13.8 C
Скопје
25 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Што значи победата на Ердоган за Северна Македонија и регионот?

Пишува: Џелал Незири

Победата на Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори во Турција беше прославена и во градовите Северна Македонија и регионот. На третиот последователен претседателски мандат му се радуваа многу граѓани во Скопје, Тетово, Гостивар, Призрен и други места во регионот, кои во Ердоган гледаат лидер на сите муслимани во светот. Еуфоријата од славењето на победата на Ердоган надвор од Турција, од луѓе кои ниту живеат во оваа земја, ниту имале право на глас, е показател за влијанието што Турција го има во регионот.

За време на предизборната кампања, каде Ердоган се натпреваруваше со опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, некои политичари јавно излегоа со поддршка за него. Премиерот на Албанија, Еди Рама упати апел до Албанците со турско државјанство да го поддржат Ердоган. Самоопределување на Албин Курти тоа го направи индиректно. Партиите БЕСА и Алтернатива, пак, испратија свои тимови да и помогнат на кампањата на АКП на Ердоган на терен, учествувајќи и на најголемиот митинг што тој го одржа во Истанбул.

Ова големо влијание на Турција на Ердоган во регионот немаше да продолжи доколку Киличдароглу дојдеше на чело на државата. Сега Ердоган влегува во својата трета деценија на власт, надминувајќи го дури и основачот на модерната Турска Република, Кемал Ататурк, кој ја држеше власта 15 години. И покрај економските тешкотии создадени од рекордниот пад на вредноста на турската лира, турската политика на сеопфатно влијание во регионот ќе продолжи да биде реалност, барем во следните пет години.

Како треба да се гледа ова влијание?

Турција ги гледа Северна Македонија и балканскиот регион, генерално, како нејзина област на интерес. Трагите на турското влијание се присутни насекаде во јавната сфера, во секоја област од животот. Употребата на мека моќ за постигнување на целите на Турција на Балканот го карактеризира целокупното нејзино присуство во овој регион. Инвестициите во економијата, културата, образованието, спортот и различните општествени активности создаваат силна основа за проширување на влијанието.

Во периодот 2010-2020 година, Турција отсекогаш била во топ 10 од најголемите инвеститори во Северна Македонија. Со 242 милиони евра вложен капитал во 2016 година, таа беше четврта, веднаш по Холандија, Грција и Велика Британија. Во 2020 година е на петтото место со вложени 403 милиони евра.

Културното влијание е сеприсутно, особено преку филмската продукција и разни образовни и културни центри. Сериите што се прикажуваат на сите телевизии во Северна Македонија промовираат култура на живот, која не ни била и толку далечна. Регионот и Турција биле дел од една заедничка империја, односно Отоманската и овој факт е присутен речиси на секое поле.

Инвестициите во медиумите и овозможуваат на Турција да има значителна моќ во обликувањето на јавното мислење во земјата. Турските државни медиуми емитуваат програми на јазиците во регионот и земјата, со што стануваат сериозен извор на информации не само за настаните што се случуваат во Турција. Овие медиуми веќе имаат редакции или канцеларии во Скопје и во сите земји од регионот.

Во контекст на културното влијание, покрај медиумската и филмската продукција, посебна улога има и верската блискост на населението од муслиманска вероисповед. Кај значителен дел од балканското население, Турција продолжува да се смета за водечка муслиманска земја во светот. Имајќи ја предвид влијателната моќ на религијата во земјата и регионот, ваквата близина и овозможува на Турција да има уште поголемо влијание од очекуваното, кое пред се треба да биде правопропорционално со инвестициите во економијата. Ако преку директни економски инвестиции се освојува умот, преку инвестиции во религијата се освојуваат срцата на граѓаните.

Штетно или корисно влијание

Во сите истражувања, Турција се појавува меѓу најпријателските земји кон Северна Македонија, со што ги обединува етничките Македонци и Албанци, за разлика од другите земји каде што се појавуваат сосема спротивни ставови. За ова има различни мислења, особено кај етничките Албанци во регионот, од кои повеќето се од муслиманска вероисповед. Изградбата на нови џамии и реставрацијата на старите често покренува дилеми и дебати за тоа дали Турција се обидува да постигне големо влијание по евтина цена.

Иако може да се дефинира како прилично сложен и проблематичен партнер, кој бележи пад на квалитетот на демократијата во последните години, сепак, Турција досега нема одиграно негативна улога во ниту една земја на Балканот. Како земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, оваа земја ги поддржа стратешките цели на Северна Македонија за интеграција во евроатлантските структури. Улогата на Анкара во најголем дел беше конструктивна во однос на решавањето на отворените прашања во регионот. Затоа, турското влијание во земјата и на Балканот не треба да се гледа како малигно, туку како нормално присуство на земја која денес претставува регионална економска и политичка сила.

Related posts

НОВОГОДИШНА: ЗА ГЛОБАЛНАТА И ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА И КУСА ПОРАКА ЗА ПОДОБРО УТРЕ

admin

Во 2023 имавме нова епидемија од стар вирус: корупција

admin

Примитивниот национализам и надворешната политика

admin

Да се подготвиме за забрзување на историјата

admin

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

admin

НАРОДНИТЕ ПРЕГОВОРКИ ШТО ГИ КАЛАТ СОВРЕМЕНИТЕ КАЧАЦИ

admin