6.8 C
Скопје
18 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

НОВО ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО СО САМО ЕДЕН ПРАТНИК ПОВЕЌЕ!

Иако се очекуваше новото мнозинство да брои 69, минусот од 4 пратеници го сочинуваат двајца пратеници на ДУИ и еден независен, кои заедно функционираат во рамки на фракцијата „Огнена група“, и еден пратеник на партијата ДС. Со оваа рокада не се обезбеди цврсто мнозинство, но е доволно стабилно за оваа владина гарнитура да го истера мандатот до крај за прв пат по 2006-та година. Но има уште една пречка каде може да се сопне…

 

Пишува: Џелал Незири

 

Формирана за време на пикот на пандемијата  во 2020 година, овој владин состав ќе се запамети за честите смени на министри и коалициони партнери. Од вкупниот број на членови (21), за три години се сменети дури половина од нив, вклучувајќи и еден премиер. До крајот на мандатот во 2024 се очекува да се смени и актуелниот премиер, за во последните три месеци првата функција во владата да премине кај ДУИ, согласно договорот за влада со СДСМ.

Во овој тригодишен период „гужва“ пред владините порти на владата имаше и во поглед на влегување-излегување на политичките партии. На почетокот на мандатот во 2020 година БЕСА беше дел од владата како предизборен коалиционен партнер на СДСМ. Една година потоа, во 2021 година, БЕСА ја напушта владата за да влезе Алтернатива. По неполни две години Алтернатива ја напушта владата за да влезе Алијанса за Албанците.

Сите овие политички маневри се случуваат во еден крајно нестабилен политички период, во време на работ на трета светска војна. Руската агресија врз Украина се одрази негативно не само на економски план, туку и на политичката ситуација во земјите на Европа. Како најмлада членка на НАТО, која цврсто застана зад Западот, Северна Македонија секако дека не беше поштедена од штетните влијанија. Овие штетни влијанија без сомнение дека имаа влијание врз овој тек на настаните внатре, каде политиката не се сваќа како арена за артикулирање на интересите на гласачите туку само како начин за да се дојде до моќ и пари.

Овој постојан политички земјотрес се случуваше во период кога проблемот помеѓу Косово и Србија се туркаше кон решавање. Белград и Приштина се најдоа пред жесток меѓународен притисок да дојдат до договор, предложен од Франција и Германија а подржан од ЕУ и САД, со цел да се „демонтира“ последната „бомба“ во проблематичниот Западен Балкан. Овој притисок ги натера да прифатат решенија кои во минатото беа главен материјал за градење на популистички наративи и во двете земји: Србија фактички да ја признае Косово, а Косово да основа заедница на српски општини.

Овој процес може да стане тема или материјал за политички субјекти надвор од Косово или Србија. Откако се најде во опозиција, Алтернатива излезе со идеја за аплицирање на српската „заедницата на општини“ во Косово и во Северна Македонија. Не само со овој предлог, туку и години наназад се прави тотално погрешна паралела помеѓу правата и процентот на етничките срби во Косово со тие на етничките Албанци  во Северна Македонија. Правата на етничките срби во Косово се резултат од преговори помеѓу две држави, кои не се признаваат меѓу себе, додека правата на етничките Албанци се епилог на еден внатрешен политички процес со посебности кои не се споредливи со други земји. Лично ме чуди тенденцијата да се копираат лоши решенија од соседството за истите да се продаваат како добри за земјата. Најдобро ќе беше Алтернатива да го нудеше Охридскиот договор како решение за внатрешните состојби во Косово, но и во овој случај оваа решение е неспроведливо во соседството заради посебностите на спорот Белград-Приштина. За разлика од С.Македонија, општините со мнозинство на етнички срби на северот на Косово имаат географска компактност, скоро се моноетнички и имаат сепаратистички тенденции поттикнати од Белград. Таа реалност не е присутна кај нас, каде од вкупно 80 општини етничките Албанци мнозинство се во 15, во 19 се над 20 проценти. И на крај, една таква заедница ќе го поништеше Охридскиот рамковен договор, каде јасно стои дека нема да има територијални решенија за етничките прашања. Со еден збор, ваквата идеја е надвор од времето и просторот во момент кога земјата е членка во НАТО, а главен предизвик е интеграција во ЕУ.

Како и да е, гласањето на новата влада покажа дека истата се потпира на парламентарно мнозинство кое брои 65 пратеници. Еден повеќе од претходната, таа со Алтернатива и без Алијанса за Албанците. Првата излезе со 4, а втората влезе со 8 пратеници. Иако се очекуваше новото мнозинство да брои 69, минусот од 4 пратеници го сочинуваат двајца пратеници на ДУИ и еден независен, кои заедно функционираат во рамки на фракцијата „Огнена група“, и еден пратеник на партијата ДС. Со оваа рокада не се обезбеди цврсто мнозинство, но е доволно стабилно за оваа владина гарнитура да го истера мандатот до крај за прв пат по 2006-та година. Но има уште една пречка каде може да се сопне: уставните измени за ставање на етничките Бугари во Уставот, како должност преземена лани со Францускиот предлог, со кој се тргна ветото за ЕУ преговорите.

 

Related posts

ИСТОРИСКО РЕМЕК-ДЕЛО

admin

Со полна брзина кон 2030 година

admin

Да се подготвиме за забрзување на историјата

admin

Израелско-палестински конфликт: турската дипломатија заслужува признание и поддршка

admin

ЧЕТИРИ ПРИОРИТЕТИ ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА

admin

2024: Работите ќе се влошат пред да се подобрат

admin