4.8 C
Скопје
18 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Метастаза на умот

Новинарите традиционално се многу внимателни за она што го објавуваат. Има многу случаи кога новинарите разговараат со власта што треба и што не треба да објавуваат за да не предизвикаат штета. Во Македонија конечно треба да се случи  радикализација на новинарството, до тој степен што веќе не треба да постои таква грижа и обѕир при одлучувањето дали да се објават или не тајните информации, затоа што повеќе од очигледна е злоупотребата на политичката функција на потпросечниот македонски политичар.

Пишува: Катерина Топалова

Постојат тајни за кои јавноста нема право и не смее да ги дознае?! Па така во едно демократско општество, го даваме нашиот глас на онаа владејачка структура којашто ќе се грижи за нашата лична и колективна безбедност, а за државните интереси и да не говорам воопшто, тоа е нешто што се подразбира. Тајните кои Владата ги крие од сопствениот народ, со една единствена цел, заштита на државниот поредок, уредување и безбедност се секогаш општествено оправдани, но доколку владата умислено и  организирано, крие и работи зад грбот на својот народ во корист и личен интерес на поединци, нешта поврзани со определени криминални дејствија на избрани функционери или политичари, тогаш не постојат никакви оправдувања и изговори. Одговорност мора да има!

Доказите и целокупниот документарен материјал што го објави ИРЛ во својот најнов истражувачки проект „Убиство во Тетово“ – изградбата на модуларните Ковид – 19 болници, на виделина ги исфрли сите грозотии, подлости и манипулации, поврзани со  првите луѓе на државата, како и целокупниот порив и борба за максимална злоупотреба на државните позиции и функции од страна на истите, систематизирана кражба и општествено позиционирање со цел лично богатење. Сето тоа кога ќе биде направено на грбот на граѓаните или уште пострашно на нивната мака е во крајна линија монструозно, запрепастувачки и за најстрога осуда, јавна и институционална.

Но што е разликата меѓу она што ние, како јавност, го знаевме за случајот,  а се разликуваше од она што го дознавме од сторијата на ИРЛ? Новинарите на ИРЛ го аргументираа сето она за што се говореше како јавна тајна, сето она кое ние како јавност го знаевме, но во целата наша апатичност и континуирани шокови приредени од нефункционалноста на институциите на премногу полиња и за премногу важни прашања, не успеавме соодветно да го артикулираме во јавноста.

Новинарите традиционално се многу внимателни за она што го објавуваат. Има многу случаи кога новинарите разговараат со власта што треба и што не треба да објавуваат за да не предизвикаат штета. Во Македонија конечно треба да се случи  радикализација на новинарството, до тој степен што веќе не треба да постои таква грижа и обѕир при одлучувањето дали да се објават или не тајните информации, затоа што повеќе од очигледна е злоупотребата на политичката функција на потпросечниот македонски политичар.

Слободното судство и обвинителство должни се да обезбедат и да ја одиграат финалната игра во која сите ќе играат според истите правила, дури и богатите и моќните. Во реалноста, обвинителството и судството играат формална улога како чувари на основните вредности на општеството и се извор на конзистентност за време на периоди на политичка нестабилност. Но генерално, владите во Европа, каде што Македонија не е исклучок туку одамна потврдено правило, се обидуваат да ги контролираат своите обвинители и судии. Токму ваквиот партнерски однос на здружено двовластие, видливо во приказната на ИРЛ за модуларните болници, ја поткопува демократијата и ги ослабнува нашите основни права. Целосната ерозија или круна на ваквата забранета љубов меѓу власта, обвинителството и судството, по не знам кој пат си го покажа својот подмолен и корумпиран лик, кој навикнавме да го гледаме со децении како грда слика која треба да не потсети на целиот неморал, неетичност, бескрупулозност и нечесност, на овие институции кои не само што ги загрозуваат директно човековите прави и слободи туку постепено стануваат и поткопувачи на државниот ред и поредок, свесно доведувајќи ја државата до раб на пропаст и потенцијална мета за поголеми геополитички манипулативни игри.

Моќта на парите е толку голема што го блокира разумот и метастазира во умот.

Но, ваквите обелоденувања и акции се само почеток, во никој случај крај, со цел ефективност во борбата против олигархијата во Македонија, којашто се покажа како најголем штетник и непријател на граѓанинот и државата, на сметка на своите лични и бизнис интереси.

Иако сѐ уште не сме во состојба да го спречиме канцерот, сепак ваквите новинарски истражувања нѝ ветуваат, дека можеме преку често обелоденување на фактите и аргументите, барем повеќекратно да ги оперираме како јавност сите нивни метастази кои ќе се појават во болното тело на државата.

Related posts

БАЛКАНИЗАЦИЈА

admin

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ИЗБОРНАТА ЛЕГИСЛАТИВА ВО ОДНОС НА РЕКЛАМИРАЊЕТО НА БИЛБОРДИ

admin

Европско државјанство за луѓе од Турција, Украина и Велика Британија? Зошто да не?

admin

ИСТОРИСКО РЕМЕК-ДЕЛО

admin

МЛАДИТЕ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

admin

Историјата фрла долга сенка врз плановите за проширување на ЕУ

admin