25.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗАНАСЛОВНА

Нуклеарен армагедон: Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се топи

Пишува: Денко Малески

„И тогаш западните нации не ќе можат да седат во своите чисти домови, смеејќи се на тоа како внимателно ја ослабуваат Русија преку прокси војна.Се ќе биде во пламен околу нив. Нивниот народ во целост ќе ја собере својата тага. Земјата ќе биде запалена а бетонот ќе се стопи“. Ова не се зборови на некој современ џихадист кој така го чита Куранот туку на Димитриј Медведев, заменикот на Путин во рускиот Совет за безбедност, кој се повикува на Библијата. Од поодамна задолжен за закани и уцени со нуклеарна војна, Медвдев се надмина себеси повикувајќи се на Откровение 9:18 во кое се предупредува: „Од овие три зла, од огнот, од димот и од сулфорот што излегуваа од нивните усти, загина третина од луѓето“. Отсекогаш сум мислел дека да се користат светите книги како повик за војна зборува за состојбата на умот на заканувачот а не за книгите.

Се почна со падот на Берлинскиот зид кога Советскиот сојуз ја загуби Студената војна и реши да ја повлече руската моќ од Источна Европа назад во своите национални граници. Како по некој закон на политичката физика, оваа осека на руската моќ од Источна Европа ја следеше плима на моќта на Америка и на Западот кои го пополнија вакуумот. Крај на историјата? Дефинитивна победа на либералниот модел на демократијатија во врз автократијата? Свет на човекови права? Свет без војни, зашто демократиите не војуваат меѓу себе? Сега знаеме дека тоа зависело од успехиот на руските политичари да ја трансформираат својата држава. Услов за модернизација и демократизација на Русија, рече тогаш славниот Солжењицин, е да се ослободи од „потеченото меше“ (underbelly), мислејќи на советските републики. Само така, заклучи тој, Русија ќе може да се доведе во кондиција за економски и политички да се натпреварува со Западот како дел од демократските држави. Но, Владимир Путин, знаеме денес, бил со поинакво мислење, па го прогласи токму растурањето на Советскиот сојуз за најголемата геополитичка грешка. Кога ја наследи власта од Јелцин, Путин, со помош на рускиот авторитарен модел на управување го среди хаосот во земјата и по извесно колебање дали кон членство на Русија во НАТО и кон демократија, се определува за познатиот руски систем на лична власт. Така, тој денес го надмина и Сталин по години на владеење.

Кога Путин,во февруари, ја отпочна агресијата врз Украина, заканата со нуклеарна војна не ги поколеба Америка и ЕУ да почнат сесрдно да ја помагаат Украини со оружје и пари. Алтернативата беше да се остави Русија да ја проголта Украина. Тоа, во меѓународната политика, чие друго име е power politics, знае да биде уште поопасна опција од сегашната која со оружје и со пари го помага отпорот на Украинците. Зашто, кој гарантира дека лесна победа врз Украина би значела мир а не зголемување на руските апетити за нови територии? Таквата политика на попуштање, пак, како што ни покажува историјата, водело кон светска војна. Но за едно нема дилеми: светот се тетерави врз нуклеарната бездна. Нервозата која ја демонстрира Медведев од поддршката на Западот за Украинците покажува дека руската „специјална акција“ не се одвива по план и дека поддршката на Западот вистински ја слабее Русија. Оттаму и страшната закана на Медведев, деновиве, дека Русија нема бескрајно да чека да заслабне туку може прва да удри со нуклеарно оружје. Конечно, воените аналитичари се согласуваат дека единствена шанса за некаков успех на Русија во евентуален нуклеарен конфликт е прва да удри затоа што во спротивно би била збришана од еден сојузнички Западен нуклеарен напад. Ќе има ли нуклеарна војна? Тоа не можеме да го исклучиме. Нуклеарното оружје постои и како закана но и за да се употреби. Нашата надеж дека мирот сепак ќе надвладее е во сознанието дека е многу полесно да се закануваш со нуклеарна војна отколку да почнеш една.

Related posts

Села жестоко удри по албанските опозициски партии

admin

ЕУ со нов план за економски раст на Западен Балкан

admin

МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ ВО ЕРА НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА: ВАЖНОСТА НА ПАРАДИПЛОМАТИЈАТА

admin

Ќе паѓаат ли цените на становите?

admin

Пропустите во дигитализацијата на матичните книги фрлија сенка врз заштитата на податоците на граѓаните

admin

Таравари до министерот Шаќири: Запри ја партизацијата на Тетовскиот универзитет

admin