16.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

КАКО ДО ДОЛГОРОЧЕН МИР ВО РЕГИОНОТ?

Европската унија (ЕУ) е досега најсовршениот проект на либералната демократија. Членството во унијата не се остварува ниту со окупација, притисок или условување, туку со апликација. Секоја од државите аплицираат за членство, обврзувајќи се притоа дека ќе ги прифатат и култивираат основните вредности на Унијата, како што се човечки дигнитет, слобода, демократија, рамноправност и владеење на правото.

Пишува: Џелал Незири

Реализмот ги карактеризира меѓународните односи во последните 150 години. Првата и Втората светска војна, како и Студената војна, не успееја да создадат амбиент во кој главна улога во зачувување на мирот би имале меѓународните институции, а државите би се воделе од таканаречениот меѓународен морал.

Дел од оваа слика секако дека е и Балканот, регион кој најчесто е синоним на национализам, омраза и војни меѓу државите кои живеат таму. По завршувањето на Студената војна и со почетокот распадот на Југославија во 1990, реализмот стана единствениот пристап во односите помеѓу народите, а потоа и помеѓу ново-создадените држави.

РАЗЛИЧНИ ПРИСТАПИ ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ

Реализмот и либерализмот остануваат главните политички теории во меѓународните односи. Приврзаниците на реализмот веруваат дека во светот владее анархија па затоа е потребна државата за да ги заштити нејзините граѓани. Државите се во постојан конфликт меѓу себе за да ги заштитат нивните национални интереси па затоа треба да бидат единствениот фактор во овие односи. За остварување на овие цели на државата, според реалистите, не треба да бидат пречка вредностите, начелата или разумот. Безбедноста на државата е главна цел на реалистите и, за да се постигне тоа, потребно е да се обезбеди рамнотежа на силите помеѓу државите. Државите, според приврзаниците на оваа теорија, ако се во постојана ситуација на можен конфликт и непријателство, не треба да бидат зависни едни од други. Меѓународните институции или наднационалните унии не треба да ги детерминираат или заменуваат националните интереси на секоја држава одделно.

Од друга страна, либералистите велат дека државите се важни актери во меѓународните односи, но не се единствените. Во овој контекст значајна улога може да играат и актери од политичкото, граѓанското и економското општество, како што се невладините организации, стопанските комори, здруженија на граѓани итн. Наместо анархија, либералистите гледаат пооптимистички во односот на државите, истакнувајќи можен ред и хармонија заснована врз меѓународни морални вредности. Затоа вредностите, начелата и разумот ги стават пред тесните државни интереси. Различно од реалистите, либералистите гледаат одлична можност за постигнување и зачувување на мирот во рамките на меѓународните институции, како што се ММФ, СТО, ООН, ЕУ и НАТО.

Реалистите претпочитуваат конкуренција, додека либералистите соработка. Додека првите мислат дека влијанието може да се постигне само со употреба на „тврда сила“, како што е воената интервенција, вторите налагаат употреба на „мека сила“, т.е. влијание преку дипломатски канали, со понуда на фондови, пазари, искуства, инвестиции и други придобивки за државите.

Соработката со други држави либералистите ја условуваат со демократски вредности, почитување на човечки права, дигнитет и слободи. Тие веруваат дека, ако државите споделуваат исти демократски вредности, многу е мала веројатноста да влезат во директен судир. И обратно – демократиите се склони на војни со авторитарни, диктаторски и други облици на недемократски режими. За реалистите е небитно дали државата со која соработуваат ги култивира овие вредности, доволно е таа соработка да е од интерес на државата и нејзината безбедност.

“Извозот” на демократија, вредности или меѓународен морал кон трети земји, според нив, е губење на време и ресурси. Како примери ги наведуваат случаите со Ирак и со Авганистан, каде САД не успеа да воспостави демократски систем за функционирање на тие држави.

МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ НИЗ ИСТОРИЈАТА 

Во античка Грција историчарот и генерал Тукидидис ги гледал односите помеѓу државите од сосема друг, реалистички агол. Тој смета во односите меѓу силите доминира најсилниот. Силниот, според него, прави тоа што мора да се прави додека слабиот прифаќа тоа што мора да се прифаќа.

Николо Макиавели во неговото дело “Принцот” вели дека моралните вредности не мора да бидат запазени кога е во прашање интересот на државата. Неговото дело е напишано по период на војни и немири помеѓу италијанските републики. Во неговото дело Макиавели вели дека за да ја зачува безбедноста и државата, водачот треба да владее со „силна рака“, без разлика дали тоа е во спротивно од моралните вредности, религијата или хуманоста.

На иста линија со Макиавели е и филозофот Томас Хобс, кој се смета како еден од основачите на политичкиот реализам. Тој вели дека општеството без владеење е во состојба на природата. Во таа состојба сите се против сите, додека поединците се осамени, сиромашни, лоши, груби и мали. Хобс, како поборник на апсолутизмот, вели дека не може да постои една држава без моќен владетел. Неговата идеја е дека на секое општество му треба апсолутен владетел, кому секој ќе му се покорува бидејќи тој би бил непобедлив и никој не би се осмелил да ги оспорува правилата што тој би ги поставил. Целта на овој голем владетел, според Хобс, би била да спречи луѓето да се уништуваат едни со други. Тој нема оптимистички пристап кон човекот во состојба на природата. Овие ставови ги напиша во делото “Левијатан”, одма по граѓанската војна во Англија во XVII век, немири што ги обликуваа неговите идеи за моќна влада што ќе спречи самоуништување на општеството.

Од друга страна го имаме филозофот Џон Лок, конституционалист и мислител кој се смета како основоположник на либерлизмот како политичка теорија. Тој се спротивставува на апсолутизмот на Хобс и се обидува да ја ограничи моќта на власта со закони и устави. Тој вели дека човекот има права дадени од природата, односно од Бога, кои се неприкосновени, како што се: слободата, животот и имотот. Онаму каде Лок се согласува со Хобс е дека овие три природни човекови права се премногу тешки за одбрана во природна состојба, без управување. Значи, некој што е посилен може да ви ја ограничи слободата, да ви го земе имотот, дури и животот. За да се гарантираат овие природни права, Лок вели дека мора да се подготви социјален договор што ќе биде одобрен и почитуван од сите, што денес е познат како Устав. Владеењето, според Лок, има должност да го спроведе овој социјален договор и да ги заштити слободата, животот и имотот на секоја индивидуа. Ако не го стори тоа, тогаш граѓаните имаат право да ја соборат таа моќ преку револуција. Во овој случај, општеството се враќа во природната состојба и од самиот почеток гради нова влада, способна да ги заштити основните права.

КАКОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК ИМАМЕ?

Откако републиканецот Доналд Трамп беше избран за претседател на САД во 2016 година, неговата прва средба беше со Хенри Кисинџер, теоретичар, автор и бивш државен секретар. Од овој момент аналитичарите во САД и Европа најавија дека новата доктрина на Трамп во меѓународните односи нема многу да се разликува од неговата изборна програма, насловена како „Америка прва“.

Кисинџер е познат приврзаник на реал-политиката, кој не верува дека меѓународните институции би можеле да бидат гарант на глобалниот мир и безбедност. (Реал-политиката се однесува на политиките кои подразбираат прагматизам, т.е. вреднување на политичките пристапи и теории преку призмата на резултатите кои можат да ги дадат. Реализмот како политичка теорија, пак, преставува филозофија која ги третира односите во меѓународната политика.) Тој верува дека конфликтот може да биде рационално средство ако тоа е единствениот начин за заштита на националните интереси, додека рамнотежата на силите и вистинскиот светски поредок е единствениот начин за да се одржи глобалниот мир. Како државен секретар на САД служел во периодот 1969-1977, и се смета како еден од најуспешните во историјата на оваа држава. Тој е познат по релаксирање на односите со Советскиот сојуз и Кина. Во една од неговите последни дела „Светки поредок“, објавена во 2013, тој смета дека биполарниот свет завршил со Студената војна, додека од 2008 година светот почнува да станува мултиполарен. Кисинџер верува дека не секоја цивилизација може да споделува исти вредности како Западна, осврнувајќи се притоа на неможноста демократијата да соживува со исламските држави. Според него, новиот светски поредок треба да се заснова врз неколку регионални сили, кои би ја презеле одговорноста за да ја зачуваат светската безбедност. Затоа, работејќи на неговата нова доктрина, Трамп ги разниша транснационалните односи со ЕУ додека во НАТО гледаше како во една безбедносна структура од која придобивка имаат сите членки, но цехот го плаќа САД.

Ставајќи ги државните интереси на САД пред вредностите кои беа изградени од либералистите и идеалите на конструктивистите, Трамп се обидуваше да ги девалвира меѓународните институции (ОН, НАТО, СЗО…) преку повлекување од меѓународните договори, како и преку наметнување на еднострани решенија.

Десничарите, воглавно, своите пристапи кон меѓународните односи ги базираат врз реализмот како политичка теорија, а нивните дејствија во меѓународната политичка сцена се воглавно реал-политички. Но, оваа не мора да значи дека е правило. За време на мандатот на Трамп, бившата Германската канцеларка Ангела Меркел се сметаше како светски политичар кој го држи во живот мултилатерализмот и вредностите на либералната демократија. Меркел беше претседател на ЦДУ, десничарска партија според идеологијата која ја има. Од друга страна, одлуката за повлекување на силите од Афганистан до крајот на август 2021 година новиот претседател на САД, Џо Биден, ги образложи со зборовите дека оваа мисија ја постигна целта со елиминација на Осама бин Ладен, како одговорен за терористичките напади врз САД во 2001. Притоа не се зеде предвид фактот дека демократските вредности се под голема опасност од Телебаните, како теократски режим склон потиснување на човековите права и слободи.

ОДНОСИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Реализмот како пристап во обидите да се изнајде решение за спорот Белград-Приштина остана доминантен. Во процесот на преговорите продолжуваат да учествуваат само владите од двете држави, кои се водат исклучиво од државните интереси. Државите во овој спор се единствените актери, без притоа да бидат вклучени останати чинители на општествено-политичкиот живот од двете држави, како што се актери од цивилното или економското општество.

Дијалогот помеѓу двете држави, кој започна во 2012 година, досега произвел 36 договори со кои се предвидува олеснување во движењето на луѓе и капитал, како и други теми од интерес на обичниот човек, но само неколку од нив се спроведени, и тоа делумно. Според договорот од 2015 година, постигнат во Брисел, Косово се обврза да создаде Асоцијација на општини со мнозинство етнички срби, која би имала и извршна моќ во образованието, безбедноста и судството. Но истиот не успеа да се спроведе заради прогласување за неуставен од страна на Уставниот суд на Косово. Во целиот процес реалистичката школа е водечка парадигма за двете држави, кои на прв план ги имаат државните интереси, а не вредностите кои се сржта на либералистичката школа.

Во односите помеѓу Албанија и Србија во последните години преовладува либерализмот како теорија. Двете земји, заедно со Северна Македонија, се дел о иницијативата Опен Балкан, која се уште не е дефинирана дали е комплементарна со Берлинскиот Процес започнат од страна на Меркел во 2013 година, како и со Процесот за стабилизација и асоцијација на ЕУ, или пак ги исклучува тие европски иницијативи. Согледувајќи ги можностите од обединување на капацитетите на Западен Балкан (Србија, Албанија, Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора), кои не преставуваат пазар со повеќе од 18 милиони жители, Албанија и Србија се убедени дека со Опен Балкан земјите од овој проблематичен регион би влегле во една друга помирна, попрогресивна и посодржајна фаза, каде државите не би се гледале како конкуренти, туку како соработници во постигнување на заедничките цели. Ако ЕУ е најуспешниот продукт на либерализмот, тогаш Опен Балкан би бил копија од европскиот модел.

Проблемот на Северна Македонија со Бугарија заради јазикот и историјата, со Грција за името на државата и со Србија за автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ), извира од класичниот реалистички пристап на соседните земји, кои ја користат нивната посилна позиција за да наметнат решенија кои се во склоп на нивниот дефиниран национален интерес. Северна Македонија со сите овие земји се соочува(ше) со асиметричен однос, каде Грција и Бугарија ја користат позицијата на членството во НАТО и ЕУ за да наметнуваат решенија каде се запазени претежно нивните државни интереси. Прашањето со Србија е од религиозен карактер, но истовремено зад кулисите ги инволвира и државите. Земајќи го предвид фактот дека автокефалната црква во православието претставува еден од значајните столбови на етничкиот идентитет, интересот на државата Србија се надзира токму во овој сегмент, т.е. оневозможување на засилување на идентитетот на Македонскиот народ а со тоа и зачувување на огромното влијание кое се одвива токму преку структурите на МПЦ.

 

 

Related posts

МЕНГЕМЕ НА “ТОЛПАТА“ НА ГУСТАВ ЛЕ БОН

admin

Докторски дуел за претседател

admin

Попова Шапка е туристички центар, не е свето место

admin

Еурофобија.мк

admin

НЕМА КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

ninja

Осигурителната полиса на НАТО не важи за луѓето што решиле самите да си ја запалат куќата

admin