7 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

НИ СРАМ, НИ ГАЌИ

Мало дете го прашува својот татко: „Тато, што значи зборот „корупција“?

  • Донеси ми едно пиво од фрижидер и ќе ти кажам“.
  • Но, мама вели дека не треба да пиеш!
  • Види во десната преграда, позади, има убав сладолед. Земи го за тебе, заедно со пивото наваму.
  • Ох, супер! – со задолволство се затрчува детето.

 Пишува: Катерина Топалова

Мало дете го прашува својот татко: „Тато, што значи зборот „корупција“?

  • Донеси ми едно пиво од фрижидер и ќе ти кажам“.
  • Но, мама вели дека не треба да пиеш!
  • Види во десната преграда, позади, има убав сладолед. Земи го за тебе, заедно со пивото наваму.
  • Ох, супер! – со задолволство се затрчува детето.

Вака наједноставно и најпластично можеме да ја прикажеме корупцијата во сите нејзини изданија, без притоа да се правиме наивни, со лик на мало дете, дека сè уште не разбираме, ниту пак сме биле доволно информирани за значењето на зборот?! Или што би рекле некои повисоки инстанци од дипломатскиот кор во земјава, дека коруптивната култура си ја растеме и развиваме од домовите и пaтем од таму си ја носиме и проектираме институционално. Слично како раскажаната анегдота погоре… Сè почнува од домот, а завршува… (?)… Но не секогаш е до луѓето кои опеменуваат, туку и до маската којашто кога – тогаш ќе падне. Нејсе!

Најново од земјава – со коруптивни индиции! „Фирма која произведувала долна облека и никогаш не вршела надзор доби 8.3 милиони евра, од 22, 3 милионскиот тендер за автопати“, токму ваков наслов и вест ми ги преврте црвата, ми ја смени бојата на лицето и по не знам кој пат добивам сипмтоми на гадење… Информација и настан кој треба сите повторно, по не знаеме кој пат да го  голтнеме како ништо да не било или пак случило, и за два дена да заборавиме на истиот, чиниш сме доживеале целосно jamais vu спротивноста на déjà vu – веќе виденото, или кога ги среќавате истите луѓе или ги посетувате истите места, повторно и повторно, но секој пат е прв. Секој е секогаш странец. Ништо никогаш не е познато. А искуството ни вели дека кога станува збор за корупција, секогаш така се однесуваме…

Читајќи ја веста понатаму по однос на зделката, фирмите учеснички во тендерот, како и главните актери и ракоплескачи, истава оваа информација вака би била стручно презентирана во некое престижно списане за медицина со импакт фактор: „Гасовите и соединенијата произведени во тело што се распаѓа испуштаат различни мириси. Иако сите соединенија не произведуваат мириси, неколку соединенија имаат препознатливи мириси, вклучувајќи: кадаверин и путресцин и мирисаат на гнило месо, а скатолот пак има силен мирис на измет.“ Раскажано со стручен речник…

На чинители во државава треба да им биде јасно дека граѓаните ја губат довербата во политичките лидери и во општествените системи, јавните институции, а понекогаш дури и во самото општество со сета негова етика, кога ќе почувствуваат дека корупцијата е широко распространета и дека корумпираните актери не одговараат за своите постапки, притоа сериозно нагризувајќи ја довербата на јавноста во власта.

Во случајов со „надзорнава фирма“ не станува збор за тоа дали има или нема корупција…  Без разлика дали процесот е чист, со сета своја документација и запазени рокови, самата позадина или curriculum на фирмите и компаниите кои аплицираат на тендерите, многу говори за тоа дали изборот ќе има или ќе нема „коруптивна позадина“ и каква перцепција ќе предизвика во јавноста. Па затоа неминовно се поставува прашањето, како е можно да се дозволи фирма која произведувала долна облека, да врши надзор при изградба на автопати? Ни срам, ни гаќи! Илузорно е да се навлегува повеќе во детали… Апсурд! Или што би рекол Кафка: Првиот знак на почетокот на разбирањето на нештата, е желбата да се умре! Да! Такво е чувството.

Дали размислуваме за последиците од сето ова што ни се сервира секојдневно и сè повеќе не фрустрира, зголемувајќи го чувството дека корупцијата е широко распространета во сите пори на нашето општество и остава простор за самите граѓани да учествуваат во идни коруптивни трансакции, притоа без чувставо на вина и одговорност?!

„Ако сите го прават тоа, зошто не би го правела и јас“, е најчестиот одговор кој ќе го добиваме во иднина, ако не се стави крај на ваквото лудило кое поттикнува коруптивно однесување, бидејќи тенденцијата е токму таква, а општествените норми или ќе важат за сите или воопшто нема да важат.

Во целиов овој период на коруптивни скандали, докажани и оние кои допрва ќе чекаат судска разрешница, без разлика која партија е на власт, свесно се урива легитимитетот на државните институции… Дали крајната цел од сето ова е токму таква?

Целосното неисполнување на очекувањата на јавноста за некаква си нулта толеранција и  непочитување на нормите, ќе резултира единствено со максимално влошување на односот граѓанин – институција, притоа создавајќи совршено хаотична состојба којашто ќе ја фрли државата на колена, копмплетно осиромашена и еродирана…  Или во превод, во колку посиромашна држава живееме, толку поразвиена ќе ни биде корупцијата! А рамнодушноста на луѓето е најдобрата почва за растење на истата.

 

Related posts

Сив туризам

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin

ПРОМЕНА НА НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА НА МАКЕДОНИЈА?

admin

НЕМА КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

ninja

МЛАДИТЕ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

admin

Оружјето на Мицотакис

admin