9.8 C
Скопје
29 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

КОИ СЕ СРПСКИТЕ ДОБРОВОЛЦИ „САВА“ И „ДУНАВ“ КОИ ВОЈУВААТ ВО УКРАИНА?

„Сава“ и „Дунав“, се кодни имиња за српски доброволци кои тврдат дека војуваат во Укрина, на страна на руските сили. Тие отишле таму да им помогнат на своите „браќа“. Во видеата на Телеграм нивниот идентитет е скриен зад фантомки.

„Сава“ и „Дунав“, освен што се реки што течат низ Србија, се и кодни имиња за двајца борци кои тврдат дека од Србија им се приклучиле на руските сили во Украина.

Следејќи ги објавите за нив, Радио Слободна Европа (РСЕ) откри детали за единицата чиј дел наводно се тие.

Тие делуваат во Украина во баталјонот „Судоплатов“.

Во Србија, со закон е казниво војувањето на странски боишта, а досега повеќе од 30 лица се осудени за учество во конфликтите во Украина од 2014 година до денес.

Не е познат бројот на оние кои од Србија им се приклучиле на руските сили во Украина.

Официјален Белград во февруари најави дека ќе го спречи учеството на своите граѓани во конфликтите во Украина, како и дека ќе бидат санкционирани сите „доброволци“ кои ќе се приклучат на конфликтот.

„Сава“ и „Дунав“, како што се тврди во видео објавите на Телеграм, дошле да им помогнат на своите „браќа“.

Идентитетот на двајцата борци е скриен, бидејќи во сите објави се појавуваат со фантомки на лицата.

„Дунав“ имаше и неколку гостувања во руските медиуми, но и на нив зборуваше со фантомка на главата.

Приказната за „Судоплатов“

Баталјонот „Судоплатов“ е основан во септември 2022 година како проруска волонтерска единица која дејствува на југот на Украина на територијата на Запорожје, која моментално е под руска окупација.

Името на баталјонот потекнува од Павло Судоплатов, поранешен припадник на разузнавачките служби на Советскиот Сојуз за време на владеењето на Јосиф Висарионович Сталин, кој учествувал во ликвидациите на украинските националисти кон крајот на 30-тите години од минатиот век.

Според руските медиуми, единицата е основана на иницијатива на Евгениј Балицки, шеф на регионот Запорожје. Со години Балицки беше член на проруската „Партијата на регионите“, која се залагаше за правата на руското малцинство во Украина.

Во септември 2022 година, тој се приклучи на „Единствена Русија“, партијата на рускиот претседател Владимир Путин.

Баталјонот „Судоплатов“ е основан во септември 2022 година како проруска волонтерска единица која дејствува на југот на Украина на територијата на Запорожје, која моментално е под руска окупација.
Баталјонот „Судоплатов“ е основан во септември 2022 година како проруска волонтерска единица која дејствува на југот на Украина на територијата на Запорожје, која моментално е под руска окупација.

Баталјонот „Судоплатов“, во објава на каналот Телеграм од 5 декември 2022 година, наведува дека нивните борци минуваат низ „забрзана тактичка обука“ и дека меѓу другото учат „донесување борбени одлуки“ и „фронтален напад на непријател кој се брани во ров“.

На каналот на Телеграм е наведена документација што мора да ја достават оние кои сакаат да аплицираат во оваа единица: пасош на Руската Федерација и, доколку имаат, украински пасош, даночен број, воена карта, историја на вработување и здравствен сертификат.

Во огласите не се наведува каква е процедурата за волонтерите надвор од Русија.

Билборд со порака за приклучување на баталјонот Судоплатов на руската армија поставен во Мелитопол, Украина, кој е под руска контрола, 27 ноември 2022 година.
Билборд со порака за приклучување на баталјонот Судоплатов на руската армија поставен во Мелитопол, Украина, кој е под руска контрола, 27 ноември 2022 година.

РСЕ преку Телеграм стапи во контакт со баталјонот „Судоплатов“ со прашања дали и колку граѓани на Србија се пријавиле да дојдат во Запорожје и каква е процедурата за пристигнување, но до објавувањето на текстот немаше одговор.

Каналот на баталјонот „Судоплатов“ на Телеграм го следат нешто повеќе од 2.300 луѓе. Каналот редовно објавува фотографии од полигонот за волонтери, како и медиумски извештаи за таа единица.

На 3-ти февруари, на таа социјална мрежа, тие понудија 12 милиони рубљи (150.000 евра) „за секој исправен заробен тенк“ што западните земји ги испратија во Украина за да помогнат во борбата против руската инвазија.

На крајот на декември тие објавија дека Русија на баталјонот му подарила „шест беспилотни летала, топ против беспилотни летала, три сателитски телефони, два термални апарати и седум возила од марката Нива“.

„Сега на нашите борци ќе им биде полесно да го одржуваат редот во нашиот регион“, се наведува во соопштението.

Информации за таа донација не може да се најдат на веб-страницата на Министерството за одбрана на Русија.

Русофили од Србија

Тврдењата дека во баталјонот Судоплатов пристигнале двајца доброволци од Србија, беа објавени на Телеграм каналот на групата на 13 јануари. Се наведува дека двајцата „српски патриоти и русофили“, под кодни имиња „Дунав“ и „Сава“ се придружиле на баталјонот на почетокот на годинава, и покрај тоа што српските закони им забрануваат на граѓаните учество на странски боишта.

Радио Слободна Европа не можеше да го потврди нивниот идентитет, како ни тврдењата дека се работи за државјани на Србија. Тие дадоа повеќе интервјуа за руски и српски портали во кои зборуваат на српски јазик.

Во интервјуата, „Дунав“ вели дека неговото семејство реагира нормално и го поддржува и ја фали воената обука кои доброволците ја поминуваат. Во српското Министерство за внатрешни работи не одговорија на прашањата на РСЕ дали се запознаени со заминувањето на двајца српски државјани во баталјонот Судоплатов, како ни дали им е познат нивниот идентитет.

Улогата на руската ултрадесница

Во првиот пост на каналот на баталјонот на Телеграм во кој се споменуваат „Сава“ и „Дунав“ од 13 јануари, се споменува уште едно име.

Тоа е Андреј Родионов, руски ултрадесничар и основач на Меѓународното движење „Руско-словенско обединување и преродба – РУСОВ“.

Како што претходно пишуваше Радио Слободна Европа (РСЕ), Родионов во неколку наврати бил во Србија и одржува контакти со одредени групи на српската екстремна десница.

Претходно, не беше можно да се најдат никакви информации за врската помеѓу Родионов и „Судоплатов“ во објавите на тој Канал на Телеграм, воспоставен на крајот на октомври 2022 година.

Родионов во своите објави ги преведува изјавите на „Сава“ и „Дунав“. На таа објава се прикачени фотографии на кои се гледаат двајца мажи во униформи со фантомки на лицата кои позираат со три прста пред воен камион. Со нив е и Родионов.

На градите носат амблем со симболот на ултрадесничарската организација РУСОВ основана од Родионов.

Во објава од 21 ноември на Каналот на на организацијата РУСОВ на Телеграм, се наведува дека голем број членови и симпатизери на оваа организација се борат во редовите на „112-та посебна чета на доброволниот баталјон Судоплатов“.

Знамето на РУСОВ (лево) на протестот против руската инвазија во Белград
Знамето на РУСОВ (лево) на протестот против руската инвазија во Белград

Што е РУСОВ?

Според Центарот за информации и анализи Сова од Москва, кој ги следи ултрадесничарски групи во Русија, Меѓународното движење „Руско-словенско обединување и предорба“ (РУСОВ), формирано во 2012 година, е „мала пансловенска неопаганска организација која има неколку филијали ширум Русија, од кои најактивните се во Москва и Севастопољ“. На сајтот на организацијата, која ја води Андреј Радионов, се наведува дека тие имаат подружници и во сите словенски земји.

Главни цели на движењето се „оживување на Велика Русија“ и создавање „федерална сојузна словенска држава на чело со Велика Русија“.

Движењето ја поддржува руската инвазија врз Украина.

Родионов на Балканот

Во последните неколку години, Родионов повеќе пати ја посетил Србија и околните земји, а гостува на српските десничарски портали.

Во разговор за десничарскиot јутуб канал од Србија „Србин.инфо“, кој крајот на минатиот месец, тој вели дека Русија „им помага на српските доброволци добро да се обучат и после заедно треба да ги ослободиме Косово и Метохија“.

Косово прогласи независност во 2008 година, но Србија не го признава, а Русија ја поддржува.

Родионов во изминатите години ги посети и Македонија и Бугарија.

Од 2017 година, тој неколку пати бил во Македонија, а во 2018 во околината на Скопје организирал камп за учење боречки вештини и „духовните традиции на Древна Русија“, пишуваше Ф2Н2.

Родионов одржува врски со крајната десница од Србија.

Related posts

КУРТИ: „ЗАЕДНИЦАТА НА СРПСКИ ОПШТИНИ Е АПАРТХЕЈД“

ninja

Албанската опозиција со заеднички став: Доколку нема уставни измени да има предвремени избори

admin

МЕЏИТИ – ПОВЕЌЕ ИЗЛЕГУВААТ ОТКОЛКУ ШТО ВЛЕГУВААТ ВО ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО

ninja

ПРОВЕРКИ НА ТЕРЕН – СЕ ПОЧИТУВА ЛИ ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ?

ninja

Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директорите

admin

“Црните листи” со законска сила и во земјата, или само предизборна флоскула

admin