5.8 C
Скопје
11 ноември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Коруптивен хаос

 

ПишуваКатерина Топалова

„Коруптивен хаос“ е идеален назив за да се опише она кое го живееме во моментов. Токму таквиот коруптивен хаос кој и се случува на Македонија, најинтензивно од кога и да е, деновиве ја доживува својата кулминација… Чинам дека веќе и навикнавме и отрпнавме до степен на апатичност, така што корупцијата престана и да не возбудува, што не било случај некогаш. Се чини дека механизмите за заштита од истата одамна не се функционални, агилни и активни, со тоа правајќи го македонското општество да биде целосно дисфункционално.

Зголемена нееднаквост, немање јавна одговорност, намалена политичка реакција, зголемена фрустрација која изискува непопуларни решенија до степен на тврдокорсност и радикалност, се само дел од симптомите кои ги јавува болното тело. Жална глетка и уште пожални воздишки. Но затоа патот кон ЕУ ни e јасно отворен, без задршки, со заштитен македонски јазик јуришаме кон еднаквите. Важно е да седиме на масата со останатите, макар и во инвалидска количка – ама да сме таму, со нив! А проблемите сами од себе ќе се решат, како што и се создале?

Истите оние надворешни фактори кои му кумуваа на ваквиот коруптивен хаос, што би рекол и еден од нив – поранешен до душа – „на балкански начин“, се чини им се удира од глава, им се враќа како бумеранг по нивно чело… Не едно писмо, стотици, илјадници писма, поплаки, апели, пресконференции и жалби да упатите во јавноста кон „злосторниците“ џабе ви е кога дрвцето кога сте го саделе, накриво сте го посадиле, затоа не очекувајте да расте правилно, како што треба.

Да! Испратеното писмо на австрискиот амбасадор во крајна мера е недипломатско и во секоја нормална држава ќе се смета за внатрешно мешање, особено имајќи во предвид дека се работи за злоупотреба на функцијата, во обид да се помогне на приватно правно лице да си наплати приватен долг. Арно ама, што ни кажува сето ова?! Без разлика колку амбасадорот и да не е во право, ваквиот апел може ќе придонесе една моќна елита да ги тргне рацете од судството и да започне процес на барање вистинска одговорност. Но тука се поставува повторно друго прашање: Кој треба да ја сноси вистинската одговорност? За нештата да бидат појасни, тоа треба да бидат истите оние кои молеа и плачеа по странските амбасади како потрчковци, максимално сервилни, без образ и достоинство! Власта е секогаш слатка, разбираме. Е, нивните де!

За една друга амбасада пак – една фотографија е илјада зборови! Истите тие на сликата заедно беа во отворена, јавна борба против криминалот, за сега нештата драстично да се променат или кажано со народен речник – замајување на јавноста! Како беше, да се потсетиме: да излеземе гордо и достоинствено и да гласаме за Рамиз Мерко! Истите тие денес не ни го познаваат, но се запознале негде со него на свадба во Велешта, а оние од сликата го оцрнија кутриот Мерко, додека тој, така лека полека, на струшката ривиера си ги листаше фото албумите! Истите тие амбасади и амбасадори вложија една гомила пари и средства за демек оправување на институциите, притоа не сфаќајќи, дека прават погрешен чекор. Дури отидоа дотаму што иницираа и создавање на паралелни институции кои требаше да се борат против криминалот и корупцијата, комплетно девастирајќи ја државата. Плодовите од таквите потези денес ги збираме сите, со огромна доза на гнев и лутина, затоа што очигледно сите сме биле наивни во погрешните странски политики кон Македонија. Затоа им е тешко денес да излезат на крај итарпејовци, но колку за потсетување – тоа се нивните итарпејовци! Срамно доведувајќи ја државата до степен на неоколонија, без никаков суверенитет! Но самите сме си виновни за тоа.

И додека чекаме еден трет амбасадор да им влезе во трага на милјардата евра дадени за ревитализација на македонскиот кревок систем, жртва токму на нивните политики, се обидувам да дадам одговор на неговото прашање каде се парите? Но, присетувајќи се на еден грст сочни одговори на истото прашање кои кружат по социјалните мрежи, веќе делува и невкусно да се бараат алтернативни одговори на ваквите прашања. Со цел да се заврши ваквата шарада која се одвива јавно преку медиумите, како утеха ќе се обидам да не размислувам повеќе на прашања кои можеби имаат реторички карактер?! Па кратко и јасно, не не прашувајте нас, прашајте ги тие на кому сте ги дале парите или што би рекле зајадливите – за промена на име, закони, устав, поткуп на пратеници и лов на гласачи или во најмала мера прашајте го оној како му беше името…. Кастриот! Тој сигурно знае!

Додека сите ние очајно бараме некакви одговори, во меѓувреме внукот на Ахмети со милионите или што би рекол Холанѓанецот – милјардите, си се вгнезди во Соравија, оставајќи ја Антикорупциска со отворена уста. Разбирам, како на нив така и на другиве стручњаци од Обвинителство, им треба време да го издегустираат случајот со струшкиот градоначалник, а во меѓувреме тој со последните сили како за крај на семестарот ќе подели уште неколку дипломи на стручниот партиски кадар, зголемувајќи го бројот на доктори во ДУИ.

Среќна Нова 49 – та… Повторно Скопје 2014 – та пред очите на прибрливата публика. Па што чекавте досега… Вака ли ќе им се удоволи на Ганчовци, со цел промена на Уставот! Ако не сакате да бидете сфатени дека правите притисок врз определена опозициска партија, требаше ова да го решите пред пет години… Очигледно случајот Тодоровиќ ни најавува жешко лето! Кој е следен на листата? Зад превезот на правдата, по се изгледа финансиските и европските интереси и вредности ќе испливаат на површина! Ајде нека биде за утеха – корупцијата сепак не е природна катастрофа! Ќе ја преживееме! Кога ние ја лажеме Владата, тогаш правиме престап. Кога Владата не лаже нас, тогаш тоа се вика политика!

Related posts

ИНТЕГРИТЕТОТ НА НОВИНАРИТЕ, УСЛОВ ЗА НЕЗАВИСНА УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА

admin

Опасна политичка апатија

admin

Да беше Хичкок жив…

admin

Со каква намера Србија ја вооружува војската?

admin

Интервјуто на Путин: „ток-шоу или сериозен разговор“

admin

Докторски дуел за претседател

admin