавени за прв пат на 30 јануари 2021 година, откако групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм предизвика бројни реакции во јавноста.

Сега со измените на законот е предвидено дека до една година затвор може да се казнат тие кои што вршат сексуално вознемирување без разлика дали тоа го прават вербално или со физичка присила.

Зголемени се затворските казни за силувачи и педофили, па според измените затворска казна од 3 до 5 години е предвидена за силување сторено од сегашен или поранешен брачен или интимен партнер, како и силување на малолетник под 15 години ќе се казни со најмалку 8 години затвор. За убиство со умисла на жена или девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза судот може да досуди и доживотен затвор. Затворски казни се предвидени и за неовластена употреба на сила од страна на службени лица и тоа до 8 години затвор.

Со новите измени се дефинира детално што е семејно насилство и за прв пат во овој сегмент влегува и економското насилство врз жртвите.

„ Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не,“ пишува во законот.

Измени се направени и во делот на конфискација при судски пресуди, со што се овозможува да бидат конфискувани предмети и од трети лица ако тие биле дел од кривичната постапка.

Покрај воените злодела и геноцид, со новиот закон е превидено и кривичното дело тортура да се третира посериозно, односно не се дозволува застарување на овие дела.

Овие измени на кривичниот законик кои беа неопходни да се донесат и поради усогласување со Истанбулската конвенција и европските директиви во собраниските фиоки беа од јуни 2021 година.

Владејачкото мнозинство тврдеше дека не може да се изгласаат поради таканаречената „активна блокада“ од пратениците од опозицијата кои бараа избори. Вчера во Собранието поминаа со мнозинство од 61 гласа „за“ откако беа утврдени оставките на дел од министрите потребни за донесување на реконструкција на владиниот кабинет.

До објавувањето на овој текст во јавноста се уште нема реакции од невладините организации и професионални здруженија кои со години ги бараа овие законски измени.

Related posts

ЃУКАНОВИЌ: ГО ПОДДРЖУВАМЕ ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА КОСОВО

ninja

“Моето сеќавање е добро, по ѓаволите”, гневно реагираше Бајден

admin

Еден кандидат не го потпиша кодексот за фер и демократски избори

admin

Привилегии или безбедност: Стара тема, нова врева

admin

Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџети

admin

ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ НАЈАВУВА УВОЗ НА ЕВТИНА РАБОТНА СИЛА

ninja