21.8 C
Скопје
9 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Коридор VIII – кој губи и кој добива?

Критики за доцнењето на изградбата на Коридорот VIII има и во другите извештаи на Европската комисија (ЕК). Сега, кога овој проект доста напредна, се чини дека најголем дел од јавноста е насочено кон негово попречување. Чудна, нелогична и самоуништувачкa тенденција. Во нормална земја би имало целосен консензус за проект од вакво значење за земјата, кој ја трансформира во трговска раскрсница со висок развоен потенцијал.

Пишува: Џелал Незири

Дебатата за Коридорот 8 се чини е ставена во рамки на секојдневните банални судири меѓу политичките партии, со јасна етничка позадина. Се чини дека партиите од власта го бранат и промовираат почетокот на работите на овој коридор како историски успех, а оние од опозицијата предупредуваат на финансиска злоупотреба, непочитување на законите и Уставот на државата. Истата поделба се приметува и на етнички план: Македонците се најгласни против, а Албанците – за.

Во Северна Македонија стана традиција секое политичко несогласување, дури и за економски прашања, да се доведе на ниво на меѓуетнички односи. Тоа се случува и со Коридорот 8, кој е голем инфраструктурен и економски проект за земјава, но истовремено има и геополитичко значење за Западот.

Овој проект е важен бидејќи патиштата се артериите кои ја одржуваат во живот и ја економски ја развиваат една држава. Стапката на економски развој е правопропорционална со должината на автопатите и воопшто со квалитетот на патиштата. Со само 300 километри автопат, РСМ е на последно место во регионот. Главниот град со автопат е поврзан со Грција, Србија, додека во правец на Албанија завршува во Тетово, а во правец на Бугарија – во Куманово.

Северна Македонија е на дното на европската листа за квалитет на патишта. Според рангирањето на Глобал Економи, земјава е на 35-то место од вкупно 40 европски земји, со рејтинг од 3,4, што е најнизок дури и на Балканот. Бугарија (34), Србија (33), Црна Гора (30) се пред РСМ, додека само Босна и Херцеговина заостанува. Албанија е повисоко на листата во однос на регионот, која е рангирана на 28-то место, веднаш по Грција (19-то), додека Косово не е вклучено во анализата. Оваа студија го опфати периодот од 2006 до 2019 година, со евалуација на патиштата во 141 светска земја, за чија цел биле анкетирани 14.000 бизнисмени, од кои било побарано да го оценат квалитетот на патиштата од 1 (неразвиени) до 7 (обемни и ефикасни според меѓународните стандарди).

Со 110 нови километри што треба да ги изгради Bechtel&Enka, земјата значително ќе ја подобрува патната инфраструктура и ќе ја зголеми веројатноста за привлекување нови инвеститори. Уште повеќе кога овој Коридор ќе го поврзе пристаништето Драч во Албанија со Бургас/Варна во Бугарија, што претставува римејк на Патот на свилата што во античко време го поврзувало Западот со Далечниот Исток. Друга придобивка на Северна Македонија е фактот што со овој проект таа станува важна раскрсница на два моќни коридори (8 и 10), ситуација за која долго време сонуваат и работат најмоќните земји во регионот, како на пример Бугарија и Грција.

Загриженоста за злоупотреби кои може да се случат при изградбата на овој мегапроект, кој предвидува буџет од 1,3 милијарди евра, е сосема легитимна. Надлежните тела, медиумите и граѓанското општество имаат право да бараат поголема транспарентност бидејќи се свесни што се случи со автопатот Кичово-Охрид, кој се гради со кинески кредит и од кинеска компанија, и кој првично беше дизајниран да чини 280 милиони евра додека сега достигна 600 милиони, и се уште не е финализиран. Но, секогаш треба да се имаат на ум некои факти кои ги уриваат опасните наративи на оваа тема:

Прво, проектот не е моноетнички, како што не е ниту една друга улица или уличка во секој агол на државата. Сите јавни проекти се финансираат со парите на сите даночни обврзници и како такви им припаѓаат на сите граѓани. Неговиот опсег од границата со Бугарија до оној со Албанија допира до 63 отсто од населението во земјата.

Второ, поврзувањето со Албанија и Бугарија ќе ја унапреди економската соработка со двете земји, со тенденција да се достигне нивото на соработка со Грција и Србија. Ако сите околни земји лобираат за еден од двата коридори, Северна Македонија ниту еден од нив не го гледа како конкурент бидејќи во нејзината географија тие меѓусебно не се исклучуваат. На пример, за да се натпреварува со Коридорот VIII, Грција го изгради автопатот Виа Игнација, кој го поврзува Истанбул (Турција) со Драч (Албанија).

Трето, доцнењето на изградбата на Коридорот VIII се појавува во сите извештаи за напредокот на Европската комисија (ЕК), критикувајќи ја земјата за непотребните одложувања. Во последниот извештај се вели: „Регионалната транспортна поврзаност напредува бавно. Постигнат е одреден напредок во надградбата на клучните патни делови, но работата на железничкиот коридор VIII кон Бугарија сè уште е во застој. Бидејќи вториот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичово-Охрид не беше испочитуван во јуни 2021 година, периодот на завршување беше продолжен за уште две години“. Истите критики се наоѓаат и во извештајот за 2021 година: „Квалитетот на транспортната инфраструктура и трговската логистика остануваат ниски, особено поради доцнењето на граничните царини. Кога станува збор за трансевропските мрежи, на патниот коридор VIII му е потребна суштинска надградба на ниво на автопат…Изградбата на железничкиот коридор VIII кон Бугарија се соочува со значителни доцнења“. Во извештајот за 2020 година, покрај критиките за одложувањата на Коридорот VIII, се забележува и недостиг на напредок во поврзувањето на Коридорот X со Косово. „Почетокот на работите што го поврзуваат Коридорот X од Скопје до Косово е одложен… Како резултат на тоа, потенцијалот на компаниите да се вклучат во трговијата и глобалните производни синџири е намален. Лошата состојба на повеќето локални патишта ги зголемува трошоците за компаниите во руралните средини да учествуваат во трговијата“. Во извештајот на ЕК за 2019 година, меѓу другото, се наведува: „…Недостигот на политичка посветеност за носење одлуки значително ја одложи изградбата на VIII железнички коридор кон Бугарија. Потребни се дополнителни напори за да се забрза напредокот на овој Коридор и на другите приоритетни делови во основната и сеопфатната мрежа, и железничката и патната“.

Критики за доцнењето на изградбата на Коридорот VIII има и во другите извештаи на Европската комисија (ЕК). Сега, кога овој проект доста напредна, се чини дека најголем дел од јавноста е насочено кон негово попречување. Чудна, нелогична и самоуништувачкa тенденција. Во нормална земја би имало целосен консензус за проект од вакво значење, кој ја трансформира земјата во трговска раскрсница со висок развоен потенцијал. Уште повеќе кога ЕУ е креатор, а компанија од САД е имплементатор.

Related posts

Евреите, Палестинците и Македонците

admin

Ех , да ја поделевме Македонија во 2001!

admin

Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

admin

Балканскиот надеж за членство посилен од кризата на европската идеја

admin

ЗИГЗАГ: ОМРАЗАТА КАКО АДУТ ЗА ПОБЕДА НА ИЗБОРИ

admin

Грција: Нов политички пејзаж

admin