По Методологијата и Европската политичка заедница, Макрон доаѓа со друга, стара идеја: Европа со две брзини. Сите овие идеи го забавија процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Во случајот со Северна Македонија, може да има сериозни политички последици, имајќи предвид дека процесот на уставни измени е веќе започнат.
Пишува: Џелал Незири
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел предложи Европска унија (ЕУ) со две брзини уште во 2011 година. Оваа идеја, за која се разговараше и со тогашниот француски претседател Никола Саркози, предизвика многу дебати, реакции и сомнежи кај членките на Источна Европа, но и кај земјите аспиранти. Идејата за Европа со две или повеќе брзини е стара колку и самиот проект на ЕУ и подразбира различни нивоа на интеграција. До одреден степен ова е реалност бидејќи не се сите членки на ЕУ подеднакво интегрирани. Покрај членството на Унијата, постојат уште две нивоа – еврозоната и Шенген зоната.
Но, сега кога проширувањето на ЕУ кон Балканот станува геополитичка ургентност, повторно се бараат нови модели на продлабочување.
Актуелниот претседател на Франција, Емануел Макрон, ја оживеа идејата за Европа со две брзини. Пред една година, за време на предавање на Универзитетот во Прага, тоа го побара и германскиот канцелар Олаф Шолц. Ова навестува дека оваа идеја продолжува да се развива и по заминувањето на Меркел и Саркози од европската политичка сцена. Станува константа која има за цел да се претвори во план кој има за цел да ја направи ЕУ поефикасна, но помалку рамноправна. Тоа е затоа што голем дел од одлуките веќе нема да се носат со консензус од сите членки, туку од членовите кои имаат економска и политичка моќ да ги спроведат тие одлуки. Тоа значи дека земјите кои не се дел од еврозоната нема да имаат право да го блокираат европскиот буџет или оние кои не се дел од првите шест (или 12) земји основачи на ЕУ ќе немаат право на вето на стратешките одлуки на ЕУ.
Дебатата за „Европа на две или повеќе брзини“ повторно ја отвори претседателот Макрон, бидејќи пред четири години ја отвори дебатата за новата методологија на преговорите за членство или пред една година ја лансираше идејата за формирање на Европската политичка заедница. Сите негови идеи се прифатени и имплементирани, но интеграцијата на шесте земји од Западен Балкан (Албанија, БиХ, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Косово) се повеќе се одложува.
Фактот што од 2013 година Европската унија не прифати ниту една нова членка, предизвикува фрустрација кај лидерите од овој регион. Албанскиот премиер Еди Рама на форумот во Блед дури иронизираше со проширувањето на ЕУ. „Ако мислите да ја интегрирате Украина побрзо во ЕУ поради војната, тогаш и ние да започнеме да војуваме едни со други“, рече Рама. Од минатата година статус на земји кандидати добија и Украина и Молдавија, со што станаа вкупно 8 земји во европската чекална. Ниту најавата на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, дека до 2030 година треба да има проширување, не ги ублажи критиките на балканските лидери. Уште повеќе кога Мишел беше „искаран“ од претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која рече дека фокусот останува на исполнувањето на критериумите, а не датумите.
Оваа фрустрација е очекувавана по речиси десет години затворање на вратите на Европа. Процесот на проширување означи дури и назадување: во 2016 година Велика Британија ја напушти Унијата.
Ова е најдолгото одложување на проширувањето на ЕУ од 1957 година. Во оваа година, Германија, Франција, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург ги поставија темелите на Унијата. Беа потребни 16 години за во 1973 година Унијата да се прошири со Велика Британија, Данска и Ирска. Така, ЕУ порасна од 6 на 9 членки. Подоцнежната динамика на проширување беше побрза, поради што ЕУ денес брои 27 членки. Последната земја што се приклучи беше Хрватска во 2013 година.
Северна Македонија прва го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година и доби статус на земја кандидат во 2005 година, кога Србија и Црна Гора сè уште беа една федерација. Во 2009 година ја доби првата препорака на Европската комисија за почеток на преговорите. Но, преговорите беа спречени поради ветото од Грција за името, од Франција за новата Методологија и неодамна од Бугарија за историјата.
Пред една недела земјава го започна процесот на уставни измени за да се имплементира токму францускиот предлог, со кој беше отстрането бугарското вето. Овој предлог предвидува уставни промени во РСМ со кои, меѓу другото, во преамбулата се предвидува да бидат вклучени и етничките Бугари. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии гласови се клучни за изгласување на измените во Собранието, бара власта да почека и да не го спроведе Предлогот. Се чини дека идејата на Макрон оди во прилог на овој став, иако одвојувањето на РСМ од пакетот со Албанија и неговото оставање во група со БиХ и Косово несомнено носи големи ризици. Ова го кажа и високиот американски дипломат, Габриел Ескобар, при неговата минатонеделна посета на Скопје.
Може повторно да избие нова криза поради немањето јасна европска перспектива. Балканските фрустрации често избувнуваат во конфликт.