16.8 C
Скопје
22 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Американскиот генерал на нашите граници

Пишува: Денко Малески                       

Ме повика командантот и ми рече да ги подготвам моите војници за мировна мисија во Македонија, раскажува, генерал Џон Багот, на дебатата по повод 30 години членство на нашата држава во ОН. Морав да погледнам на карта за да видам каде точно се наоѓа оваа земја, вели тој. Уште повеќе се изненадив кога командантот ми рече дека ќе носиме капи на ОН и ќе бидеме под команда на генерал од нордиските држави. Тоа никогаш порано не се случило во историјата на нашата армија. Какво оружје ќе носиме? Следеше уште едно изненадување: нема да користите оружје, само стапови, бил одговорот. Така, со воспоставување на осматрачници на македонско албанската граница, почна мојот ангажман во рамките на мировната мисија на ОН под името УНПРЕДЕП, вели генералот, некогаш младиот офицер Багот. Од денот кога дојдовме во Македонија почна и дружењето со селаните од околните села и со монасите од блискиот манастир. Со време нивните празници станаа наши празници а нашите нивни. Кога дојде време да се разделиме сите дојдоа да не испратат и можам да ви кажам: немаше око кое не беше насолзено. Мисијата УНПРЕДЕП, скратено за превентивна мировна мисија на ОН, беше првата мисија од таков карактер на светската организација и, засега, единствена. Мисија на која се горди сите во ОН и која и „купи“ време на младата македонска држава да го отпочне процесот на создавање своја војска која ќе се грижи за безбедноста на границите на новата држава. Додека американскиот генерал привршуваше со своето кажување се присетив на тие времиња од пред триесет години. Условот да се повлече ЈНА беше наше тотално разоружување. ЈНА и Милошевиќ, го земаа сето оружје со себе. Ми се јави еден флешбек од седница на владата: какво оружје имаме на располагање, праша премиерот во некои вечерни часови на 1992 година. Министерот за одбрана рече дека имаме само пушки од територијалната одбрана во некаков магацин. Каде е клучот од магацинот, праша некој. Никој не знаеше да каже. Горко се насмеавме.

Деновиве, во ОН ми се укажа прилика да кажам нешто за што не се знае, во ОН и во Македонија,  во врска со мировната мисија на ОН од почетокот од нашата независност. To set the record straight, би рекле Американците. Не се знае дека идејата за трупи на ОН на границите на нашата држава не се роди во Њујорк туку во Скопје, во кабинетот на претседателот на републиката Киро Глигоров. Во разговор со претседателот дојдовме до заклучок дека заради безбедноста на државата треба да бараме во трупи на ОН распоредени на нашите небранети граници. А мислењето на парламентот, на владата, ќе прашате денес? Немаше време за дебати кои можеа и да ја искомпромитираат идејата. Сигурната рака на Глигоров на кормилото на државата и потребата од водство велеше дека за тоа ќе зборуваме откога ќе ја испитаме можноста ОН да направи таков преседан за нас. Набргу заминав за Њујорк на средба со посредниците во војните во Југославија, поранешните министри за надворешни работи на Америка и на Британија, Сајрус Венс и Дејвид Овен. Во канцеларија на ОН, им ја изложив идејата која ги изненади. Имено, ОН интервенира само таму каде што има конфликт, а тоа не беше случај со нас. Ние бевме „оазата на мирот“. И под претпоставка ОН да распореди војници на границите на вашата држава не можеме, немаме мандат, да ве браниме во случај на напад од странска земја, објаснуваа Венс и Овен. Значи, која би било смислата од еден таков потфат? Во недостиг на подобар одговор реков дека тогаш ќе викаме заедно „HELP“(„ПОМОШ“), а заедно ќе бидеме погласни. Се разделивме со смеење, горчливо како пелин, а тие ја земаа на себе задачата да го проследат нашето барање до генералниот секретар (или подобро кажано до големите западни сили) и да ме информираат за реакцијата. Добивме позитивен одговор. Дури тогаш нашиот министер за обдбрана ја обзнани идејата пред парламентот и упативме официјален повик до ОН да испрати мировни трупи на нашите граници. Тивкото лидерство на Глигоров вроди со плод.

Ова го реков на панелот веднаш после кажувањето на американскиот генерал Џон Багот , симпатичен човек со атипично кревка градба за војник, кој ми ја стегна раката на крајот од дебатата и шеретски ми рече:„Значи и вие сте биле одговорни за мојот ангажман во мировната мисија“.

 

 

 

 

Related posts

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

admin

Заострувањето на руските санкции од страна на Западот е знак на неуспех

admin

АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА МАКЕДОНСКИ АРАМИЛУК

admin

Домашен есап на (меѓународен) пазар не излегува

admin

Се враќаат „листите“ за спас на регионот

admin

ОД ГЕПОЛИТИЧКИ ДО ПРИРОДЕН ЗЕМЈОТРЕС

admin