14.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Дали Курти ќе ги победи политичките партии на Албанците во Македонија?

Косовскиот премиер е докажан политички активист со отпорот кон режимот на Милошевиќ и кон владите на Косово, познат по своите „револуционерни“ чекори и одлични ораторски способности. Но, новата партија речиси нема шанси да се формира пред изборите.

Пишува: Сефер Тахири

Последните месеци, освен вестите за формирање на нови политички партии на Албанците, бројка која заедно со постоечките достигнала десет, во разни кулоари тивко се зборува за формирањето на партијата Самоопределување на Албин Курти во Северна Македонија!

Дефинитивно, формирањето на оваа партија ќе ги помати сметките на сите партии на Албанците!

Судејќи според перцепцијата на пулсот на јавното мислење во албанскиот гласачки кампус, особено на социјалните мрежи, косовскиот премиер, иако не е политичар во земјата, ужива поголема популарност од сите лидери на политичките партии на Албанците заедно.

Познатата поранешна пратеничка и активистка, Никица Корубин, во својот став на социјалните мрежи со наслов „Кому му пречи Албин Курти“, пренесена во голем број медиуми на албански јазик парафразирано истакна дека при последната посета и средбите со нив, неколку политички фигури од албанската опозиција „Сигурно уживаа да искористат дел од популарноста на Албин Курти и довербата што во него ја имаат и Албанците од Северна Македонија. Доверба, која патем речено, повеќе треба да ги загрижи, отколку радува“.

Ако се формира Самоопределување, многу партии на Албанците од домашната политичка сцена ќе ги снема! Иако дел од нив особено пред избори сакаат да се сретнат и да се сликаат со Курти.

Али Ахмети, прашан дали стравува од новата партија на Курти, вели не, но смета дека нема потреба од нови партии. „Сум истакнувал уште пред 20 години дека на Албанците не им се потребни повеќе од две партии“.

Кој е Албин Курти?

Курти беше лидер на студентското движење на Албанците во Косово, а поради спротивставувањето на режимот на Милошевиќ беше приведен во април 1999 година во Приштина. Од мај до јуни 1999 година е држен во затворите во Липјане и Приштина, а од 13 декември до 13 март 2000 година во затворот во Ниш.

Во судскиот процес, на 13 март 2000 година, тој е осуден на 15 години затвор под обвинение „загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Југославија“. Од март 2000 година до декември 2001 година бил по српските затвори, а ден-денес едно интервју за српските медиуми дадено на течен српски јазик на 22 април 2000 година е актуелно и се „врти“ по социјалните мрежи со цел да се велича политичката моќ на Курти.

Курти излегува на слобода на 7 декември 2001 година под голем притисок на меѓународниот фактор за да ги ослободи политичките затвореници на српскиот режим.

Од 2005 година има над 10 години активно револуционерно опозиционирање кон власта на Ибрахим Ругова, посебно на Хашим Тачи и на Рамуш Харадинај, комбинирајќи ја политичката филозофија со масовните протести низ улиците на Косово.

Висар Адеми  можен лидер на Самоопределување?

Висар Адеми е експерт за економија, но во последните години во медиумите, особено тие на албански јазик, беше еден од најистакнатите политички аналитичари, кој имаше критичен однос кон поранешната власт на Никола Груевски, а и на ДУИ.

Неговите изјави беа секогаш критични кон претставниците на ДУИ. „Дел од луѓето кои биле на челни позиции во ДУИ треба да одговараат за криминал, за сите работи кои ги правеле со претходната власт. Во Македонија секој се бори со корупцијата, а никој не покажува резултати. Корупцијата во владиниот ешалон ја прават луѓе на ДУИ“, истакна Висар Адеми во емисијата Трилинг во мај 2022 година.

Адеми од критики не ја поштеди ни опозицијата. „Oпозицијата е за никаде! Наместо да им прави „десант“, значи да им ја украде сцената на ДУИ на концертот (се мисли на концертот организиран за одбележување на годишнина од Охридскиот договор), тие излегуваат на патетични прес-конференции за да покажат колку чини концертот. Со овој капацитет, греота што ги водат и тие 2-3 општини. Многу им се и тие“.

Во поткастот за порталот Ора24 на албански јазик, на 19 ноември, прашан дали ќе биде идниот лидер на партијата на Албин Курти, Висар Адеми не одговара децидно. „Пред два месеци имав средба со косовскиот премиер Албин Курти. Идејата за „Самоопределување“ во Македонија е многу стара и сè уште е активна, односно на Македонија ѝ треба една политичка филозофија и идеја. Зборувавме два часа за плановите“. Прашан кога ќе се преземе конкретниот чекор, тој вели дека „Ова не е прашање за мене, туку за тие што одлучуваат, односно за тие коишто се дел од процесот“.

Извор: commons.wikimedia.org

Прашањето на новата партија во земјата датира од 2010 година. Тогаш во Скопје дојдоа познати челници на партијата Самоопределување и се сретнаа со албански интелектуалци, но одлука за нова партија не се донесе.

Самоопределување како нова партија е само идеја

Еден од идеолозите на партијата Самоопределување во Косово е Елвис Хоџа, филозоф од Тирана, кој последната деценија живее и работи во Приштина. Пред неколку недели, заедно со еден познат политички филозоф, Хусамедин Ферај, исто така од Тирана, и со Беким Ќоку, поранешен пратеник на ДПА, моментално советник на премиерот Курти, беа на средба со лидерите на „Европскиот сојуз за промени“ составен од опозициските партии на Албанците.

Во интервју за Алсат на 21 ноември, Елвис Хоџа одговори дека околу формирањето на новата партија не може да даде точен одговор. „Ние сме Самопределување и како што самиот збор вели ‒ тоа треба да биде чин на локално самоопределување. Има активисти на Самоопределување кои се овде и ја имаат потполната слобода за да ја формираат партијата Самоопределување, а имаат и слобода да одредат став околу следните избори“, вели Хоџа.

Партијата на Курти со директна поддршка на албанската опозиција

Но, Хоџа има точен одговор дека партијата Самоопределување ја поддржува политичката опозиција кај Албанците.

ДУИ е партија на режимот, кој е на една Македонија, во која Албанците не постојат. Алијансата за Албанците е нерешителна и засега се чини повеќе се обидува да остане покрај ДУИ, но очекува да остане во македонската Влада во секој случај. Имаме, од друга страна, опозициски блок и ова е за пофалба. Ние, како Самоопределување, секогаш сме ја поддржувале опозицијата наспроти сите политички иницијативи (партии н.з), кои учествувале во македонските влади, кои, без разлика, имале цел да се замолчи, да се прикрие албанскиот елемент. Затоа секогаш сме ја поддржувале албанската опозиција во Северна Македонија , нагласи Елвис Хоџа.

На 28 ноември, Денот на албанското знаме, албанските опозициски партии: Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива одржаа митинг во Тетово, на кој официјално ја потпишаа Декларацијата на коалицијатаТВ Клан објави вест со наслов „Самоопределување официјално со поддршка за албанската опозиција – учествува на потпишувањето на декларацијата на коалицијата“. Меѓу гостите на коалицијата присуствуваа Арбер Заими од Тирана, Беким Ќоку од Струга и Ардита Синани од Прешево, сите тројца советници на премиерот Курти.

Ривалството на Рама и Курти во кампусот на партиите на Албанците

Поранешниот лидер на Црвено-црната алијанса од Тирана, Крешник Спахиу, во август годинава изјави дека косовскиот премиер Албин Курти, откако не успеа да дојде на власт во Албанија, се обидува да дојде на власт во Северна Македонија. Имено, на последните парламентарни избори во Албанија, ниеден независен кандидат за пратеник поддржан од Курти не освои пратеничко место.

Според политичкиот аналитичар Џељал Незири, средбите на Рама со партиите на Албанците во власта, а на Курти со опозицијата во последниот период укажуваат на прелевање на нивното ривалство во албанскиот политички блок. „Отворањето на вратите во Владата за Алијансата на Албанците се случи по средбата на Таравари со Рама на која не присуствуваше Касами, така што тоа ривалство меѓу Рама и Курти може да се забележи и на нашата политичка сцена при што се забележува дека Рама ги поддржува партиите на Албанците кои се дел од власта, додека Курти албанската опозиција со цел да победат на следните избори“, вели Незири.

Инаку, односите меѓу Рама и Курти се студени откако Курти ја отфрли идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија, стара идеја од 2009 година, а актуализирана во 2022 год., според која со Србија ќе се припоеше дел од Северно Косово, а кон Косово дел од Јужна Србија: Прешево, Медвеѓе и Бујановац, односно Прешевската Долина. Оваа идеја беше поддржана од поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, кој сега е во Хаг, а и од Еди Рама, иако имаа длабоки несогласувања околу идејата за Отворен Балкан, која Косово ја бојкотираше.

Формирањето на новата партија Самоопределување по сè изгледа нема да успее пред изборите во мај следната година, но ќе виси над актуелните политички партии. Имајќи предвид дека голем дел од Албанците се разочарани од постоечките политички партии, пред сè поради фактот што тие се клановски организации, еден ден може да се случи тоа да стане стварност.

Пред сè тоа зависи од фактот дали ќе се организира иницијативна групација која ќе ги почне подготовките за новата партија. Терен има, треба само иницијатори!

 

Извор: РесПублика

Related posts

Адвокатот на Брејвик

admin

Зошто власта и опозицијата не можат да договорат изборни датуми?

admin

ШТАЈНМАЈЕР: НЕ СЕ ВРАЌАЈТЕ НАЗАД ОД ПОСЛЕДНИТЕ МЕТРИ

ninja

УСТАВНИ ИЗМЕНИ И АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК

admin

Заострувањето на руските санкции од страна на Западот е знак на неуспех

admin

НИ СРАМ, НИ ГАЌИ

admin