9.8 C
Скопје
29 февруари, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Ода на глупоста

Не е виновна Германија, ние самите сме си виновни. Кривецот е кај нас! Ја знаеме вистината, ја гледаме вистината, но сепак сакаме да веруваме во лаги!

Пишува: Катерина Топалова

Можеби изгледа чудно, но колку и да образуваме, да напредуваме, да се едуцираме во животот, не можеме да и побегнеме на глупавоста. А најлошото од сѐ е што формалното образование денес, на еден позитивен начин, ја зацврстува и фаворизира истата таа глупавост, која од ден во ден, нашите т.н политички елити се посилно ја потврдуваат и најпатетично парадираат со истата.

Stupiditas molesta, acerba esse debet… Да! Што би рекле старите Латини. Глупавоста треба да е болна. Обично се вели дека ќе поминеме поубав и посреќен живот, доколку сме поглупави, немајќи способност да ги перцепираме и анализираме нештата околу нас, нешта кои не обликуваат и движат. Арно ама постојат и такви кои се исклучоци од непишаното правило, па мораат со доза на сараказам и цинизам, да ја истакнат и исмејат истата. Нејсе!

Ако од македонските властодршци, се навикнавме да очекуваме доза на примитивизам, неукост, инфантилност и сервилност, знаејќи ги како прилично субмисивни кон Западот, да бидам искрена, проследувајќи ја онаа Резолуција во германскиот парламент, ни на ум не би ми паднало дека можеше да се случи нешто такво од било која европска држава, особено денес кога беспилотните вселенски летала патуваат на мисии кон Марс и други планети! Да! Кај нас оркестарот е раштиман, но кој би рекол дека и европскиот е сличен, небаре ист, во кој сите гледаме и бараме некаква Виша сила. Истата таа нефукционалност доста вешто Европјаните ја подзатскриваа под тепихот, но од негде ќе избие, чиниш канализација… Заклучок: редно време е за смена на диригентот!

Danke, Danke Deutschland! – цинично се рабира! Но не, благодариме! Ај што не ни требаше ова на нас, сме правеле и правиме глупости во овие 30 години со универзални димензии, но пак каков ѓавол влегол во вас, за да ја гледаме оваа шарада! И читајќи ја целата Резолуција, напишана во духот на Преспанскиот Договор, за потврда и етаблирање на новоформираната „северномакедонска“ култура, идентитет и јазик, можам единствено, официјално да ви посакам добредојде во светот на идиократијата. Очигледно, по не знам кој пат, Македонија се покажа успешен пример на лабораториски глушец, каде што може да се тестира идиотизмот и затупеноста на еден народ, кој легитимно на избори бира вакви „елити“. Фактот дека медузите преживеале 650 милиони години без мозок, сигурно им дава надеж на многу луѓе кај нас!

Евтина и целосно непотребна кампања, за некакво признавање на нечиј идентитет, култура и јазик во полза на политички процес кај нас, кој од ден во ден тоне се подлабоко и процес кој нема јавна поддршка. Ваквата несвојствена и неразумна Резолуција за времето во кое живееме е чекор назад, наместо исчекор! Враќајќи не во во 19 век, повторно во таа идентитетска бара… Зошто го велам ова? Затоа што нашите предци, кои во своите вековни борби за извојување слобода и сопствена македонска државност, никогаш на историската сцена не најдоа поддршка во политиките на европските Големи Сили кон Македонија. Сигурно нашите прадедовци и дедовци би биле благодарни, доколку некоја ваква резолуција се најдеше на маса во големите европски престолнини, кога се договарале и кроеле картите и границите на новите и идни балкански држави. Напротив, не само германската, туку и целата европска дипломатија и политика, тогаш кога најмногу требало, не признавале македонска посебност, идентитет и јазик (секоја чест на исклучоците), вбројувајќи ги Македонците во бугарската, грчката и српската идентитетска матрица, но затоа пак се покажаа како верни поддржувачи на истите тие балкански хиени, кои во бројни војни, не само што целосно ја опустошија, на најварварски начин делејќи ја македонска земја, притоа правејќи ги Македонците монета за идентитеско поткусурување. Па затоа легитимно прашувам: чуму ни е вакво признавање денес, кога самите се изборивме за своја македонска држава, јазик и култура?! Кој парламент или држава денес, признава нечиј идентитет?! Ви благодариме! Но би сакала да ве потсетам дека и без Резолуцијата постоиме!

Имајќи во предвид дека денешниот македонски идентитет се темели на сите процеси од историската вертикала на целокупната територија на Македонија, од антиката до денес, кои го инкорпоритаат поимот Македонец и Македонија, без разлика колку тие идентитески и лингвистички низ вековите се поблиски или различни од нас денес, токму тие различни процеси не прават денес да бидеме она што сме – Македонци! Ќе го земам за пример Преспанскиот Договор, чие потпишување и имплеметација Германија го поздрави и прифати, во кој Договор, Македонија се откажа од античкото минато на својата територија и име во полза на Грција. Исто така, истата таа Германија, го поддржа и поздрави Договорот за добрососедство со Бугарија, со сите свои метастази кои се надвор од било кои европски и хумани вредности и рамки, во чии Протоколи Македонија ќе мора да разговара и преговора за своите идентитески обележја, чиниш повторно лабораториски глушец врз кои се вршат експерименти! И сето тоа во полза на Бугарија! Истата таа Германија ги прифати и поздрави таквите протоколи, чија содржина и импликации од истата се контрадикторни со наведената Резолуција донесена во Бундестагот?! Но ајде барем нека биде за домашна употреба, со истата некои ќе парадираат дека таму некаде – некој, бил на наша страна?! Веќе ги гледаме, го прават тоа… Евтини трикови, евтина политика!

И каков идентитет поддржа Германија во суштина со Резолуцијата? Ако се има во предвид дека со Преспа ги еленизиравме корените, со „добрососедскиот“ ги бугаризиравме и сè уште таквата бугаризација е на маса – Софија упорно не се откажува од истата, затоа имаме и вето! Кратко и јасно, германската Резолуција призна нешто ново од 1944/5 година наваму! Слично како во бугарските декларации и резолуции по однос на нашето постоење?!

Но не е виновна Германија, ние самите сме си виновни. Кривецот е кај нас! Ја знаеме вистината, ја гледаме вистината, но сепак сакаме да веруваме во лаги!

Related posts

АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА МАКЕДОНСКИ АРАМИЛУК

admin

ЖИВОТ ВО АМБИС

admin

Илинденски патрдии

admin

ПАРЛАМЕНТАРНИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ НА ИСТ ДЕН?!

admin

Адвокатот на Брејвик

admin

ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ОДРЖЛИВ, ИНКЛУЗИВЕН И ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

admin