7.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ЕКЛЕКТИЦИЗАМ: ИСТОРИСКИ ФАКТИ И ПРОЦЕСИ!?

Бугарските аргументи и напади кон македонската посебност во увото на Македонцот, звучат вака: Нилскиот коњ има розева урина! – ни велат од Софија. Додека македонскиот одговор на ваквиот факт е следен: Од кога беше откриен до кога беше декласифициран како планета, Плутон не направи целосна орбита околу сонцето. Процес…

Пишува: Катерина Топалова

„Кога размислуваме за минатото, тоа се убавите работи кои секогаш ги издвојуваме. Сакаме да веруваме дека сето тоа било така.“ Оваа мисла на добитничката на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2016 година, писателката и поетеса Маргарет Атвуд, можеби најсликовито ги доловува нашите денешни претстави и перцепции за историските случувања и личности од историјата кои не инспирираат и поттикнуваат. Да ги гледаме и да се огледуваме единствено на убавите и добрите работи од минатото, кои не поучуваат и водат во иднината…

Но дали ваквото разбирање за минатото ни дава целосна слика за него? Дали отфрлањето на се она што не ни се допаѓа во нашата колективна меморија, прави да имаме скршена перципија за неа? Се разбира дека ДА! Колку повеќе сме селективни во нашиот избор меѓу убавото и грдото, толку повеќе ја искривуваме вистинската слика за нештата. Затоа секогаш треба правилно да ги поставуваме прашањата кои не мачат и сериозно да им пристапиме на одговорите од истите.

Затоа легитимно е да прашам: Дали и до кој степен македонската историографија е еклектична? Дали и останатите историографии на Балканот се еклектични? Ако одговорот е ДА, редно време е да се запрашаме зошто е тоа така и кои се причините за таквото селективно гледање на минатото? Имамаме ли придобивки од сето тоа?!

Историски, еклектицизмот за првпат бил забележан и практикуван од група хеленски  и римски философи кои не се приврзале на ниеден реален систем, туку ги избрале од постоечките философски верувања оние доктрини што им се чинеле најразумни, свесно правејќи селекција на материјата. Ваквата перцепција води кон проблематично читање на минатото, кое пак не индоктиринира на погрешен начин по однос на разбирањето, за во догледно време кај оние несозреани и кревки општества да создаде проблеми од најразновиден карактер. А, оној политичкиот пак, секогаш испливува на површина како најопасен.

Гледајќи во историјата можам само да констатирам дека фактите си се факти, и нивното менување е фалсификат. Интерпретацијата на истите е она што не разликува – мисловно, територијално, етнички итн. Интерпретацијата прави да имаме разлика во гледиштата, кои пак не делат натаму по најразлична основа. Во зрелите општества различното интерпретирање на историските фактите не создадава проблеми, додека во слабите општества со колонијалистички или пак протекторатски карактер и тоа како може да влијае во нарушување на постулатите на државност и сувереност, генерирајќи проблеми од секаков вид. Ќе го земам примерот на револуционерот Гоце Делчев, актуелна политичка тема во очи на чествувањето на неговиот роденден 4-ти февруари.

Дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин? Прашање кое во 21- от век не би ни требало да претставува загадтка, затоа што денешното разбирање на историските процеси го прави ирелевантно… Ликот и делото на револуционерот, треба да зближува, а не да оддалечува! Но што е тоа што во суштина не оддалечува? Фактите или интерпретацијата на истите?! И кому тоа му смета?

Во зрелите општества ваквите теми се сведени на ниво на најсофистициран дадаизам, на кој и еден Марсел Дишан би можел да подзавиди… Да поедноставам, бугарските аргументи и напади кон македонската посебност во увото на Македонцот, звучат вака: Нилскиот коњ има розева урина! – ни велат од Софија. Додека македонскиот одговор на ваквиот факт е следен: Од кога беше откриен до кога беше декласифициран како планета, Плутон не направи целосна орбита околу сонцето. Процес… Ваквата поставеност на нештата не прави да бидеме изгубени во историјата! Но не само ние!

Факти и процеси…

„Имаш свој начин. Јас имам свој начин. Што се однесува до вистинскиот, правилниот и единствениот начин, тој не постои“ – што би рекол Ниче, „нема факти, само толкувања.“ Или кажано со философска итроштина, и нашите толкувања се подлежни на толкувања! Од фактите и процесите, токму оттаму, ние денес го црпиме целосниот легимитет на нашето засебно постоење. Се надвор од ваквата перцепција е борба со ветерници… Она што историјата не успеала да го материјализира денес, е залудно изгубено време во дебата или било какви политички расправии… Онаа материја која историјата ја канализирала во денешницата е единствената вистинска материја подлежна на политичка и општествена интерпретација, во спротивно толкувањата ќе ни се разводнат како ланскиот снег, безуспешно и непродуктивно. А она пак што историјата го заборавила таму негде меѓу вековите, ќе си остане засекогаш закопано во неа – тука лежи предизвикот на историчарите да откријат „чудовишта“ со кои ќе треба да во иднина да водат вистински мегдан. Но да не заборавиме дека сето тоа не може ни за милимитар да ги наруши процесите кои се случувале и се случуваат…

Поуката доаѓа од перото на философот: „Кој се бори со чудовишта треба да внимава при тој процес да не стане чудовиште. И ако гледаш доволно долго во бездна, бездната ќе погледне повратно во тебе.“

 

Related posts

Анализа на Дојче веле / „Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

admin

КАКО ДО ДОЛГОРОЧЕН МИР ВО РЕГИОНОТ?

admin

Соочување во Скопје: Дали сè уште можеме да соработуваме?

admin

Под лупа: Хеј, каде води сето ова?

admin

ЗОШТО НЕ СЕ НАЦИОНАЛИЗИРА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?

admin

Американците се бесни

admin