Пишува: Фатмир Бесими
Државните обврзници се стабилна и безриризична инвестиција и начин за сигурно штедење. Но, финансиските советници започнаа се повеќе да ги препорачуваат како одлична можност за инвестиции и поради се поповолните услови кои се нудат за нив. Аналитичарка на Блумберг со својата оценка отиде дотаму, што ги нарече државните обврзници „нешто повеќе“ од привлечни. Аукциите на државните обврзници станаа дури толку интересни, што започнаа да го „рушат“ интернетот. Имено, кон крајот на минатата година, Министерството за финансии на САД буквално го урна интернетот со аукцијата на едногодишната обврзница „I Bond“, кога илјадници граѓани ја блокираа нивната веб-страница, обидувајќи се да купат обврзници. Дури и инвестициските одлуки на Ворен Бафет, покажуваат дека државните обврзници се посакувани во секое инвестициско портфолио.
Добрите, сигурни, државни хартии од вредност, со промената на монетарната политика на централните банки во светот и затегнување на финансиските услови, станаа посакувана инвестиција, која носи повисоки приноси во однос на многу други финансиски производи. Така на пример, ако американските обврзници пред кризата носеа принос понизок од 1%, сега тој е веќе 4% или 5%. Глобалните услови упатуваат на поволен период за инвестиции во овој вид на хартии од вредност.
Сега да се вратиме на нашиот пазар на капитал. Иако, малку развиен, карактеристичен за економија во развој, изминатата недела имавме значаен чекор напред во развојот на пазарот на капитал, поточно пазарот на хартии од вредност, преку издавањето на Проспектот за првата аукција на граѓански обврзници. Граѓанските обврзници се државни хартии од вредност, наменети за граѓаните, чија цел е мобилизација на средствата од приватниот сектор (домаќинствата), создавање нова можност за штедење и инвестирање од страна на физичките лица, како и развој на пазарот на хартии од вредност.
Првата аукција на граѓански обврзници во земјата ќе се одржи на 13 јули 2023 година. Аукцијата е со вредност од 600 милиони денари, со номинална вредност на една обврзница од 10.000 денари, рочност од две години и купонска камата на целиот износ од 5%. Граѓаните веќе можат во комерцијалните банки низ земјава да дадат барање за купување на овие обврзници и да ја уплатат сумата коашто сакаат да ја инвестираат. Во текот на следните две недели службите на Министерството за финансии ќе бидат на располагање да ги информираат граѓаните и да им помогнат при процесот за инвестирање во обврзниците. Оваа колумна, исто така, ја ставам во функција на информирање на јавноста, преку образложување на 5 причини зошто да се инвестира во оваа хартија од вредност.
Прва причина: Исклучително поволна каматна стапка
Со купонска камата од 5% и рочност од две години, граѓанската обврзница во моментот е една од најповолните хартии од вредност на пазарот, но и помеѓу финансиските производи воопшто. Ќе се обидам тоа пластично да го објаснам преку следниот пример. Граѓанската обврзница има купонска камата, што значи дека каматата која државата ја плаќа на имателот се исплаќа на повеќе пати, согласно утврдените рокови во Проспектот. Во случајот со граѓанските обврзници понудени на оваа аукција, каматата на имателот ќе му се исплати на 20.07.2024 и 20.07.2025. Тоа значи дека доколку некој сега инвестира 100.000 денари, на наведените датуми државата ќе му исплати камата од по 5.000 денари, или вкупно би имал принос од 10.000 денари за две години, или 10% од вредноста. При истекот на рокот на обврзницата, државата ја враќа и целата сума која граѓанинот ја инвестирал. Една обврзница има вредност од 10.000 денари, што е и минималната инвестиција која граѓаните можат да ја направат. Исто така, граѓаните ќе имаат можност да тргуваат со обврзниците на секундарен пазар, и тоа преку банките или директно на берза доколку има понуда и побарувачка за истите.
Втора причина: Сигурна инвестиција
Инаку, државните хартии од вредност кај инвесторите се познати како најсигурен инвестициски инструмент, бидејќи државата стои зад нив како издавач и ја гарантира нивната сигурност и сигурноста на приносот. Би сакал да истакнам дека од 2004 година, кога Министерството за финансии започна да издава државни хартии од вредност, за нив секогаш имало висок интерес од страна на институционалните инвеститори – банките и фондовите. Ова доволно говори за квалитетот на овие хартии од вредност. Граѓаните сега, исто така, ќе можат да ги ползуваат овие придобивки, со инструмент кој е дизајниран специјално за нив, со исклучително поволни услови и во поглед на рочност и во поглед на камата. Граѓанските обврзници нудат сигурност и од друг аспект, а тоа е заштитата на заштедите на граѓаните од ефектите од инфлацијата.
Процедурата за инвестирање кај граѓанската обврзница е исклучително едноставна. Граѓаните треба да појдат во некоја од комерцијалните банки и да поднесат барање за учество на аукцијата, како и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници. Барањето треба да биде доставено до банката најдоцна еден ден пред одржувањето на аукцијата. По завршување на аукцијата, барателите склучуваат договор и обврзницата се запишува на нивно име, а потоа како што доспеваат роковите, им се исплаќа каматата.
Трета причина: Проширување на инвестициското портфолио преку развиен пазар на капитал
Со инвестиции во граѓанската обврзница ќе се прошири инвестициското портфолио и диверзификација на ризикот за заштедите на граѓаните. Односно, тие ќе станат директни учесници на пазарот на капитал каде што ќе можат да одлучуваат за своите инвестиции и тоа ќе стане дел од навиката за управување со својот капитал во иднина.
Воведувањето на граѓанската обврзница значи новина во јавните финансии и финансискиот пазар кај нас, која е предвидена во нашите стратешки документи, Стратегијата за развој на финансискиот пазар и Планот за забрзување на економскиот раст со што ќе се овозможи и мобилизација на средства од приватниот сектор во равојот на земјата, слично на Јункеровиот план и други примери во развиените земји за што сум пишувал порано во моите колумни. Во истата насока е и нашиот национален План за забрзување на економскиот раст, кој предвидува амбициозна инвестициска агенда на подолг период преку координирано дејство на јавниот и приватниот капитал. Во Планот се предвидуваат и конкретни механизми како да се поттикне инвестициската активност од страна на приватниот сектор, како јавни-приватни партнерства, Гарантен фонд, но и нови видови државни хартии од вредност, кои секоја согласно својата намена ќе придонесе за постигнување на одделни општествени цели.
Покрај граѓанските обврзници, планирано е издавање и на развојни обврзници, кои ќе имаат за цел да го поттикнат финансирањето на развојните проекти во земјата, а ќе бидат наменети за банките, пензиските фондови и други институционални и правни инвеститори, но и за физички лица. Планирани се и зелени обврзници, кои ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти. Преку проектни обврзници, пак, ќе се обезбеди алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктурата, со кои институционалните инвеститори ќе можат да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност.
Сето ова ќе придонесе кон развивање на пазарот на капитал во земјава, а со тоа и инвестициската активност. Инвестициската активност, пак, ќе придонесе кон забрзување на економскиот раст.
Четврта причина: Борба со сивата економија
За крај оставив една многу важна придобивка од граѓанските обврзници – борбата со сивата економија, еден од главните структурни проблеми кај нас. Имено, проценките се дека скоро третина на домашниот БДП го „јаде“ сивата економија, која на сите нас ни ускратува подобри услови за живот, јавни услуги, јавни добра итн. Главен двигател на сивата економија е готовината, односно немањето евиденција за нејзиното движење, што овозможува избегнување на плаќањето на давачките. Наша цел е преку граѓанската обврзница да ја намалиме готовината во оптек, да ги поттикнеме граѓаните да ги извадат своите заштеди од фиоките и да заработат на нив. Граѓаните, покрај со своите средства во банка, ќе можат да купуваат обврзници и со готовина на шалтерите кај комерцијалните банки во земјава согласно важечката законска регулатива, почитувајќи ги сите меѓународни стандарди за борба против перење пари и финансирање тероризам.
Петта причина: Инвестирање во подобро утре, економски раст и развој
Како што може да забележи читателот, започнав првo да ги набројувам придобивките од граѓанската обврзница за поединецот – граѓанинот. И следната придобивка – „инвестирањето во подобро утре“ се однесува на лична корист, меѓутоа и за добробит на целото општество. Во едно неодамнешно интервју, новинарката ми постави прашање дали инвестициите во хартии од вредност на други држави е подобра инвестиција за македонските граѓани. Ова прашање допира до самата суштина зошто Владата се одлучи на овој чекор, односно да издаде граѓанска обврзница. Ако ние не им понудиме опција за вложување на граѓаните, тогаш тие своите средства ќе ги вложат надвор. Во тој случај друга држава ќе има средства да инвестира во инфраструктура и други јавни добра, ќе се развива и ќе им понуди подобар стандард на нејзините граѓани и подобри услови за живот.
Да објаснам поблиску. Средствата од граѓанската обврзница се наменети за буџетска поддршка, што значи дека истите ќе се искористат за сервисирање на тековните потреби, но и за развојните ставки во буџетот. Со оглед на фактот дека во Буџетот за 2023 година дефицитот е понизок од капиталните расходи, согласно фискалното златно правило, со граѓанските обврзници ќе се финансираат развојни проекти, со тоа и економскиот раст. Со други зборови, средствата кои граѓаните ги инвестираат во граѓанската обврзница ќе завршат во стопанството. Со инјектирање на средства во стопанството, тоа ќе произведува и ќе креира додадена вредност, ќе ја зголеми својата продуктивност, ќе инвестира, ќе отвора нови работни места, ќе плаќа даноци кон државата, која пак ќе има повеќе средства за инвестиции во капитални проекти, во унапредување на јавните услуги и подобрување на животот на граѓаните. Тоа е кругот во кој се наоѓаме сите и обезбедувањето на подобро утре зависи од сите нас.
Ова се дел од придобивките и истите од граѓанската обврзница се навистина многу. Се радувам дека голем дел од граѓаните веќе ги препознаваат и веќе има голем интерес, дури и пред да ја видат каматната стапка (личната придобивка). До аукцијата има две недели, оставивме повеќе простор во однос на редовните аукции на Министерството за финансии, за граѓаните да имаат време да достават барање. Во меѓувреме, ќе продолжиме да информираме за да ја олесниме постапката.
Имајќи ги предвид горенаведените придобивки би подвлекол дека инвестирањето во граѓанската обврзница е „нешто повеќе„ од привлечна инвестиција, тоа е безбедна инвестиција за подобра иднина, за сите наши граѓани што живеат тука или се во дијаспората. Граѓаните ќе остварат лични придобивки, а во исто време ќе придонесат кон општото добро и развојот на земјата. Како што рекол големиот американски претседател, Џон Ф. Кенеди: „Не гледај што може твојата земја да направи за тебе, туку што можеш ти да направиш за својата земја“.