9.8 C
Скопје
12 ноември, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Казна за Еуростандард банка

Пишува: Трифун Костовски

Почитувани читатели, со денешнава колумна посветена на Еуростандард банка сакам јавно да продискутирам со вас за поимот „казна” и сите феномени поврзани со нејзиното поимање.

Казна подразбира соочување на казнетиот со последиците, поради непочитување на правото кое е во функција на самата држава.

Чувството дека сум казнет, во сопствената држава за дело кое во мојот случај не постои, е наша секојдневна реалност. Виновен без вина, а казнет. Оние кои треба реално и законски да бидат казнети, не само што не чувствуваат вина, туку ја префрлаат врз други.

Еуростандард банка, како секоја грин-филд инвестиција во Македонија, ги помина сите детски болести во нејзиниот развој и кога стана полнолетна со своето 19 годишно искуство, беше однесена во стечај. За мене ќе беше разбирлив стечајот ако меѓу институцијата Народна банка и Еуростандард банка не постоеше комуникација и доколку акционерите на банката одбиваа да ги исполнат барањата поставени од Народна банка. Секое барање на Народна банка од страна на нас , акционерите и Управниот одбор, беше испочитувано и во секоја состојба исполнувано. Единствена вина кај нас, акционерите и новиот Управен одбор, беше што бевме категорични со нашиот став дека Еуростандард банка мора да излезе од синџирот меѓу банките каде се практикуваше, спротивно на Законот за банки , работење со така-наречени позајмици. Да појаснам, позајмиците кои банките ги практикувале се во голем процент сметки на правни и физички лица, клиенти на банките. Ваквите позајмици беа детално обзнаени во извештајот кој јас го објавив на 22 август 2022, изработен од Словенската ревизорска куќа Р.У.Р.

Казната за мојата ,,вина” ја добив токму поради мојата одлучност да испаднам од така-наречените шеми за фиктивни позајмици. Токму тоа е вистинскиот порив банката по секоја цена да биде однесена во стечај. Казнет заради несогласување со законски прекршоци и виновен заради почитување на законот.

Како е можно поинаку да биде толкуван стечајот, кога ние како акционери докапитализиравме, на само 5 месеци пред стечајот, нови, свежи 13 милиони евра? Како е можно во моментот на докапитализација да имаме адекватност на капитал 5,7%, а само 3 месеци подоцна адекватноста да падне под 0%?

Народна банка за да ја дотолчи Еуростандард банка и ги одзеде правата за работа со правни и физички лица на цели 6 месеци пред стечајот.

Како е можно банка да преживее со одземеното основно право за нејзино функционирање, а тоа е работа со правни и физички лица, а згора на тоа Техничката влада за време на вонредната состојба да ѝ го одземе правото за присилна наплата на доспеани побарувања?

Како е можно Техничката влада, за време на вонредната состојба поради пандемијата Ковид-19, да носи две уредби со сила на закон, каде во првата објавена на 24 февруари 2020 година во Службен весник на РМ, забранува отварање на стечај минимум 3 месеци по завршување на вонредната состојба. Со исто таква уредба, ама овој пат објавена на 29 мај 2020 година во Службен весник на РМ, се укинува времето од 3 месеци за отварање стечај, после вонредната состојба, што во превод значи отварање стечај веднаш.

Јавноста знае дека вонредната состојба беше укината поради вонредните Парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули 2020 година.

Како е можно при неформирано Собрание и Влада на Република Македонија да се носи во стечај банка? Како е можно при безвластие, Народна банка сама да одлучува? Како е можно стратешкиот партнер, кој беше прифатлив од страна на Народна банка за влегување во капиталната структура на Еуростандард банка, да не биде примен цели 3 месеци? Како е можно ние акционерите со целиот Управен одбор и вработени во банката да не знаеме каков грозоморен чин ни се спрема? Замислете, стечајот е отворен и реализиран во рок од половина час, при што главната дирекција и нејзините 340 филијали низ Македонија се пломбирани од армија регрутирани токму од Народна банка.

Ќе ми дозволите да шпекулирам, но одредени медиуми знаеја дека се подготвува вакво сценарио за Еуростандард банка уште на ден 1 јуни 2020 година. Каков е тој безобразлук на Народна банка и Техничката влада, да не го земат во предвид фактот дека вонредната состојба која траеше цели 97 дена, не влијае и врз самата банка? Се прашувам од каде се појави поривот на Народна банка да се уништи Еуростандард банка, кога сите сегменти од банката беа спремни по секоја цена таа да продолжи со својата работа.

Заклучувам дека од сивите еминенции, неприкосновени во банкарскиот криминал, Народна банка била ставена во служба на егзекутор.

Казната која денес ја чувствувам, е резултат токму на овие сили кои сѐ уште владеат во Република Македонија.

Јавноста треба да знае дека во Македонија јас не изгубив само банка, туку двојно повеќе капитал по стечајот на банката.

Македонија е една од ретките земји во која законот не го штити својот сограѓанин, неговиот капитал и безбедност. Бизнисот бара правила на игра, кои за жал во Македонија се мисловна именка.

Почитувани читатели, не барам милост, туку разбирање, бидејќи тоа што мене ми се случи е немил настан кој за жал многумина од вас го почувствуваа и ќе го чувствуваат на сопствената кожа и понатака.

Дали ќе му ставиме крај на ова зло кое се вика „организиран банкарски криминал” зависи од сите нас, од оние кои ќе си ги постават овие горливи прашања пред себе и ќе бараат излез.

 

Related posts

Гревовите на СФРЈ

admin

Иднината ни е во Европа. Но, има ли иднина ваква Европа.

admin

Нација во шок!

admin

Две илјади дваесет и четврта не е само лоши вести

admin

Бугарија ја загуби битката за Македонија

admin

Терор врз Израел и слободна Палестина

admin