14.8 C
Скопје
25 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗАНАСЛОВНА

ПУТИН:„НЕ БЛЕФИРАМ“, ЗАПАДОТ: БЛЕФИРАШ

Пишува: Денко Малески

 

Како да се сочува ладнокрвноста и да не се подлегне на стравот и паниката од руската уцена со нуклеарна војна? На почетокот од руската агресија врз Украина уцената беше сите да стојат на страна додека Русија не ги расчисти сметките со „нацистите“ од Киев. Заканата беше засилена со наредба на Путин да се стави на највисока спремност нуклеарниот арсенал на земјата. Западот беше уценет со светска војна па побрза да изјави дека нема да влезе во војна на страна на Украина. И согласно старото сценаријо на советските интервенции во Источна Европа тоа и ќе се случеше доколку се разбегаше украинското раководство и се предадеше украинската армија.  Но, немаше реприза на настаните од времето на Студената војна кога, зафатени од антисоветски немири, руската армија, во рок од неколку саати, ги прегази Унгарија, Полска и Чехословачка. Овој пат, триесет години по прогласувањето на својата независност, Украинците собраа доволно храброст и воља да му се спротистават на рускиот агресор определувајќи го така текот на војната. Америка и Западот се соочија со ситуацијата сосема спротивна од минати обиди да ја одбранат демократијата кај народи и влади кои не се спремни да се борат за неа. Украинскиот народ и украинската влада покажаа дека се спремни на жртви за својата слобода. Америка, ЕУ, НАТО и сите демократски држави застанаа во поддршка на Украинците да ја бранат својата демократија на военото поле. Со правдата на страна на Украина, Западот верува дека ова е моделот за успех.Оттука и силната воена и финансиска поддршка која, очигледно, резултира со успех. Но, сега дилемата на Западот е како да и се помогне на Украина без да им нанесат преголема штета на сопствените држави и народи – од недостиг на руски гас до нуклеарна војна.

Инцијално отфрлајќи ја идејата за мобилизација, Путин денес најави делумна мобилизација на 300,000 војници дел од кои ќе се враќаат дома во црни пластични ќеси. Колку тоа ќе го разбранува јавното мислење во Русија останува да се види, исто како што допрва ќе ги видиме политичките последици по личниот режим на Путин од таквите бранувања. Претпоставка е дека, со ова засилување, Русија ќе се стави во одбрамбена позиција во обид да го сочува земјениот коридор освоен од Украина кој го поврзува Крим со руското копно. Во меѓувреме, тие региони ќе прогласат независност и припојување кон Русија а руската Дума ќе ја легализира анексијата. Но, Украинците се одлучни да ја повратат својата територија и се спремни на нови жртви. Да се ослободат окупираните територии и да се уништи индустрискиот и воен комплекс на Путин станува заедничка цел меѓу Украина и Западот. Ако продолжи дотурот на оружје и се одржи високиот морал на Украинците не е исклучена победа на Украина против Русија во војна со конвенционално оружје. Но, тука не е крајот на приказната. Нуклеарните сили поседуваат и нуклеарно оружје. Ставени пред дилемата да признаат пораз и да се повлечат или да фрлат атомска бомба, Американците признаа пораз и се повлекоа од Виетнам и од Авганистан. Соочени со нескршливиот борбен морал на Јапонците во текот на Втората светска војна и за да ги прекинат американските човечки загуби, Труман нареди нуклеарен напад врз Хирошима и Нагасаки. Дилемите околу одлуката се страшни дури и во услови на светска војна. Да се донесе денес одлука да се спржи со земјата непријателскиот народ не е лесно. Какви би биле последиците по моралот на руската нација чие водство посегнало по најстрашното оружје на светот е друга тема. Путин вели „Не блефирам“. Блефираш, му одговара Западот.

 

 

Related posts

СДСМ ги одреди носителите на кандидатските листи

admin

Тешка стратешка грешка

admin

„Скршени тела, тела без екстремитети и крвопролевање на шините“: Страшна железничка несреќа во Индија

admin

Економијата во 2024: Има ли надеж за пооптимистички тонови?

admin

САМИТОТ ВО ТИРАНА НЕ БЕШЕ САМО СИМБОЛИЧЕН

admin

Тројца кандидати за пратеници на изборите во С. Македонија членуваат во странска политичка партија

admin