17.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ГОЛЕМ ШОК ЗА МНОГУ ПОЗНАТИ РАБОТИ

Изборот на Ислам Абази за прв човек на обвинителството за борба против организиран криминал предизвика голем шок кај многумина. Всушност шок е големиот шок и оптимизмот како после толку години некој се надевал на поинаков исход.

Пишува: Катерина Топалова

Немал програма ама имал желба, немал план но покажал визија, немал партиска позадина ама имал симпатии од колегите. Гостиварецот ги освои срцата на 66 колеги кои веруваат оти токму тој е вистинскиот човек за да ја води институцијата која ќе ги брка „големите“ риби.

„Иако немав програма, јас бев во постојана комуникација со јавните обвинители и им ја изложував мојата визија, програма и проект како ќе биде и како ќе раководам со обвинителството“, изјави Абази, кој на првото појавување пред новинарите се пофали оти фелата верувала во неговата искреност и праведност.

Што е должен Абази да пишува програма и да прави планови кога на пауза со кафе, секој ден им раскажувал на колегите како е најдобро. И успеал! 66-мина му поверувале! Замижале пред ситниот детал веројатно со аргументот – а големо фајде па од овие претходно што пишуваа програми и ја водеа институцијата!

Иако досега не работел предмети од областа на организиран криминал, Абази вели дека новата функција му е предизвик и тврди дека имал доволно искуство и работа на предмети за кои се изрекувани и казни од 40 години затвор за тешки кривични дела.

Замислете кога за главен хирург во операциона сала би пуштиле матичен лекар на кој иако нема никакво искуство со тешки интервенции, предизвик му е да направи операција на мозок!

Ова ме потсети на муабет со еден добар пријател пред неколку години кога го прашав дали свири пијано, тој ми рече – не знам дали знам да свирам! Јас изненадена му велам – како не знаеш дали знаеш? Па вели – не знам, никогаш не сум седнал да пробам да свирам ама имам голема желба!

Абази застанува на чело на обвинителството за борба против организиран криминал во ист период кога САД испраќа нова амбасадорка во земјава. Анџела Прајс Агелер рече оти е загрижена за нивото на корупција во земјава и дека токму борбата со ова зло ќе биде нејзин фокус.

Нека и е со среќа на Агелер!

Нека му е со среќа и на Абази, неговиот Дедо Мраз подрани годинава, ама се надевам еуфоријата ќе го држи и кога ќе се наредат лампионите! И нема потреба од љубомора и лоши коментари, камо среќа сите да имаме амбиција и да си поставиме предизвици пред себе, да бираме со кој пиеме кафе и во што го убедуваме и кој знае, може и нам среќата ќе ни се насмевне!

Со среќа обвинителе! Лесно ти е тебе со такви добри колеги и уште понаивна нација која лесно дава шанси за така високи позиции!

 

Related posts

Не се доволни само стратегии, потребна е политичка волја и силни реформирачки лидери

admin

Дете уби дете

admin

РЕПРОГРАМ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ И ФИНАНСИРАЊЕ НА РАСТОТ ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗИ

admin

ТЕМПИРАНА БОМБА

admin

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИОТ ПРОЦЕС

admin

Зошто власта и опозицијата не можат да договорат изборни датуми?

admin