20.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ПОД ИСТРАГА ДВА МИЛИОНСКИ ТЕНДЕРИ НА „СЕРТА“ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВЛАДИНИ ИНСТИТУЦИИ

Во два наврата приватната фирма за чистење „Серта“ добила тендери од владини институции со наводно лажни документи, велат извори од Финансиската полиција и од Владата за Радио Слободна Европа. Против „Серта“ се води истрага во Обвинителството за начинот на кој ја измамила државата, за да добие милионски тендери.

Предистрагата која една година ја водела Управата за финансиска полиција, покажува дека станува збор за истата шема како фирмата Трансмет, чии сопственик Сеад Кочан е осуден на 6 години затвор, токму за таква измама. Трансмет со лажни документи за купена механизација добивала милионски тендери од РЕК Битола.

Серта за да ги исполни критериумите наведени во тендерот пред комисијата за јавната набавка прикажала фалсификувани фактури за купени стотина подвижни колички и машини за чистење и два пати во тендерска постапка осомничената фирма за чистење Серта со владината Служба за општи и заеднички работи склучила договори, велат извори од истрагата и вработени во СОЗР за РСЕ.

Извори од Финансиска полиција за РСЕ велат дека инспекторите на терен не ги нашле машините и количките со кои Серта на хартија ги исполнила критериумите за да го добие тендерот.

„Серта во прилог на понудата доставува фактури дека такви колички се набавени , а всушност не се, ниту некогаш биле. Ние целата механизација и физички и сметководствено ја проверивме, немаше такви колички. На фактурите е наведена жиро сметка на Халк Банка. Фактурите се од 2009 и 2010 година. Во тоа време Халк Банка не работела ниту била отворена во земјава“, велат извори од Финансиска полиција.

Халк банка ги откупи акциите на ИК банка во 2011 година.

Од компанијата Серта ни одговорија:

„Секако ви е познато дека и самото ваше прашање за својството на наведената фирма и нејзиниот сопственик е инкриминирачко. Но во должност за одговор на вашиот интерес треба да имате во вид дека во постапка пред Јавното обвинителство до овој момент фирмата и лицето немаат својство на осомничени“, се вели во нивниот писмен одговор.

На прашањето дали е точно дека фирмата Серта, како што е наведено во соопштението на Обвинителството, со лажни документи односно фалсификувани фактури учествувала на тендери за јавна набавка – услуги за одржување на хигиена демантираат.

„Во одговор на второто прашање треба да имате во вид дека за потребите на јавната набавка за услуга за одржување на хигиена, фирмата не располагала со лажни или фалсификувани исправи“, пишуваат во одговорот до компанијата.

Директорот на СОЗР Пеце Мирчевски ни потврди дека е отворена истрагата против Серта, но договорот со нив и натаму се спроведува.

„Во врска со Вашите прашања кои се однесуваат на преземени дејствија од страна на СОЗР кон економскиот оператор ДПТУ СЕРТА ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, со кој е во договорен однос, а поради отворена истрага кон операторот, Ве известуваме дека согласно актуелниот Договор за јавна набавка, не е констатирана ситуација која укажува на спротивно постапување на одредбите од истиот од страна на економскиот оператор, туку истиот се спроведува согласно уреденото,“одговори писмено Мирчевски

На прашањето на РСЕ дали на терен вработените на СОЗР по отворање на истрагата провериле дали се точни наводите од истрагата како и дали чувстува одговорност како директор на СОЗР чиј потпис стои на спорните тендери кусо посочи :

„Службата, како орган на државна управа, постапува единствено само во рамки на своите утврдени надлежности со Одлуката за нејзиното основање и во согласност со позитивната законска регулатива и не презема дејствија од надлежност на други институции, од која причина не постои простор за одговорност.“

Бизнисот со чистење на државни згради „тежи“ милиони евра

Серта само во изминативе 3 години со СОЗР склучила договори во вредност од 4,9 милиони евра евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. СОЗР не е единствената државна институција со која оваа фирма склучувала договори за чистење. Таа добила тендери за одржување на хигиена и од Царина, МВР, Агенција за национална безбедност, ЈСП, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Вкупниот износ на тендерите кои ги добила од 2017 година до сега од државните служби изнесува 11 милиони евра.

Во овој бизнис за чистење и одржување на згради и објекти на терен работат речиси сто компании. Но, првите десет на ранг листата на финансискиот портал „Пари.мк“ се токму оние кои најчесто добиваат тендери од државните институции. Само во пандемиската 2020 година во нив се слеале 16,3 милиони евра што е за 2,2 милиони евра повеќе од претходната година, покажуваат податоците од „Бизнис мрежа“.

Прва на листата е Серта, со вкупен приход за 2020 година од 4,2 милиони евра, а веднаш по неа со 2 милиони евра помал приход е нејзиниот партнер во тендери фирмата „Бапал Благој“. Трета на листата е „Хауз мајстор плус“ која остварила приход од 2,1 милион евра.

Обвинителство – Свесно се повредени постапките за тендерот за чистење

Обвинителството на 20 октомври објави дека е отворена истрага против правно и физичко лице кое свесно ги прекршил прописите за тендер за чистење на владини институции од СОЗР( Служба за општи и заеднички работи).

Сопственик и управител на фирмата Серта основана во 1993 година е Спасо Ѓоргиев, покажуваат податоците од Централниот регистар. Тој по одлука на судот остана без пасош и не може да вади пари од банакарската сметка на Серта.

Обвинителството засега објави дека истражува два спорни тендера во вредност од над 4 милиони евра. Првиот тендер чија вкупна вредност изнесува над 4 милиони евра е од 2018 година кога „Серта“ била задолжена за чистење. Првиот дел нод тенедерот се однесува на редовно одржување на хигиена во владините згради и подрачни единици на министерствата по цена од 37 до 53 денари за исчистен метар квадратен, покажуваат јавно достапните податоци од Биро за јавни набавки.

Вториот дел од истиот тендер како дел од конзорциумот и припаднал на фирмата „Бапал Благој ДООЕЛ“ во вредност од 3,3 милиони евра и се однесува на тековно одржување на државните објекти.

Вториот тендер кој е предмет на истрагата на Обвинителството е склучен во 2021 година.

Таа година според податоците објавени на Бирото за јавни набавки Серта со СОЗР склучила договор во вредност од 4,2 милиони евра. И во овој тендер, вториот дел од понудата го добила фирмата „Бапал Благој ДООЕЛ“ основана во 1993 година. Нејзин основач е Благој Панов додека управител на оваа компанија е Александар Панов. Вториот дел од тендерот бил во вредност 3,4 милиони евра, покажуваат податоците од Биро за јавни набавки.

Вториот дел од тендерот кој го добила фирмата „Бапал Благој“ се однесува на техничко оддржување на владините згради и институции кое подразбира постојано достапни хаусмајстои, со свои пикап возила, комбиња и патнички возила, камион дигалка со корпа од 25 метри висина и машини за тврди подови.

Вториот тендер кој е предмет на истрага укажува дека фалсификат фактурите никој не ги забележал, посочува обвинителството. И тој е склучен со СОЗР во 2021 година.

„Повторно врз основа на лажни документи, бил склучен договор со осомниченото правно лице како носител на групната понуда и му биле исплатени 21.497.105,50 денари со ДДВ (или 349.546 евра) за извршување на обврските по јавната набавка, односно 40 отсто од вкупниот износ на договорот“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Од Влада ни одговорија дека сите постапки за јавни набавки се јавни и транспарентни и на нив може да се јави секој економски оператор. При изборот на стоките или услугите се избира најповолната понуда, и се побаруваат одредени официјални документи и информации, одговараат од Владата на прашања на РСЕ.

„За веродостојноста на поднесените документи кривично одговара апликантот, а нивна верификација може да вршат само истражни органи. Доколку постои каков било сомнеж во врска со веродостојноста на кој било сегмент од јавна набавка, секое физичко или правно лице има право да поднесе претставка до истражен орган кој ја истражува во понатамошна постапка и утврдува дали постои кривично дело или не“, одговорија од Владата

Во однос на прашањето – Дали се планира прекин на договорот за јавна набавка поради истрагата која се води против компанијата за чистење и нејзиниот сопственик, од Владата велат дека не може да коментира предмети што се во обвинителска или судска постапка.

Третата фирма се жали на условот со дактилографките

Интересен детал во тендерите е што како критериум во договорот за чистење на згради се бараат и дактилографски услуги. За 18-те дактилографки, колку што се барало со тендерот, државата во 2018 платила 10 илјади евра месечно или 600 евра месечно по дактилографка.

Дел од договорот на Серта склучен со СОЗР во 2018 година
Дел од договорот на Серта склучен со СОЗР во 2018 година

Во 2021 година третата фирма која што конкурирала на јавната набавка за оддржување на хигиена „Перпетумобиле клининг“ до Државната комисија за жалби во јавните набавки поднела жалба.

Жалбата била одбиена поради недоставена банкарска гаранција, иако таа се однесува на критериумите кои, како што вели „Перпетумобиле Клининг“ ,влијаеле значително на ограничувањето на конкуренцијата. За нив еден од проблематичните критериуми на тендерот е фирмата која конкурира да има вработено 19 дактилографки колку што има добитникот на вториот дел од тендерот.

„Дактилографските и стенограмските услуги ниту се идентични ниту сродни со услугите за тековно оддржување (електроника, водовод и итн) што е спротивно на Законот на јавни набавки наведени во спецификациите и со тоа неоправдано се ограничува конкуренцијата меѓу економските оператори“, се вели во жалбата.

Од фирмата „Перпетумобиле Клининг“ во жалбата навеле дека по увидот во понудата на нивната конкуренција се отворил сомнеж кај нив за законитостата на приложените фактури.

За танго се потреби двајца- тендер сам не се мести

Обвинителството води истрага само за првиот дел од двете набавки и осомничена е само фирма и нејзиниот сопственик. Според кривичниот законик сторителот на кривично дело – злоупотреба на повик за јавна набавка може да се казни со најмалку три години затворска казна.

Од Обвинителството велат дека во оваа фаза на постапката не можат да одговорат на нашите прашања дали истрагата е проширена и кон директорот на СОЗР Пеце Мирчевски, чии потпис стои на спорните договори, како и за втората компанија Бапал Благој која го добива вториот дел од набавката.

Ова истрага е втора за фирма за чистење за која Обвинителство се сомнева за измама во начинот на кој го добива тендерот. Првата фирма за која е отворена истрага за тендер од 2015 година е за сега веќе непостоечката „Секјуриком“ која тогаш беше задолжена за чистење во речиси сите државни институции.

Разликата во истрагата за неа отворена во 2018 година е што покрај сопственикот на фирмата Австриецот Вонфганг Гампер, осомничен беше и поранешен директор на СОЗР Васе Доневски кој помина неколку месеци во притвор. Сомнежот беше дека тогашниот директор од ВМРО-ДПМНЕ, Доневски незаконски подготвил терен само „Секјуриком“ да учествува на тендерот и така без пречки да дојде до бизнисот вреден повеќе од 10 милиони евра. Предметот е вратен на повторно судење и во тек се судски рочишта на кои е присутен само обвинетиот поранешен директор Доневски, додека обвинетиот Гампер е во бегство.

Според извештаите на невладината организација Центар за граѓански комуникации кои следи јавни набавки еден од најчестите проблеми се „димензионирањето на критериумите“ со кои се намалува конкуренцијата меѓу фирмите. Дополнителни проблеми се и меѓусебното договарање на фирмите кои учествуваат во јавните набавки.

„Од година во година расте бројот на фирмите кои изјавуваат дека постои договарање меѓу нив пред одржувањето на е-аукциите. Годинава 62 отсто од фирмите сметаат дека постои вакво договарање, за разлика од лани, кога потврдно одговорија 60 проценти на фирмите“, се вели во последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации.

Повеќе од половина од фирмите кои учествуваат на јавните набавки тврдат дека во нив има корупција./RSE

Related posts

Денков: Не се менува бугарската позиција кон РСМ

admin

Средба Пендаровски-Агелер, во фокус – евроинтергацискиот процес

admin

ЕУ ќе купува оружје за Украина и ќе забрани руски медиуми

ninja

DW: Паралелна држава – приватни средби за државни проекти

admin

Битката за уставни измени може да трае до редовните избори

admin

Која „беса“ ќе победи- за независно или партизирано судство?

admin