Ако се продолжи со големи групи за спроведување на реформите, пополнети со партиски експерти, како што е сега, ниту новата стратегија нема да може да се спроведе со вистинско темпо. Тоа, во секој случај, ќе се одрази и на времетраењето на процесот на преговори за членство во ЕУ, што значи оддалечување од постигнување полноправно членство во Унијата.
Пишува: Џелал Незири
Како што се движи кон интеграција во Европската унија (ЕУ), потребата Северна Македонија да има администрација способна да ги спроведува законите и политиките поврзани со ЕУ ќе стане поголема. Ова може да се види од примерот на најновите членки на ЕУ, кои беа принудени да ја преземат оваа тешка реформа со цел да се обезбеди ефикасно спроведување на сите усогласени закони и истите да ги дадат очекуваните резултати.
Како помина Хрватска, последната членка на ЕУ, која го заврши преговарачкиот процес во 2013 година? Прво, таа подготви нов закон за администрација, кој имаше за цел да ја департизира и професионализира државната служба, како и да обезбеди поголема транспарентност во изборот на вработените, во описот на работното место и во развојот и управувањето со кариерите. Администрацијата на Хрватска помина низ три фази слични на оние на Северна Македонија: првата е нејзиното основање во периодот 1990-1993 година, втората е консолидација во периодот 1993-2001 година и третата – европеизација која заврши со членството на земјата во ЕУ. Периодот на европеизација беше фундаментално развиен во 2008 година, кога беше донесена стратегијата за реформирање на администрацијата во согласност со критериумите на ЕУ. Администрацијата на хрватските централни институции во тоа време броеше 60.500 државни службеници, со 15 министерства, 9 државни организации и 4 национални канцеларии. На локално ниво, општинската администрација броеше 11.000 државни службеници, ангажирани во 429 општини, 126 градови и 20 области. Севкупно, Хрватска ги започна реформите со 71.500 административци, помалку од актуелната администрација на Северна Македонија, која иако е помала земја треба да го започне овој процес со полни 110.000 административци. На локално ниво, Северна Македонија има околу 7.000 административци, додека другите се на централно ниво. Значи, администрацијата на земјата е за околу 40 илјади поголема од хрватската во 2008 година.
Има и друга разлика меѓу Хрватска и Северна Македонија: ако првата педантно ја спроведе стратегијата за реформа на администрацијата, нашата земја не може да се пофали со такво нешто. Оценувањето на Стратегијата 2018-2022 сведочи за „замор од реформите“ во институциите кои се носители на овој процес. Предлозите за измени на законите со кои се уредува администрацијата и предлогот за донесување на Закон за висока раководна служба и натаму остануваат неусвоени, а примената на актуелните закони е или формална или не ги дава очекуваните резултати.
Во евалуацијата се наведува дека „не е спроведено потребното ниво на транспарентност и инклузивност во текот на целиот процес на имплементација на Стратегијата и Акциониот план 2018-2022 година“. Понатаму се наведува дека целите на Стратегијата треба да се сметаат за релевантни и за идната Стратегија, што говори за ниско ниво на нејзина имплементација. Советот за реформи во јавната администрација и Секретаријатот, според оценката, не го искористиле целосниот капацитет за координација и кохезија на Стратегијата со другите секторски стратегии поврзани со реформите во администрацијата. И, конечно, се нагласува дека во акциските планови не е предвидено следење и контрола на институционалната одговорност. Според анализата, сè уште се релевантни 12 нереализирани активности од Акцискиот план и дека за 28 нереализирани активности нема доволно потребни финансиски, човечки или материјални ресурси. Во евалуацијата се препорачува приоритет во акционите планови да се даде на активностите кои ќе го подобрат обезбедувањето услуги, дигитализацијата и интероперабилноста.
Новата нацрт-стратегија 2023-2030 изгледа подеднакво амбициозна. Сè уште е во подготовка, но ќе биде потребна силна волја и политички консензус за да се спроведе истата. За разлика од претходната стратегија, која можеби не беше приоритет на Советот за реформи во јавната администрација, таа ќе се спроведува под лупата на Брисел и во рамките на процесот на интеграција на земјата во ЕУ.
Сепак, целите на новата стратегија мора да бидат јасно дефинирани и мора да бидат во согласност со европските критериуми за цивилна служба. Затоа, овој документ треба да има за цел зголемување на ефикасноста на администрацијата, зголемување на квалитетот на услугите, зголемување на чувствителноста на администрацијата за потребите на граѓаните, зголемување на етичкото ниво и намалување на корупцијата, дигитализирање на услугите, владеење на правото и демократски институции .
Пред сè, Северна Македонија може да го следи хрватскиот модел на реформи во администрацијата, кој има неколку добри примери како: соработка меѓу академскиот свет и државните институции, ангажман на признати експерти во одредени области од граѓанското општество, силни реформски лидери и партии реално посветени на реформите. Ако се продолжи со големи групи за спроведување на реформите, пополнети со партиски експерти, како што е сега, ниту новата стратегија нема да може да се спроведе со вистинско темпо. Тоа, во секој случај, ќе се одрази и на времетраењето на процесот на преговори за членство во ЕУ, што значи оддалечување од постигнување полноправно членство во Унијата.
#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas