17.8 C
Скопје
12 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРООБВРЗНИЦАТА МОЖЕ ДА НÈ ЧИНИ МИЛИОНИ ЕВРА

Со откажувањето на еврообврзницата од 600 милиони евра Македонија праќа лош сигнал до меѓународните институции и може да добие повисоки камати во повторената постапка. Министерството за правда соопшти дека еврообврзницата им стигнала на потпис откако министерот Тупанчески веќе поднел оставка.

До одржувањето на новата аукција за еврообрзница, прашање е и колку државата може да ги сервисира долговите, но и тековните обврски во Буџетот. Поранешниот министер за финансии Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Слободна Европа вели дека при повторното издавање на еврообврзницата земјава ќе добие полоши кредитни услови. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, смета дека откажувањето нема да влијае на македонската кредитна позиција.

Министерството за финансии на 8 февруари соопшти дека Македонија издаде еврообврзница од 600 милиони евра со годишна каматна стапка од 6,25 отсто и рок на доспевање од 4 години. Сепак, таа не може да се издаде затоа што поранешниот министер за правда Никола Тупанчески не ја потпишал пред да поднесе оставка. Сега ќе се чека избор на нов министер, по што ќе се одржи нова аукција.

Од Министерството за правда денеска соопштија дека Тупанчевски на 10 февруари ја поднел оставката која Собранието ја констатираше три дена подоцна, а дека правното мислење за за еврообврзницата го примило на 15 февруари.

„Со оглед на тоа што Тупанчески не е министер за правда од 13 февруари, тој нема право да стави потпис како министер“, велат од Министерството за правда.

Славески вели дека со ова се праќа лош сигнал до меѓународните финансиски институции. Според него, сега државата не може да се надева на истите услови кои ги имала при издавањето на оваа еврообврзница.

„Значи, дефинитивно условите ќе бидат полоши, и од аспект на интересот на запишување на еврообврзници и од аспект на условите за каматната стапка, рокот итн. И, на крај, во услови на напнатост на буџетот во смисла на располагање на средства во однос на се повеќе и повеќе растечките обврски на економски и социјален план, не е за потценување износот кој е платен, а ние не го знаеме, на име на провизии на четирите финансиски институции што го раководеа процесот, а станува збор за едни од најмоќните финансиски институции како: американските „Сити“, Џ.П. Морган итн. Значи, тие средства се изгубени, а секој денар е важен за нашиот буџет“, вели Славески.

Премиерот Димитар Ковачевски, сепак се надава на позитивен резултат при повторувањето на новата постапка за издавање на еврообврзница. Тој денеска изјави дека неиздавањето на еврообврзницата била од процедурални причини.

„До изборот на новиот министер, не сакавме да правиме прекршување на постапката. Вчера инвеститорската јавност беше информирана. Постапката ќе биде повторена и успешна штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата“, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали ќе има пари за плати во здравството. Опозициската партија се сомнева дека дел од средствата од повлечената еврообврзницата се обезбедување на ликвидност во Буџетот.

Од Министерството за финансии до објавувањето на текстот не одговорија на прашањето на Радио Слободна Европа – дали одложувањето на еврообврзницата ќе има финансиски импликации, односно дали е можно одложувањето да донесе повисоки камати.

Во соопштението за издавање на еврообврзницата, Министерството за финансии соопшти дека купонската каматна стапка од 6,25 отсто на годишно ниво е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи.

„Таа е многу пониска и од каматните стапки, кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8 проценти“, соопшти Министерството на 8 февруари.

Со таа стапка, Македонија ќе требаше да плаќа годишна камата од 37,5 милиони евра, или вкупно за четири години 150 милиони евра камата. Ако при новата еврообврзница, каматата е само за 0,5 отсто повисока, тоа ќе значи 3 милиони евра годишно повеќе или 12 милиони евра за четиригодишниот период. Под услов овој пат да се добијат поповолни услови, Македонија може и да заштеди.

Владата годинава планира да се задолжи за околу 700 милиони евра, колку што отприлика изнесува и буџетската дупка. Првата еврообврзница беше издадена во 2005 година. Најскапа беше таа од 2009 година за време на економската криза со камата од скоро 10 отсто, а најевтина ланската од 700 милиони евра со камата од 1,6 отсто.

Државата годинава кон надворешни кредитори треба да исплати 594 милиони евра по основ на главница и камата за сервисирање на стари долгови. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра.

Related posts

Снимка од возилата на грабнувачите отвори нови прашања

admin

МАКРОН НУДИ ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА НА ПАТОТ КОН ЕУ

ninja

ЗАМРЗНАТИ ЦЕНИ – КОЈ ДОБИВА, А КОЈ ГУБИ?

ninja

Бајден ќе стави вето на пакетот помош за Израел во Претставничкиот дом, вели Белата куќа

admin

Италија потпиша договор за испраќање мигранти во Албанија

admin

Ковачевски: Нема закани за безбедноста, ни претстојат економски предизвици

ninja