8.8 C
Скопје
8 октомври, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Провладини апологети со анатема за БРИКС

Не можам да се согласам дека „не треба да се размислува на вакви теми. Да не ги следите глобалните трендови бидејќи веќе припаѓате на одредена група е како да кажете јас сум во куќа, нема потреба да следам временска прогноза. А надвор можеби, можеби се подготвува невреме што може да ја однесе вашата куќа

 

Пишува: Сашо Клековски 

Инспириран од самитот на БРИКС во Јужна Африка, минатата недела текстот „Another BRICS in the World“ го посветив на промените во глобалните трендови во евроатлантскиот наспроти пацифичкиот регион, Запад наспроти Кина или сојузот Змејмечка (Dragonbear) на Кина и Русија. Поентата не беше да се застапува некакво членство во БРИКС туку дека Македонија, како членка на евроатлантската група, треба да ги следи овие промени, нивните политички и економски последици. Не застапувам членство во БРИКС, но да не се преценуваме, и да сака некој, безначајни сме за БРИКС. Неочекувано, текстот посветен на БРИКС, но и други текстови за БРИКС предизвикаа лавина од напади, осуди од провладините апологети, кои фрлија анатема врз БРИКС. Но зошто тоа би било неочекувано, напротив, треба да биде очекувано!

Има студии што покажуваат дека либералните и левоориентирани граѓани помалку прифаќаат аргументирана дебата отколку десноориентираните граѓани. Но нашите провладини апологети не се ниту либерално ниту левоориентирани. Тие се само опортунисти и клиентелисти, кои за да му се додворат на патронот, кој некогаш бил во Белград, сега е во Брисел, Вашингтон, Лондон, се нафрлат на сѐ што проценуваат дека му пречи на патронот и се безмилосни во тоа. Инаку, и во западни медиуми имаше написи за „безначајноста на БРИКС“, но тие се повикуваат на аргументи, не на лични дисквалификации. Еден француски аналитичар најдобро одговори на сите написи за „безначајноста на БРИКС“, со „многу време трошите за аргументирање на нешто што е безначајно“.

Во еден од коментарите на мојот напис беше речено „со 1,5 милион жители, мултиетничка држава со 1 милион дијаспора на Запад, не треба да размислува за вакви теми, туку дебело да се позиционира онаму каде што е и да искористи сѐ таму каде што е“. Сигурно се согласувам со повеќе поенти, со неприкосновеноста на нашата припадност на политичкиот Запад, на Европа и на ЕУ, со потребата на усогласување на нашите политики, вклучувајќи ја и надворешната политика со ЕУ, со нашата безначајност како 1,5 милион жители, како што напишав погоре, и да сака некој, Македонија нема да биде примена во БРИКС итн. Но не можам да се согласам дека „не треба да се размислува на вакви теми“. Да не ги следите глобалните трендови бидејќи веќе припаѓате на одредена група е како да кажете јас сум во куќа, нема потреба да следам временска прогноза. А надвор можеби, можеби се подготвува невреме што може да ја однесе вашата куќа.

И повторно, мојот текст не беше застапување на некакво приближување кон БРИКС, туку исклучиво следење огромни промени во светот во кој живееме. За почеток тие што напаѓаат би можеле и да го прочитаат текстот, а не да плукаат само со виден наслов. За тие што пропуштиле, ќе повторам неколкуте поенти за светот што се менува и прераспределбата на глобалната моќ.

Како се прераспределува моќта? Земјите од Г7 имаат околу 10 проценти од светското население и околу една третина од глобалниот бруто-производ. БРИКС има над 40 проценти од светската популација и повеќе од една четвртина од глобалниот бруто-производ. Тоа што донекаде фасцинира е брзината на промените! Ако се споредува БДП – ПКМ (паритет на куповна моќ) пред неполн половина век, во 1980 година, Г7 претставувал 52 процента, а БРИКС 15 проценти, за само за 30 години, во 2015 година, двете групи да се изедначат на 31 процент. Оттогаш БРИКС преминува во водство и во 2020 година односот е БРИКС 34 проценти, Г7 29 проценти, со проекции дека разликата ќе се зголемува во користа на БРИКС.

Но уште поважни се промените надвор од споредбата на БРИКС и Г7. Доколку пред половина век големото мнозинство од топ 10 економии беше од евроатлантскиот регион, сега мнозинството е во пацифичкиот регион, со Кина, Јапонија, Индија и Индонезија и, секако, САД и Русија. Радикалност и драматичност на промените се илустрираат со споредбите на поранешните колонијални сили и нивните поранешни колонии. Во споредбите и на БДП-ПКМ, но и на БДП, Индија го надминува својот некогашен владетел Велика Британија, Мексико ја надминува Шпанија, Индонезија ја надминува Холандија. За последните, пред помалку од половина век, Холандија имала 10, и со зборови, десет пати поголема економија од Индонезија, за сега Индонезија да има трипати поголема економија од Холандија.

Тоа се информациите, а што ќе направиме ние со нив зависи од нас. Германија е наш најголем трговски партнер, но доколку Кина станува најголем извозник на возила, дали тоа ја менува позицијата на автоиндустријата во Македонија, дали ја загрозува или не? Доколку расте раздвојувањето меѓу САД и Кина, дали се отвораат можности за Македонија? Или, пак, повеќе на ниво на јавни политики, кои се факторите што се зад овие тектонски промени?

 

Авторот е аналитичар* 

*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / 

Ставовите се лични

Блог www.megjutoa.mk @sklek 

Related posts

На погреб на мртвите работници од Коридор 8

admin

#MeKryeministrin

admin

Мојата другарка Гзиме

admin

Буџетот за 2024 година: Високи капитални расходи, натамошно намалување на дефицитот

admin

Крстопат

admin

Па, оттука, што и да било, како и да било, зошто баш нему, на Mицкоски, и кој тоа, кога, каде, како и што тоа му нудел – приказна ќе има

admin