Кадровската вртелешка досега сврте 20 министри за здравство, но резултатите се поразителни. Здравството е политичка лабораторија за тестирање на мирот во владините коалиции.
Пишува Соња Крамарска
Веројатно нема потажна област во системот во Северна Македонија од здравството. Социјалните мрежи секој ден се полни со реакции за неефикасност, вратени болни луѓе од прагот на клиниките, семејства приморани сами да донесат медицински материјал, болнички чаршафи и перници, а многу често и неопходните лекови за нивните најмили, дотраени простории, што сѐ заедно портретира длабока непрофесионалност и нехуманост на системот кон граѓаните на кои им е потребна медицинска помош и нега.
Ако се суди според фреквенцијата на смени на министри за здравство, тогаш оваа област треба да цвета. Минатата година во мај колеги новинари изброија дека од 2006 до 2025 во Министерството за здравство имало 10 министерски смени. Вкупниот број од 1991 до сега е 20 министри за здравство, а девет премиери. Бројот на министри треба да значи и дека колку повеќе министри се смениле, толку повеќе придонес и идеи се дадени за подобрување на здравството. Но тоа за жал не е така. Смената на министрите во македонското здравство речиси секогаш е поради партиски комбинаторики, а не за да се промени лошата состојба.
Азир Алиу и континуитетот на нестабилноста
Така е и сега. По едвај една година министерување, заминува министерот Азир Алиу, иако е еден од ретките досега што доби преодна оценка од јавноста за својата работа. Тој беше избран на оваа функција на 9 јуни 2025 година. Денес е веќе прогласен за неупотреблив и некорисен како министер за здравство. Така може да прочитаме од неговата прерана смена. Или е тоа или се партиските желби за кадровски рокади. Притоа е сосема јасно дека тие што ги прават смените ниту мислат на здравството ниту на тоа како граѓаните ја доживуваат, или подобро речено ја преживуваат, оваа кадровска вртелешка која нема врска со квалитетот и знаењето на личностите од партиските списоци.
Пензионираниот лекар и професор кој и самиот некогаш ја извршуваше функцијата министер за здравство, доктор Драган Даниловски, со право деновиве разочарано вели дека честата смена на министри во здравството е сценарио кое граѓаните го гледаат три децении. Се менуваат, вели тој, министрите, директорите, организациските шеми и приоритетите, а здравствениот систем продолжува да се движи низ циклус на постојани прекини, нови почетоци и недовршени реформи. Во меѓувреме, незаразните болести остануваат водечка причина за смртност. Населението старее. Младите лекари и медицински сестри ја напуштаат земјата. Листите на чекање остануваат долгогодишен проблем. Превенцијата и јавното здравје сè уште немаат место што им припаѓа во системот.
Така вели овој некогашен министер за здравство, а граѓани под неговата објава коментираат дека уште неистечен мандатот на сегашниот министер, го менуваат за нов министер со нова политика, план и визија, и така здравството се врти во круг од кој нема излез. Само што почнал некој министер нешто ново, паѓа нов политички договор и нова распределба на ресори. Се задоволува формата наместо суштината, велат граѓаните.
И да, тие се во право, како што е во право и Даниловски кој вели дека состојбата во здравството не може да се менува во еден четиригодишен мандат и дека за подобрување се потребни долгорочна визија, институционална стабилност и јасно утврдени национални приоритети.
Граѓаните – жртви на нефункционалноста на здравството
Поради тоа, Даниловски предлага државата да изработи документ за здравството кој ќе биде над дневната политика и над изборните циклуси и што ќе ја дефинира здравствената политика на државата за најмалку десет години. Тој документ треба да ги обврзува сите идни влади, без оглед на нивниот политички состав. Елаборацијата на овој предлог е долга, но во суштина поаѓа од тоа што сите го знаат, но изгледа не им е гајле, дека здравството е еден од темелите на националната безбедност. И дека ја определува демографската иднина, економскиот развој, социјалната стабилност и квалитетот на животот на секој граѓанин. Затоа на таков систем му се потребни правила што ќе траат подолго од секоја влада.
Камо некој да чита вакви предлози, па дури и да ги модифицира за подоцнежна примена. Камо некому да му е толку важно здравството како што им е важно на поединци од фелата и на граѓаните кои се првите жртви на неговата нефункционалност. Камо некој да се замисли над воскликот на професорот дека С. Македонија одамна го има достигнато моментот кога здравството треба да стане државен, а не партиски проект.
Но изгледа и со оваа влада на граѓаните нема да им се посреќи здравството да мрдне од мртва точка. За две години откако дојде Владата, еве ќе имаме трет министер за здравство. Ако веќе не може да уриваме рекорди според квалитетот на здравството, да уриваме според бројот на министри. Во меѓувреме здравството како ресор го третираат како политичка лабораторија за тестирање на мирот во владините коалиции, а не како област која „плаче“ за подобрување. Прво беше Арбен Таравари, па потоа Азир Алиу, а сега е Сашо Клековски или некој друг. Во претходната влада беше Арбен Таравари, па Венко Филипче, па Беким Сали.
Важно е да се врти вртелешката. Кој го врти народот.
Во подолгото поглавје од владината програма за работа може да се забележи дека визијата на оваа Влада била да го постави пациентот во центарот на сите здравствени процеси. Тоа не се случи. Има уште многу ветувања дека здравството ќе се подобри. Но тие се толку далеку од реалноста што ја живееме, што не вреди веќе ни да се спомнат. Дури ни како потсетување до властите. Важно ќе го добиеме третиот министер на половината од владиниот мандат. Што преостанува друго, освен да се надеваме на трета среќа, макар и залудно. (Извор: Дојче Веле)

