9.8 C
Скопје
27 февруари, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

САМОУНИШТУВАЊЕ

Заштитата на културното наследство од уништување, денес е морален и правен императив кој претставува еден од приоритетите на меѓународната заедница и унија кон која стремиме.

Пишува: Катерина Топалова

На светот не му се непознати разно-разните оперативни зафати на деструкција на материјалното културно богатство… Во поширок контекст, земајќи ги примерите од земјите каде што се памети ваква девастиција, сето тоа се прави со една единствена цел и позадина – ефективно угнетување и деморализација на цели популации кои живеат и се идентификуваат со материјалното наследство и богатство, кое пак е предмет на уништување, а најчесто станува збор за археолошкото наследство. Ги паметиме случаите на унишување цели градови и споменици од терористичките групи на ИСИС во Сирија, како и на Талибанците во Авганистан, со цел воспоставување своја контрола врз населението во овие области. И секогаш идеолошката позадина и побуди се неминовниот декор во ваквите разорни операции.

Сведоци сме и денес дека човечката бруталност, секојдневно, со се поголем интензитет ги уништува архелошките локалитети, благодарение на урбаниот развој, земјоделските активности, изградба на автопати и патишта, масовен туризам, и сето ова, без да се смета на природните катастрофи, кои се дополнителен фактор на девастација. Затоа, голем е предизвикот и задачата на светската археологија, барем онаму каде што може да го контролира и да го превенира ваквото уништување, со цел негова заштита и залог за идните генерации.

Оваа разорна состојба на културен геноцид се чини дека нема да исчезне, судејќи според честите примери на уништување кои стануваат се помасовни и шокантни. Жалосната слика на македонската археологија, небере се претопила во сето институционално сивило и апатија која ја зафатило државава, со сите свои атрибути. Па така, неспособноста на првите луѓе одговорни за заштита на културното наследство, испливува на површина… Некадарни и пред се немоќни да ја спречат културната ерозија, којашто се случува во моментов, ги прави истите да бидат соучесници во ваквиот вид свесно сторен криминал, од разно – разните приватни изведувачи, компании и фирми, кои само и кумуваат на државата! Одговорноста е двојна!

Но, што е тоа што толку многу не шокираше оваа недела? Поради ископи на јаглен на најстариот неолитски локалитет во Македонија – Влахо кај Живојно, Пелагониско, оштетени се неговата источна и северна периферија. За жал оштетувањето на локалитетот Влахо продолжува и деновиве, со што и неговата источна периферија е целосно уништена. И покрај укажувањата на државните институции за запирање на копањето јаглен на овој простор, багерите си продолжија да роварат во оваа значајна неолитска населба, која што беше препознаена и од престижното археолошко списание Antiquity, чиј издавач е Универзитетот во Кембриџ.

Деновиве, при градежни активности на улицата Скупи, при ископ за петкатница се пронајдени остатоци од некропола и плочи со вредни натписи, кои не се третирани соодветно, а дел од плочите и гробовите се оштетени при ископите од страна на инвеститорот. Ваквото случување предизвика повеќе реакции од загрижените граѓански организации и индивидуалци, а соодветните институции останаа незаинтересирани на повиците за спречување на градежните активности… Ако ја прочитаме реакцијата на Конзерваторскиот центар, ќе добиеме појасна слика околу случајот?! Па така, се поставува прашањето зошто воопшто е дозволено да се гради кај античкиот град, наместо да се шири самиот археолшки локалитет и артефактите да се презентираат на самото место, со што ќе се зголеми и туристичката понуда на Скопје!? Без разлика дали се работи за некропола или пак место каде е дозволена градба!?

И последната вест ни дојде од Спанчево, општина Чешиново-Облешево, каде што е загрозен археолошкиот локалитет познат како Свети Атанасиј, кој е стар околу 5.000 години. Дел од локалитетот е ограден, а градежните машини веќе оштетиле важен дел од наоѓалиштето, правејќи му простор на бизнисот со фотоволтаици. На сево ова се надоврзува и небулозната изјава на Директорот на Завод и Музеј – Штип, кој не потсети дека инвеститорите имале дозвола за градба на археолошкиот локалитет?!

Каква какафонија! Бојното поле отсекогаш било сцена на постојан хаос…

Скопјани сè уште нема да им простат за уривањето на хотел Шар во старата Скопска чаршија… Во исчекување да никне некој модерен кич среде оригиналот, со цел да не освести со каква грдотија сме опкружени и живееме. Нејсе!

Знаеме дека низ историјата, сите видови на културно наследство биле погодени од конфликти, колатерални штети и ограбувања. Но необјасниво е намерното уништување на културното наследство… Ваквите акти на „варварство“, „културно чистење“ мораат да побудат еден вид прогласување на наследството за „нова цел на екстремизмот“ во лицето на профитот и неукоста, затоа што културното наследство не е само ресурс што треба да се заштити, тоа е централен елемент во приказните што општеството си ги кажува за себе – неговото потекло, карактер, идни проекти, неговите вредности и аспирации. Заштитата на културното наследство од уништување, денес е морален и правен императив кој претставува еден од приоритетите на меѓународната заедница и унија кон која стремиме. Затоа што ако сакаме да ја зачуваме културата, мора да продолжиме да ја надградуваме и создаваме.

 

 

Related posts

Метастаза на умот

admin

Врвот на корупцијата

admin

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

admin

Американците се бесни

admin

КАДЕ СЕ КРИЈАТ РУСКИТЕ ШПИОНИ ВО МАКЕДОНИЈА?

admin

НИ СРАМ, НИ ГАЌИ

admin