7.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ЗОШТО НЕ СЕ НАЦИОНАЛИЗИРА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?

Што може да направи владата за да ги ублажи последиците од оваа криза? Штедењето и субвенционирањето на компаниите за справување со кризата може да ја ублажат состојбата, но не и да ги спасат компаниите. Експертите велат дека доколку владата навистина сака да ја спаси економијата од кризата која ја погодува, треба да донесе само една одлука…

 

Пишува: Џелал Незири

 

Владата на Северна Македонија одлучи од 1 септември да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, која ќе трае еден месец. Причината е високата цена на струјата на меѓународниот пазар и недостигот од енергенси, како последица од руската агресија во Украина.

Сите во Европската унија (ЕУ) се подготвуваат за тешка зима, или деценија на непредвидливи зими токму поради недостигот на енергија. Ако пред 2021 година секоја цена над 50 евра за мегават час (MWh) се сметаше за скапа, сега цената на европскиот пазар достигна близу 600 евра за мегават час, дванаесет пати поскапа во период од една година. На регионалниот пазар на Балканот оваа цена е околу 660 евра за MWh, што многу им тежи на компаниите кои работат во земји со помалку консолидирани економии. Овој тренд на пораст се очекува да продолжи и во иднина, што создава големи неизвесности за економијата и социјалната состојба на граѓаните во земјава.

Разликата во месечните сметки што ги плаќаат фирмите е преголема и станува неподнослива. Ако пред една година, во истиот период, плаќаа месечни сметки од 5 илјади евра, сега достигнуваат и до 100 илјади евра. Намалувањето на работните места или привременото затворање на компанијата веќе се гледа како опција за многу сопственици, но тоа може да остави илјадници работници без приход. Губењето на работните места тогаш би предизвикало нови социјални немири, особено ако се земе предвид и поскапувањето на струјата за домаќинствата.

Што може да направи владата за да ги ублажи последиците од оваа криза?

Штедењето и субвенционирањето на компаниите за справување со кризата може да ја ублажат состојбата, но не и да ги спасат компаниите. Експертите велат дека доколку владата навистина сака да ја спаси економијата од кризата која ја погодува, треба да донесе само една одлука: НАЦИОНАЛИЗИРАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР! Овој сектор е најпрофитабилниот во Северна Македонија, кој носи милиони евра профит на играчите во овој бизнис. На пример, годишната добивка на ЕВН во 2019 година беше близу 34 милиони евра, што ја издигна оваа компанија во Топ 10 најпрофитабилни компании во земјава. Истата година, државната компанија ЕСМ забележала добивка од 3,1 милиони евра, МЕПСО 88,7 милиони евра, а голем профит имаат и приватните компании кои се дел од енергетскиот бизнис. Новите податоци за заработката се нејасни бидејќи некои големи играчи ги заматуваат со циркулирање на капитал во неколку компании-ќерки, создадени во меѓувреме.

Што значи национализација на приватната сопственост?

Национализацијата е правен инструмент со кој државата презема сопственост на некој приватен имот за да го реализира или заштити јавниот интерес, што секоја влада има право да го прави. Ова право е регулирано и со резолуцијата на ОН, број 1803, од 1962 година, во која, меѓу другото, се вели: „Национализацијата, експропријацијата или конфискацијата мора да се засноваат на причини од јавна корист, безбедност или национален интерес кои ги надминуваат тие лични или приватни интереси, без разлика дали е локална или странска“.

Она што би се постигнало со евентуалната национализација на енергетскиот сектор е одржување на цените на струјата на нормално ниво, што би ги спречило компаниите да продолжат да заработуваат милиони во време на голема државна и социјална криза. Овој инструмент е користен во неколку кризи кои ги доживеаја Германија, Австрија, Грција и други европски земји. Франција во меѓувреме ја национализираше својата најголема нуклеарна централа. Во Велика Британија е претставена иницијативата за национализација на петте најголеми енергетски компании. Во Германија од април годинава е предложен амандман на Бундестагот за усвојување, со кој ќе и се овозможи на владата да ги национализира енергетските компании и да ја преземе контролата над нив.

Владата не треба да ја направи грешката на кризата предизвикана од СОВИД-19, кога не донесе одлука за национализација на приватните болници додека пандемијата не се стави под контрола. Слободата приватните болници да заработат милиони за време на кризата со коронавирус ги чинеше граѓаните не само пари, туку и животи. Ова се докажа во случајот со скандалот „Нечиста крв“, скандал со приватната болница Жан Митрев што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Искористувајќи ја безизлезната состојба на пациентите со КОВИД-19, оваа болница им изврши хомофилтрација на крвта, а потоа им испорача фактури од 5-20 илјади евра. Во повеќето случаи, семејствата биле принудени да ги плаќаат тие сметки, иако нивниот роднина го загубил животот токму од бактеријата што ја добил при хемофилтрација на крвта.

Сега, кога енергетската криза се уште ги прави првите шокови, не смее да се повтори истата грешка како во кризата со коронавирус.

Related posts

Зошто власта и опозицијата не можат да договорат изборни датуми?

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin

Многу врева за ништо? Позиционирање на партиите во Северна Македонија и што да очекуваме од изборите во 2024 година

admin

СИТЕ ДИЛЕМИ ЗА 28 НОЕМВРИ

admin

ИНТЕГРИСТИТЕ И ПОТРАГАТА ПО ВНАТРЕШНА КОХЕЗИЈА

admin

Ода на глупоста

admin