САД се една од петте држави што обезбедиле меѓународна правна помош за прибавување докази во истрагата за „Скопје 2014“. Ова е го потврдија од прес-службата на Стејт департментот во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, пренесува Инбокс7.
Одтаму велат дека САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал и искоренување на корупцијата.
Основното јавно обвинителство во петокот соопшти дека спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица за злоупотреба на службена положба и перење пари за 11 споменици, при што наводно биле испрани над 16 милиони евра буџетски пари.
„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, изјави портпарол на Стејт департментот.
Во изјавата стои дека „ лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.
Меѓу осомничените во истрагата, со кодно име „Феникс“, се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, и ексминистрите за финансии и за култура Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска.
Ексградоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ доби мерка куќен притвор, а изречени се и други мерки притвор и полесни мерки за обезбедување на осомничените.
Истрагата утврдила дека за леење на спомениците „Воин на коњ“, „Гоце Делчев“, „Даме Груев“, „Методија Андонов – Ченто“,„Основачи на ВМРО“, „Цар Самоил“, „Јустинијан Први“,„Никола Карев“, „АСНОМ“ и лавовите поставени на мостот „Гоце Делчев“, биле исплатени над 57 милиони евра, а постои сомнение дека биле испрани на 16 милиони евра кои завршувале на различни банкарски сметки.
Според официјалните информации на Обвинителството, кои беа презентирани на прес-конференција, кривичното дело било извршено во перидот од 2007 до 2013 година.
САД неодамна го ставија на црна листа градоначалникот на Струга Рамис Мерко за вклученост во значајна корупција, а лани ги означија и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.
И заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер, за Гласот на Америка на македонски во четвртокот, рече дека е важно за регионалната и глобална безбедност Северна Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото.
„Се разбира, ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно“, рече Бојер.