22.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

Одамна некој германски канцелар не бил толку непопуларен како Олаф Шолц. Експертите велат дека тој не комуницира добро и оти во коалицијата која ја предводи има премногу кавги. А, Шолц сепак патува низ целата земја.

„Видете, тоа е Олаф Шолц, канцеларот“, вели една жена, туркајќи две момчиња напред покрај фотографот. „Оној малиот, ќелав човек?“, прашува едно од двете момчиња, напрегнувајќи се да ги види подобро двајцата мажи и една жена кои стојат неколку метри од земјоделската машина и разговараат за автоматизирано берење јагоди. „Да, тој“, низ смеа одговара жената и го крева смартфонот да фотографира. „Канцеларот во посета на Зелената недела, какво изненадување!“

Месење леб со канцеларот

Шолц помина час и половина на саемот за земјоделство и храна „Зелена недела“ во Берлин. Со шумарите симболично копа дупка за да засади дрво, ѕирка во тенџерињата и тавите, а со пекарот меси леб. Посетителите на саемот не можат да се приближат како кај производителите на јагоди. Сите патишта кои би можеле да водат до канцеларот секогаш се блокирани.

Просторното растојание има нешто симболично во себе. Со недели, дури и со месеци, германските граѓани имаат впечаток дека канцеларот всушност не е тука, не покажува дека е присутен. Од декември 2021 година, социјалдемократскиот политичар Шолц е на чело на владата на Германија составена од социјалдемократите (СПД)Зелените и либералите (ФДП).

Неговата работа не е лесна

Ниту една влада досега не се соочила со вакви проблеми. Рускиот напад врз Украина ја зголеми цената на енергенсите и предизвика инфлација. Државата обезбеди финансиска помош, но во меѓувреме веќе нема пари. Тоа прво го почувствуваа земјоделците, чии субвенции за гориво треба да се намалат.

Земја со многу проблеми

Земјоделците излегоа на улиците, а на нивните протести се приклучија и многу други – мајсторските продавници се жалат на преголема бирократија, машиновозачите штрајкуваат на железницата, барајќи повисоки плати и помалку работни часови.

Патиштата, мостовите и шините се во лоша состојба, Германија заостанува зад другите земји во дигитализација. Програмата за меѓународно оценување на учениците наведува дека германските ученици се рангирани полошо од кога било во однос на образовното ниво.

Луѓето гледаат премногу расправии во владата

А, Олаф Шолц и неговата влада? Што прават против сето тоа? Луѓето мислат дека прават малку. Притоа, коалициските партнери направија многу од она што го зацртаа во коалицискиот договор. Но, тие често се расправаат. Пред сѐ, либералите и зелените. Шолц главно се држи настрана. Тоа му се замерува.

Во истражувањето спроведено од ДВ на улиците на Берлин во средината на јануари, еден маж вели: „Кога ќе видам брачна двојка која постојано се кара, а инаку тврди дека има среќен брак, тоа не функционира“. „Постои чувство дека никој не ве слуша. И дека трошоците само се зголемуваат. Има чувство дека животот во Германија веќе и не се исплаќа“, вели една жена за Шолц .

Само секој петти е задоволен од работата на Шолц

Агенцијата за истражување на јавното мислење Инфратест-димап наведува дека само 19 отсто од гласачите се задоволни од Олаф Шолц. Од почетокот на една ваква анкета во 1997 година, ниту еден канцелар не бил толку непопуларен. Тогаш канцелар беше демохристијанинот Хелмут Кол и една година подоцна ги загуби изборите.

„Мора да им се објасни на луѓето дека ќе бидат соочени со многу работи. И дека не може да остане како што било“, вели една жена во анкетата спроведена од ДВ.

Шолц трезвено се држи до фактите и смирува

Но, токму тоа не го прави Олаф Шолц. Канцеларот им се обраќа на луѓето само ако тоа навистина е потребно. И кога ќе каже нешто, тоа е лаконски, трезвено, се повикува на факти. Шолц ги смирува и им ветува на граѓаните дека сѐ ќе биде во ред. Тоа не е веродостојно во нивните очи.

Претседателот на Германскиот институт за економски студии (ДИВ), Марсел Фрахер, вели дека навистина постојат големи проблеми. „Тој мора искрено и отворено да каже што може, а што не може да направи владата. Тој мора да покаже и понизност. Пред сѐ, се работи за обраќање. Мора да ја добие довербата на граѓаните, но и на претприемачите“.

Од кабинетот на Шолц тврдат дека тој многу разговара со луѓето

Значи, повеќе се работи за потребата да се најде подобар однос кон очекувањата. Шолц не е неактивен. Не може да се каже дека канцеларот седи во својата канцеларија и само набљудува што се случува во Германија. Оние околу него велат дека тој, многу повеќе од неговата претходничка Ангела Меркел, бара контакт со граѓаните, каде и да е.

Сепак, ова се претежно избрани и контролирани контакти. Сеедно дали канцеларот е во посета на саемот за земјоделство „Зелена недела“ или прима делегација на водечки претприемачи, дали е во посета на болница или на некоја германска компанија.

Негодувања и пцовки

На канцеларот не му оди најдобро во спонтана, директна средба со граѓаните, на пример, кога ги посетува поплавените подрачја или ракометен натпревар на германската репрезентација на Европското првенство. Олаф Шолц на натпреварот беше пречекан со пцовки, свирежи и огорченост.

Канцеларот едноставно веќе не допира до народот со своите политики. Директорката на Академијата за политичко образование во Туцинг, Урсула Мин за ДВ вели: „Честото присуство не значи голем ефект“. Ова особено важи за канцеларот, за кој се загрижени дека не може да ја спроведе својата волја и оти не е толку присутен колку што ветуваше на почетокот“.

И меѓународните набљудувачи се иритирани

Мин со тоа алудира на реченицата изговорена од Шолц: „Кој кај мене ќе повика на лидерство, тој го добива.“ Граѓаните навистина очекуваат канцеларот да биде водечка фигура. Меѓутоа, во владината коалиција, Шолц повеќе делува како модератор отколку како шеф.

Во очите на неговите критичари, неговата лидерска способност е доведена во прашање и на меѓународно ниво. Германија има најголема економија во Европа, а од земјите кои ја поддржуваат Украина, Германија е на второто место по обемот на финансиска помош, веднаш по Соединетите Американски Држави.

Тајни средби на очајните социјалдемократи?

Со недели, експертите во Германија се расправаат за тоа дали и кога Берлин мора да испорача крстосувачки ракети Таурус на Украина . Шолц не кажа ниту збор за тоа. На Светскиот економски форум во Давос германскиот канцелар не учествуваше. Без објаснување зошто. Но, францускиот претседател Емануел Макрон беше таму.

Затоа, не треба да чуди што незадоволството расте и во Социјалдемократската партија на канцеларот. Неделникот „Шпигел“ веќе известува за тајните средби на водечките социјалдемократи кои ја разгледуваат можноста кандидат за канцелар на следните избори во есента 2025 година да не биде Шолц, туку популарниот министер за одбрана Борис Писториус. А Шолц и за тие гласини – молчи.

 

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

Related posts

Американскиот генерал на нашите граници

admin

Платени демократи

admin

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБА ВОДСТВО А НЕ РЕФЕРЕНДУМ

admin

Tик ток, опасна мрежа или немоќ на системот да едуцира

admin

БУГАРИЈА, МАКЕДОНИЈА И „ПЛЕМИЊАТА“ ВО АВГАНИСТАН

admin

Европско државјанство за луѓе од Турција, Украина и Велика Британија? Зошто да не?

admin